Денеска се одржа свеченото доделување на наградите ОКО за 2019 и 2020 година, во која прилика Македонија 2025 е добитник на Наградата за филантропија ОКО за 2019 година во категоријата здружение/фондација за посебен придонес кон развој на филантропски практики во Македонија.
Цел на Наградите за филантропија ОКО е да се препознаат и јавно истакнат компаниите, здруженијата и фондациите, граѓаните и медиумите кои несебично, долгорочно и на стратешки начин го помагаат и поддржуваат развојот на заедницата и да го промовира и стимулира развојот на филантропијата и културата на донирање во нашата земја. Се разбира, самата награда е исто така можност да се подигне јавната свест и да им се помогне на оние кои се вклучени во активностите и проектите за подобрување на општеството за да добијат поддршка и да дадат важни пораки за солидарност, почит, хуманост и љубезност.
Наградите за филантропија ОКО ги доделува ХОРУС Македонија, а се реализираат во рамки на проектот SIGN Up for Impact (SUfI) имплементиран од организациите-членки на SIGN – регионалната мрежа на локални фондации од Западен Балкан, а финансиран од Европската унија, Балканскиот фонд за демократија, Балканската мрежа за развој на граѓанското општество и Шведската агенција за меѓународен развој.






