МЕНАЏЕРИТЕ ДА ПРАКТИКУВААТ ПОЛИТИКА НА „ОТВОРЕНИ ВРАТИ“ СО РАБОТНИЦИТЕ ОД НОВАТА ГЕНЕРАЦИЈА

Лидерството во една компанија се состои во тоа како да се охрабруваат вработените да бидат подобра верзија од себе и да креира средина во која вработените професионално ќе растат и да бидат среќни, изјави Илија Господинов, менаџер во Ендава, на Панел-дискусијата насловена „Иновативни практики за благосостојба на работното место: Како да се имплементираат странски модели во Северна Македонија?“, која се одржа во М6 Едукативен центар.

– Важно е да се биде отворен за вработените, посебно за припадниците од новата генерација млади, на кои им е потребно да бидеме веднаш достапни. Практикуваме политика на отворени врати. Кај нас само канцелариите за состаноци имаат врати. Втората важна работа е да се постават очекувањата и да се зборува со луѓето, вели Господинов.

Ставрос Георгакопулос, лидер на хабот за луѓе и трансформација, Телеком МК, смета дека важно за создавање на здрава атмосфера во некоја компанија е да се биде транспарентен и кога се соопштуваат лошите вести.

– Парите не се единствена причина зошто заминуваат некои од вработените. Потребна е да се води грижа за финансиската и менталната благосостојба на вработените. Затоа организираме разни обуки за проширување на хоризонтите на вработените, им организираме и часови за јога и други активности за да ги одржиме мотивирани. Ги оценуваме и раководителите. Подготвуваме и прашалници за вработените за тоа што им прави стрес, организираме работилници за дискусии, создаваме здрави навики, користиме и услуги на психолози. Резултатите се одлични, вели Георгакопулос.

Вработените имаат различни потреби и концепти за остварување на личната благосостојба и прашањето за една компанија е дали тие имаат простор за креирање на сопствените програми за благосостојба, смета Ида Протуѓер, тренер за личен и системски организациски развој.

– Заедничко за вработените и за лидерите во компанијата е што еднакво ги доживуваат негативни емоции. Важен дел за постигнување на среќата кај вработение е градење на култура на доверба, вели Протуѓер.

Вработените во компанијата треба да се научат да се справуваат со стресот на работното место, преку осознавање на фазите на емоционалната интелегенција, односно да се регулира емоцијата и да се управуваат односите и да се изградат продуктивни врски, посочува Ида Протуѓер.

Повеќе од истиот автор

Најчитано