Куманово останува чевларски град – чествувањето на Свети Спиридон, децениска традиција на чевларите

Чевларите од Куманово, го прославија Свети Спиридон, заштитник на занаетчиите. Манифестацијата ја организираше Здружението на чевлари кои со децении ја практикуваат оваа традиција. Со желби за добро здравје и напредок се собраа во црквата „Свети Ѓорѓи“ каде со години го одбележуваат празникот. Годинава за кум беше избран Александар Масевски кој заедно со стариот кум, Фросина Петровска им посакаа успех, здравје на вработените од секторот.

– Со децении го прославуваме чудотворниот светец Спиридон заштитник на чевларите, кумството се пренесува од едни на други колеги се крши колач се пренесува сликата која цела година се чува во фирмата. Убава традиција е која ја слават чевларите, изјави Фросина Петровска, сопственичка на фирма.

Кумството го презема Александар Масевски кој се надева дека идната година ќе биде уште подобра за чевларската индустрија.

– Она што се надеваме е дека квалитетот ќе го надмине квантитетот на увезени производи, изјави Масевски.

Куманово се развиваше во индустриски град токму поради вековната традиција во изработка на чевли. Во периодот на индустријализацијата, општествените промени, Куманово во не толку далечното минато броеше шеесетина мали, средни и извозно ориентирани компании. Добрата изработка, квалитетот, следењето на модните трендови е она по кое се препознатливи производителите на чевли од градот не само во државата, туку и во регионот и Европа.

Во еден период индустријата генерираше околу 5 000 работници, дел од поранешниот гигант „Чик“. Денес веќе на прсти можат да се избројат погоните. Една од малкуте фирми, извозно ориентирани е на Звонко Ѓорѓијевски која извезува за Германија и Италија. Нема застој, ниту прекин во производството. Партнерите се задоволни од производството, од квалитетот, и како што вели немал рекламации. Фирмата произведува спортски чевли кои се продаваат во ексклузивни бутици во Германија и Италија. Од здружението велат дека Куманово ги следи негативните европски трендови на затворање на чевларските претпријатија. Недостиг на квалификувани работници, незначителен извоз, наплив на помалку квалитетни, но евтини чевли се причина за затворањето на погоните. Сепак, проблем за компаниите е недостиг на млад кадар како и на стручни луѓе за одржување на машините за производство, за што речиси и да нема интерес.

– Функционираме во овие услови, такви какви што се, некогаш поуспешно, некогаш помалку успешно, не се жалиме многу оди добро, има 80 вработени, луѓе кои работат подолг временски период од 20 до 30 години, некои се со нас од 1991. Дел се од поранешната држава, дел од кадарот тука почнаа, имаме и млади кои се едуцираат, изјави Ѓорѓијевски.

Министерството за економија и труд преку секторот за претприемништво и конкурентност на малите и средните претпријатија (МСП), настојува да го подобри деловното опкружување, да се поттикне конкурентноста и да се поддржи развојот преку програми, јавни повици и мерки за кофинансирање. Финансиската поддршка како што појаснуваат оттаму вклучува субвенционирање и кофинансирање на трошоци за инвестиции, како и развојни проекти, директно преку годишни програми финансирани од буџетот на државата што ги спроведува Министерството.

– Субвенционирање на занаетчии: кофинансирање на набавка на алати/машини и дизајн на производи. Кофинансирање на сертификации: 40 проценти од трошоците за ISO сертификации и HALAL сертификации (со ограничување на износите). Овие мерки обично се наменети за микро, мали и средни компании и занаетчии што исполнуваат законски регистрирани услови и имаат минимум вработени, велат од Министерството за економија.

На чевларската индустрија на располагање и се линии на кредити и финансиски инструменти преку партнерски банки или финансиски институции, особено за зелени инвестиции, енергетска ефикасност и дигитална трансформација, што често се финансирани со поддршка од ЕУ и меѓународни банки. Во Куманово според податоците има 3.098 микро, мали и средни претпријатија според податоците на поднесени годишни сметки во Централен регистар за 2024-та година.

Во Куманово за 2024-та, Министерството поддржало 16 микро, мали и средни компании, за набавка на опрема и машини, за субвенционирање на трошоци поддржани биле десет компании, пет занаетчии, додека еден апликант е поддржан за имплементација на ИСО стандарди во неговото работење, а од програмата за 2025-та година бил поддржан еден занаетчија.


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано