Македонскиот спорт многу брзо ќе ги почувствува позитивните придобивки од формирање на новото Министерство за спорт со реализација на програмата и зацртаните проекти, најави министерот за спорт Борко Ристовски во вечерашното гостување во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа.
– Во прв план ќе се финансира врвниот спорт со околу 85 милиони денари што не е мала сума, потоа доаѓаат средствата од т.н. ваучер, односно, државна помош или субвенционирање во спортот кои се во висина од 550 милиони денари, па пред крај на годината уште една транша од околу 85 милиони денари наменети за развој на женскиот спорт, поддршка на млади таленти и за сите оние кои што имаат индивидуални програми, како и за рекреативниот спорт. Се обидуваме да ги опфатиме сите гранки во спортот и да ставиме акцент на врвниот спорт и поддршка на младите таленти преку финансирање на нивните програми што е апсолутно различно од сѐ она што беше досега, истакна Ристовски.
Ристовски потенцираше дека резултатите, проектите и активноста на федерациите и клубовите ќе бидат основниот критериум по кој во иднина ќе се распределуваат средствата од државата наменети за поддршка на спортот. Посебен акцент ќе биде ставен на врвниот спорт и поддршка на младите таленти, но и на подобрување на спортската инфраструктура.
– Од следната година планираме досегашните 10 милиони евра кои што беа државна субвенција за спортот да ги зголемиме на 15 милиони евра, што значи за 50% да ја зголемиме помошта од државата за спортот. Средствата од тој „спортски денар“ од нафтените деривати планираме да ги искористиме во капитални инвестиции. Тоа подразбира сѐ она што е за реновирање, реконструкција и изградба на нови објекти кои ќе значат подобри услови за спортот. Нашата насока на функционирање ќе биде во тој дел. За следната година во план ни е изградба на 5 нови спортски сали, отпочнување на новиот спортски комплекс во Гази Баба, изградба на спортска сала во населба Бутел наменета за олимписки спортови, истакна министерот Борко Ристовски, се наведува во соопштението од Министерството за спорт.
Извор/фото МИА







