Американскиот синџир хотели Мериот интернационал (Marriott International) покажа потфрлање на предвидениот раст за првите девет месеци од годината, следејќи го клучниот индекс „приходи по слободна соба“ (revenue per available room – RevPAR). Според деветмесечниот извештај, растот на RevPAR во САД изнесувал само 2 %, далеку под предвидувањата, додека растот во европските хотели изнесувал приближно 6 %. Во согласност со промените на пазарот, Мериот најави дека ќе ги зголеми своите операции во Европа и тоа со изградба на преку 30 хотелски единици од брендот Кортјард (Courtyard) ширејќи го најмногу пазарот во Финска и Исланд. Брендот Кортјард претставува економска исплатлива класа од брендовите Мериот, а компанијата во моментов располага со 63 вакви единици во Европа, а дури 1 145 во светот. Мериот интернационал е еден од најголемите хотелски синџири во светот во чие портфолио влегуваат и луксузните брендови како што се Риц Карлтон, Марки, Булгари итн., на преку шест илјади локации, и годишно генерира приход над 20 милијарди долари.





