МНР апелира до македонските државјани кои се во Мексико да ја напуштат државата поради тамошните немири

Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани, кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, да ја напуштат во првата и безбедна можност.

Како што се наведува во соопштението на МНРиНТ, во исто време се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико, кои не се од итен и неопходен карактер.

– Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија преку 24-часовниот СОС-дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: globalsos@mfa.gov.mk, како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на имејл-адресата: washington@mfa.gov.mk – наведуваат од Министерството.

Од таму додаваат дека Министерството континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста.

Мексико се соочува со бран насилства и блокади по убиството на Немесио Осегуера, познат како Ел Менчо, водач на моќниот Картел на новата генерација Халиско (ЦХНГ), кој беше убиен за време на воена рација. Операцијата предизвика насилна реакција од картелот. Членови на банди во неколку држави, вклучувајќи ги Халиско, Мичоакан, Агваскалиентес, Тамаулипас и Гванахуато, ги блокираа патиштата со запалени автомобили, камиони и автобуси. Пожари беа подметнати и во аптеки и мали малопродажни продавници. Во градот Пуерто Ваљарта на брегот на Пацификот, кој е популарен меѓу туристите, на видео објавено на интернет се гледаат запалени автомобили и големи црни облаци чад што се издигаат меѓу зградите. Властите ги повикаа луѓето да се засолнат.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано