Повеќе од 1000 гости од бизнис секторот присуствуваа на традиционалниот Октоберфест кој се одржува 14 години по ред во организација на Македонско- Германското стопанско здружение.
И оваа есен претставниците на бизнис секторот, дипломатијата и медиумите имаа можност во Скопје да ја почувствуваат баварската традиција долга 223 години.
Антје Ванделт, директорката на АХК Северна Македонија и раководен член на Управниот Одбор на Македонско- Германското стопанско здружение и Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер на традиционален бравски начин со дрвен чекан го отворија чепот на првото буре со пиво, а со изреката “О’zapft is“ (чепот е отворен) официјално започна прославата на Октоберфест во Скопје!
Повеќе од 1000 гости од бизнис секторот, дипломатијата и медиумите уживаа во традиционална баварска кујна, германски и македонски пива и музиката на рок бендот South Park.
„За мене ова е првиот Октоберфест во Скопје и ме радува фактот дека една долгогодишна германска традиција е толку добро прифатена. Од година во година расте бројот на германските инвестиции во Северна Македонија, а со тоа се зголемува и бројот на нашите гости на Октоберфест. 1000 претставници на бизнис заедницата се вечерва со нас, заеднички да ги прославиме сите успеси, но и да наздравиме со студено пиво за посветеното работење“– Антје Ванделт, директорката на АХК Северна Македонија и раководен член на Управниот Одбор на Македонско- Германското стопанско здружение.
„Особено ми е мило што прославата на Октоберфест во Скопје прерасна во традиција, овој настан е од големо значење за градот Скопје, тој е важен за соработката како на економски, така и на културен план помеѓу нашите две земји“– рече амбасадорката на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Петра Дрекслер.







