Нафтените игри, како што милуваат светските политички аналитичари да ја именуваат геополитиката врзана за нафтата, веројатно претставуваат најексплоатирана тема на која се гради мозаикот на геополитиката. Дури и надвор од теориите на заговор, веројатно е лесно да се препознаат интересите што ги имаат големите сили во однос на земјите што го снабдуваат светот со нафта. Тоа, секако, е и логично имајќи предвид дека нафтата сѐ уште претставува основен енергетски ресурс, а ограниченоста на изворите овозможува нафтените игри да бидат подложни на манипулација. Сепак, за разлика од порано, борбата за нафта веќе не претставува гола борба за конвенционални извори, туку центарот на вниманието се преместува во алтернативните нафтени извори и, секако, супститутите на енергенсот. Тоа во суштина ја менува геополитичката слика.
РЕД ЛАЈН АГРИМЕНТ
На почетокот на 20 век, во периодот кога дел од турскиот аскер се занимаваше со бунтовниците опремени со црешови топчиња во северниот дел на Отоманската Империја, во нејзините јужни делови, на територијата на денешен Ирак, компанијата „Туркиш петролеум компани“ (ТПК) („Turkish Petroleum Company“ (TPC)) започна со инвестиции за екстракција на нафтата. Како главни инвеститори на оваа интернационално-отоманска активност, од една страна, претставуваа германските банки кои стоеја зад големиот проект пругата Берлин – Багдад, потоа големите бизниси на Велика Британија кои беа веќе израснати во интернационални картели и, секако, отоманската власт која се надеваше дека заедничкиот комерцијален интерес со големите бизниси од Западот ќе ѝ овозможат геополитичка предност во намерата да ја зачува империјата од распаѓање. Овие инвестиции набргу беа пресретнати од почетокот на Првата светска војна која, пак, покажа дека изворите на нафта не претставуваа само бизнис интерес на големите картели, туку и моќно геополитичко оружје кое обезбедува воена и безбедносна предност за оној кој ги контролира. По завршувањето на Првата светска војна, Отоманската Империја изгуби дел од своите територии на Блискиот Исток каде што на пепелта на античките митови како колонијални протекторати се појавија новите арапски држави. Во тие услови „Туркиш петролеум компани“, овојпат со значително помало турско влијание, склучи договор со ирачката држава за концесија врз ирачката нафта и за кратко време стана еден од најголемите производители на нафта во светот. Во 1928 година, во Анкари, Шкотска, беше потпишан меѓукартелски договор на производителите на нафта со кој се регулираше учеството на големите светски петролеумски компании од САД, од Велика Британија и од уште некои поголеми европски концерни во распределба на нафтата која произлегуваше од ТПК. Овој таканаречен „Ред лајн агримент“ (Red Line Agreement) ја претставува првата глобална организирана структура за ограничување на производството на нафта и контролирање на нејзината цена. Иако формално овој Договор функционираше сѐ до 1944 година, новооткриените нафтени извори во Тексас во триесеттите години ја демонополизираа улогата на ТПК (тогаш веќе преименувана во „Ираки петролеум компани“ (ИПК) со што цената стана пазарна и монополски неконтролирана.
ОПЕК
По завршување на Втората светска војна, светот влезе во нова фаза на економски раст и развој. Таканаречените златни години на капитализмот беа проследени со огромен раст на личната потрошувачка при што растот на автомобилската индустрија и воопшто употребата на автомобилите и на другите транспортни средства бележеа експоненцијален раст. Во таа смисла потрошувачката на нафта и на нафтени деривати доживеа незапаметен бум со што нафтата доби водечка улога кај големите бизнис концерни, но и водечко место во приоритетите на глобалната геополитика. САД, како најголеми производители и потрошувачи на нафта во тоа време, веќе имаа две комисии (меѓудржавната комисија и комисијата на Тексас) кои со нивното спојување успеаја да го ограничат производството на нафта и со тоа да ја контролираат нејзината цена. Подоцна, како одговор на сѐ понезависните и сѐ помалку послушните земји од Блискиот Исток, големите мултинационални нафтени компании ја направија таканаречената Групација „Седум сестри“ (Seven Sisters Group), која требаше да ја зачува нивната монополска позиција во екстракцијата, во преработката и во дистрибуцијата на нафтата и на нафтените деривати. Во оваа групација влегоа речиси сите компании од пактот „Ред лајт агримент“, а најголемиот број од нив, како што се „Бритиш петролеум“, „Ексон мобајл“, „Шеврон“, „Шелоил“, „Тексако“ и денес претставуваат главни играчи во светскиот нафтен бизнис.
Следејќи ја моќта на својот ресурс, по иницијатива на Иран и на Венецуела, новите растечки производители на нафта, предводени од најголемиот производител меѓу нив, Саудиска Арабија, во 1960 година ја формираа Организацијата на земји-извознички на нафта (ОПЕК). Како основачи на ОПЕК, покрај Иран, Венецуела и Саудиска Арабија, влегоа уште само Ирак и Кувајт, но веќе во следните неколку години во ОПЕК влегоа и Катар, Индонезија, ОАЕ и Алжир, а во седумдесеттите години се приклучија и Нигерија, Еквадор, Габон итн. Извозната моќ на земјите-членки ги заштити нив од моќта на групацијата „Седум сестри“ и така ОПЕК прерасна во главен играч во нафтениот бизнис.
Во таканаречената „октомвриска офанзива“ во 1973 година, арапските земји отворија воен фронт против Израел, но не успеаја да ги повратат изгубените територии кои претходно ги изгубија во Шестдневната војна од 1967 година. САД, Британија и останатите западни сили му дадоа огромна воена и политичка поддршка на Израел по што земјите од ОПЕК, засилени со Сирија и со Египет, во 1973 година им воведоа ембарго на нафта. Овој нафтен шок предизвика сериозни економски турбуленции, а последиците од нив претставуваа основа за промена на капиталистичката доктрина и во голем дел евалуација на економската наука и на теоретското воведување на кризата на понуда. Политички американската администрација беше принудена да ја ревидира својата позиција на Блискиот Исток, а под водство на Никсон и на Кисинџер, Израел беше принуден на отстапки за да се задоволат земјите од арапската лига. Всушност, во 1973 година и земјите од ОПЕК, пред сѐ Саудиска Арабија, но и големите сили, во вистинско светло ја препознаа геополитичката сила од контролата на нафтените извори. Како одговор на оваа новонастаната геополитичка состојба, САД ја формираа стратегијата за енергетска независност чија имплементација и доктрина е дел од американската политика до ден-денешен.

Цената на суровата нафта изминативе 18 месеци

Распределба на приходи од 1 литар нафта во 2014 година US$/литар
По нафтениот шок во 1973 година, иако ембаргото на нафта заврши една година подоцна, во 1974 година, ОПЕК успеа внимателно да го контролира производството на нафта и со тоа да не дозволи посериозен пад на цената. Светот влезе во нова економска фаза во која нафтата стана скап и ограничен ресурс, што поттикна голем број политички и структурни промени. Со новите цени, голем број познати и новооткриени наоѓалишта кои дотогаш се сметаа за неисплатливи станаа бизнис прудентни и голем број држави влегоа на нафтениот пазар како производители. Русија ја засили екстракцијата од сибирските извори; се разви екстракцијата од Кавкаскиот Басен, како и од канадските и од арктичките полиња; се креираа дупнатини во делови од Северното Море кои припаѓаат на Велика Британија, на Норвешка и на Холандија итн. Тоа, заедно со промоција на политиката на енергетска ефикасност и употребата на обновливи и на алтернативни супститути на нафтата (тука предничат нуклеарната енергија и природниот гас), предизвика делумно намалување на моќта на ОПЕК. Новата распределба на силите доби посериозна видливост при економската криза од 80-тите години од минатиот век. Имено, покрај контролата на понудата, голем удел за константниот раст на цената на нафтата имаше и постојаниот економски раст што го следеше капиталистичкиот свет по Втората светска војна. Со забавување на растот на почетокот од 80-тите години од минатиот век, кој иронично беше предизвикан од претходните нафтени шокови, побарувачката за нафта бележеше стагнација со што цената вртоглаво падна, но овојпат предизвикана од страна на побарувачката. ОПЕК, поради сѐ поголемата понуда на сурова нафта од страна на новите држави кои не беа членки на организацијата, беше соочен со потешкотии да го контролира падот. Покрај тоа ОПЕК, а најмногу Саудиска Арабија, го намалија своето производство речиси на половина, но новите извори кои беа надвор од ОПЕК ја надополнија оваа разлика со што земјите од ОПЕК ја изгубија доминацијата во пазарното учество кое од преку половина опадна на нешто повеќе од 30%. Тоа, од друга страна, роди огромно незадоволство во рамките на ОПЕК, а голем број земји на кои им се закани банкрот ги прекршија правилата за ограничување на производството во обид да ги стабилизираат буџетските дефицити. Во 1985 година Саудиска Арабија го достигна производственото ниво од 30% од својот потенцијал, без притоа посериозно да влијаеше во запирањето на падот на цената на нафтата. Тогаш тие одлучија да ја променат производствената политика и наместо борба за подобра цена да водат борба за удел на пазарот. Тие го зголемија производството на максимум, а во 1986 година цената на нафтата падна на само 7 американски долари по барел, што претставуваше враќање на нивото од пред 1973 година. Со тоа, по еднодецениска доминација, заврши сувереноста на ОПЕК на нафтениот пазар.
НОВИОТ ВЕК
Падот на влијанието на земјите-членки на ОПЕК, пред сѐ Ирак, го предизвика режимот на Садам Хусеин да ги освои нафтените полиња на Кувајт кои претставуваа издашен извор кој го полнеше нафтениот пазар. Реакцијата на САД претставуваше една од најбрзите воени одговори дотогаш, со брза разрешница, но самата интервенција предизвика нафтен шок на почетокот на 90-тите години. Иако овој шок траеше само неколку месеци, растот на цената на нафтата во овој период се сметаше за главен причинител на подоцнежната рецесија која почна од финансиските пазари во Азија. Па така, поради пад на вкупната економска активност во 1998/1999 година, цената на нафтата повторно бележеше рекордно ниски цени со што стана јасно дека ОПЕК и останатите производители на нафта станаа поранливи од страна на побарувачката отколку што се нивните можности за контрола на понудата. Аналитичарите сѐ повеќе зборуваа за систем на врзани садови меѓу цената на нафтата и економскиот раст, кои меѓусебно контрациклично силно корелираат, со одредени задоцнувања.
Првата декада од новиот век беше проследена со нова економска експанзија која, пред сѐ, беше предизвикана од брзиот развој на дигиталната технологија и од развојот на новите азиски економии, пред сѐ огромниот раст на Кина. На страната на побарувачката нафтата бележеше огромен раст, што долги години обезбедуваше стабилност на висока цена за овој енергенс. ОПЕК внимателно го контролираше своето производство и не дозволуваше преку хиперпродукција целосно задоволување на новонастанатата побарувачка. Тоа ја држеше нафтата долги години на ниво од преку 100 американски долари по барел со што голем број земји-извознички на нафта остваруваа огромни приливи на средства, книжејќи дебели екстра профити. Но, високата цена предизвикана од растот на побарувачката, особено нејзиното долгогодишно опстојување, предизвика огромни структурни промени на страна на понудата. Сите извори, вклучувајќи ги тука и методите на екстракција на нафтата од шкрилци во САД, кои дотогаш беа оценети како неисплатливи, влегоа во агендата на големите бизнис интереси. Сѐ до 2009 година, капиталистичкиот систем произведуваше нови начини за екстракција на нафта, како и нови методи на енергетска ефикасност и на развој на супститути. Тука предничат Бразил и САД кои успеаја да создадат евтин извор на течен етанол од пченка и од шеќерна трска со што развија значаен енергетски супститут. Европа успеа голем дел од своите потреби за енергенси да ги пренасочи од нафта во гас, а растот на обновливите извори на енергија стана водечка државна политика на голем број земји. Во таа смисла, високата цена која речиси 10 години ги полнеше буџетите на земјите-извознички на нафта дополнително ја промени структурата и ја намали зависноста од овој енергенс.

Официјално потврдени резерви на сурова нафта 2014

Производство на сирова нафта и кондензати
Клучната детерминанта на цената на нафтата, побарувачката врзана за економскиот раст, својата сила ја покажа за време на светската финансиска криза во 2008/2009 година. Па така, во 2008 година, цената на барелот нафта го доживеа својот пик од 143 американски долари кога „Леман брадерс“ објавија банкрот со што почна големата финансиска криза. За само неколку месеци финансиската криза прерасна во глобална економска криза со силно влијание врз стагнацијата на економскиот раст. Тоа, видовме претходно, има клучна улога во детерминирањето на цената на нафтата, па таа набргу го достигна тогашното дно од 33 американски долари за барел. За среќа на производителите, под притисок на експанзивната фискална политика на Кина и на земјите од Далечниот Исток, економскиот раст излезе од стагнација, а цената на нафтата за една година се врати на пристојни 77 американски долари за барел, а набргу потоа повторно ја надмина границата од 100 американски долари. Оваа цена дополнително го стимулираше развојот, пред сѐ на екстракцијата на сурова нафта од шкрилци во САД, но секако и зајакнување на учеството на алтернативните супститути на нафтата придружени со енергетската ефикасност. Кинескиот меур, предизвикан од изнасилената експанзивна фискална политика, својот максимум го доживеа при крајот на 2013 година, а како последица, на средината на 2014 година, започна стагнација на светската економија.
ИГРА НА НЕРВИ, НА ПАРИ И НА ПОЛИТИКА
Ако се земе предвид дека по 2009 година светот не успеа да се опорави од длабоката рецесија, туку само преку експанзивни мерки на монетарната и на фискалната политика го ублажи и го одложи еминентниот пад на економскиот раст, тогаш движењето на цената на нафтата станува логично. Сѐ до крајот на 2013 година економскиот раст, иако минимален, сепак изгледа стабилен. Тоа дополнително влеа надеж дека ценaата на нафтата, дури и да не расте, долги години ќе го задржи нивото од околу 100 американски долари по барел, што ја прави екстракцијата на суровата нафта исплатлива во многу делови од светот. Инвестициите во овој сегмент изминативе неколку години експоненцијално се зголемија и голем број држави значајно ги зголемија своите капацитети за екстракција на суровата нафта. ОПЕК не само што веќе контролира помалку од една третина од светските производствени потенцијали на нафта туку и Саудиска Арабија веќе не доминира суверено на врвот на најголемите производители во светот. Експанзијата на руската нафта и гас, новите американски и сега веќе и канадски извори од шкрилци, засилената екстракција, практично на сите континенти, силно ја изменија структурата на страната на понудата. Иако побарувачката на нафта не стагнира, туку напротив, од година во година расте, но со забавено темпо, овојпат кризата со цената дефинитивно е предизвикана од страна на понудата која веќе никој не може суверено да ја контролира. Едноставно во светот е создаден сериозен вишок на нафтена понуда и тоа не може едноставно да се промени.

Движење на светската понуда и побарувачка за нафта
Пред само неколку месеци, сите погледи беа свртени кон ОПЕК и пред сѐ кон Саудиска Арабија од каде што се очекуваше намалување на квотите за производство на сурова нафта со што ќе се направеше обид за ублажување на падот на цената. Сепак, Саудиска Арабија овојпат реши, слично како и во осумдесеттите години од минатиот век, дополнително да го зголеми своето производство и свесно да ја намали цената на нафтата со што ќе стане неисплатлива за голем број производители. Тие веќе и не ја кријат замената на политиката на висока цена со политиката на поголемо пазарно учество. Сепак, промената на структурата на понудата не изгледа толку лесна како што тоа многумина го претпоставуваа.
Покрај енормниот пад и затворањето на голем број капацитети во САД и во Канада, најголемиот дел од нив веќе се преориентирани за таканаречениот „брз старт“. Поучени од нивната ранливост, американските компании го моделираа производствениот процес на начин на кој релативно евтино можат да го сопрат, а доколку цената стане поволна, за кратко време да ги активираат своите капацитети. Со тоа се очекува дека евентуалниот иден раст на цените ќе се судри со новоформираниот плафон од 50 до 55 американски долари за барел кога ќе се активираат голем број американски капацитети. Натаму, диверзификацијата на понудата веќе не се однесува само на американските и на канадските производители од алтернативните извори, туку и на огромните помесувања во енергетската ефикасност, употребата на супститути и развојот на обновливите извори на енергија. Дополнително, голем број земји кои заостануваа во инвестициските процеси за производство на сурова нафта ги подобрија своите капацитети, а на нафтениот пазар излегоа и земјите како Иран кои поради досегашните наметнати санкции беа исклучени од нафтениот пазар. Гледано во поширок аспект, пазарната понуда на сурова нафта е толку диверзифицирана, што е практично невозможно да биде контролирана. Од друга страна, земјите-членки на ОПЕК, иако имаат најевтин производствен процес во смисла на директни трошоци, се соочуваат со економски проблеми познати во економијата како „Холандска болест“. Производствено, нивните нафтени компании можат да издржат и пониски цени на нафтата, но нивните фискални власти и останатите економски чинители навикнати на досегашната „мрзливост“ предизвикана од високите екстра профити се соочуваат со длабоки дефицити и индустриска неспособност за структурни промени, кои се закануваат да прераснат во огромни финансиски банкроти.
На почетокот од оваа година, по иницијатива на Венецуела која е практично пред банкрот и која ниската цена на нафтата веќе ја плаќа со политичка нестабилност се прават обиди за ново ограничување на процесот во рамките на земјите од ОПЕК, но Саудиска Арабија, логично, очекува во овој пакт да се вклучат и земјите-извознички кои се надвор од организацијата. Иако лути политички непријатели и практично завојувани страни во сирискиот конфликт, на оваа иницијатива се одѕваа и Иран и Русија. За момент овој настан ја стабилизираше цената на нафтата, но инвеститорите со голема недоверба ги следеа овие нови политички конвергенции, а очекувањата се дека поголеми поместувања не се очекуваат. Она што се знае е дека сите овие земји, вклучувајќи ги тука и Венецуела и Саудиска Арабија и пред сѐ Русија, не можат да си дозволат намалување на производството од проста причина што нивните фискални позиции се во постојан недостаток од свежи пари, а нивната нестабилност може да предизвика силни политички турбуленции. Иран, од друга страна, веќе неколкупати повторува дека без разлика на цената планира да го врати своето пазарно учество на ниво од пред воведувањето на санкциите по што евентуално би се согласиле на ограничување на производството. Аналитичарите се согласни дека оваа криза на понуда нема да може брзо да се реши ако ништо друго поради висококонкурентниот карактер на понудата. Во игра не се веќе неколку земји, туку неколку десетици распоредени на сите континенти. Дополнително, за разлика од порано кога во игра беа неколку големи интернационални концерни, сега во секоја од земјите постојат стотици компании кои на претприемачки основи се занимаваат со производство на нафта и кои, секако, никој не може да ги контролира.
март 2016










