Стремежот за постојано подобрување на услугите спрема граѓаните мора да биде основен мотив во работата на сите носители на јавни функции во општината, посебно на оние избрани на непосредни избори, градоначалникот и советниците. Неколку работи што значително би го подигнале квалитетот на услугите кон граѓаните би биле:
– Суштинска дигитализација на сите услуги за граѓаните што, меѓу другото, би подразбирало поднесување на барања, одговор на барања, доставување решенија и слично, но и дигитален регистар на сите даночни обврзници, правни и физички, со регистриран недвижен имот.
– оекипирање на оние служби кај кои има хроничен недостаток од стручен и компетентен кадар (инспекциски служби, урбанизам и сл.).
– ЕЛС да имаат функционални облици на месна самоуправа со цел граѓаните не само понепосредно да се запознаваат со одлуките туку и да партиципираат во нивното донесување со свои предлози, сугестии, потреби.
– Вклученост и интензивна соработка со граѓанскиот сектор.
Во делот на можностите, потребна е фискална децентрализација која суштински би го подобрила капацитетот на општините во финансиска смисла при што како ограничувачки фактори се јавуваат ограничувањата наметнати од постоечките законски решенија, меѓу другото и од Законот за локална самоправа кој не е променет од 2002 година, а во кој некои решенија би требало да претрпат измени.





