“Македонијатурист” ја зголеми добивката, наскоро со инвестиција за реновирање на фасадата на хотелот Холидеј Ин

„Македонијатурист“ ХУАД – Скопје во првата половина од 2024 година оствари позитивен финансиски резултат односно добивка по оданочување од 56,35 милиони денари. Вкупните приходи за шесте месеци. изнесуваат 211,92 милиони денари и се зголемени за 15 отсто, додека приходите од продажба се намалени за 3 отсто во однос на истиот период од 2023 година. Вкупните трошоци и расходи од работењето за шесте месеци од 2024 год. изнесуваат 153,22 милиони денари и се зголемени за 8 отсто во однос на 2023 година, се наведува во Коментарот за неревидираните финансиски извештаи од компанијата, кој е доставен до Македонската берза.

“Македонијатурист” АД Скопје во извештајниот период нема нови кредитни задоженија. Во текот на шесте месеци од 2024 година компанијата изврши нови вложувања во износ од 9.963.378 денари од кои најголем дел се однесуваат на реновирање на конференциската сала –Бисер, комплетно реновирање на други објекти. Друштвото своите инвестициски активности и понатаму во континуитет ќе ги насочува кон реновирање и модернизација на постојните хотелски и ресторански капацитети и задолжително спроведување на нови стандарди за брендираните хотели и тековно одржување.

Главните инвестициски активности на Друштвото во вториот дел на 2024 година ќе бидат насочени кон завршување на веќе започнатите инвестициски активности, како и за започнување на инвестициската активност за реновирање на фасадата на Хотелот Холидеј Ин откако ќе бидат добиени потребните дозволи од надлежните органи.

Акциите на Македонијатурист АД Скопје се елемент на индексот МБИ10 кој што го сочинуваат 10 најликвидни акции со кои се тргува на Македонската Берза и истиот се формира согласно пазарните податоци од тргувањето.

Повеќе од истиот автор

Најчитано