Полека, но сигурно, во согласност со најавите, во 2021 година здравствената криза се претвори и во економска, а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Сметам дека токму економската компонента на кризата ќе доминира и во 2022 година во различни индустрии, вклучително и во нашата. Она што веќе започна како тренд уште оваа година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали. Најавите за пораст на цените на енергенсите се, исто така, многу загрижувачки. За одбележување на глобално ниво се и порастот на цените на транспортот, но и значителните одложувања на роковите за испорака. Сето ова веќе започна да влијае и врз стапката на инфлација што, веројатно, како тренд ќе биде уште понагласено во 2022 година.
Како најголем предизвик и како прв приоритет за периодот што доаѓа и натаму би ги истакнал грижата за здравјето и обезбедувањето доволен број на квалитетни човечки ресурси, на што сме особено посветени како компанија. И покрај сето ова, нашите планови се во 2022 година АЛКАЛОИД да продолжи со континуираниот раст и развој, со ширењето на производственото портфолио, со инвестициите во технологии и со освојувањето на нови пазари.






