Погледнато во еден подолг временски период, кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои Општина Штип остварува континуиран напредок во своето работење?
С. Николов: Тоа се инфраструктурата и обезбедување услови за здрава и чиста животна средина. Но, пред сè во генерална смисла, тоа е посветеноста во подобрувањето на животот на штипјани. Не можам, а на ова прашање да не го спомнам и обратниот процес, односно нешта кои вo градот Штип и околината до пред неколку години беа заборавени, нешта во кои не се вложувало ниту време ниту финансии, а се клучни за развојот на градот и, секако, за полесен и поубав живот на граѓаните. Драго ми е што можам да кажам дека за кратко време успеавме во голем процент да ја промениме сликата, целосно вклучувајќи се во реконструкции на училишта, на градинки, на изградба на патишта со што значително се намалува разликата и дистанцата на урбаното и руралното, инвестирање еднакво во секој дел од градот и регионот.
Евидентна е разликата дека ние како општина и јас како градоначалник покажавме дека за нас сите граѓани се еднакво важни и сите граѓани без разлика каде живеат заслужуваат исти услови и исти можности за работа, за напредок, за живот.
Од друга страна, кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува Општина Штип? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите на општината?
С. Николов: Дел од нив ги напоменав во претходниот одговор, како наталожени проблеми со кои Штип и штипјани се соочуваа со години. Лоши услови во училиштата, неизградени улици или пак уништени постоечки улици, заборавени наши сограѓани кои живеат во лоши услови во делови од градот каде што воопшто не се инвестирало и, секако, заборавени значајни проекти за Штип како браната Отиња за што некои се обидуваа да ги уверуваат граѓаните дека е невозможно будењето на оваа убавина. Токму затоа, при преземањето на раководењето со општината, стратешки, со добра организација, заедно со мојот тим се вложивме во сите области, од инфраструктурата до културата и културниот живот во Штип. Го враќаме реномираниот Музички фестивал Макфест, го враќаме сјајот на овој наш бисер и, најважно, чувството на гордост, на свеченост што го имаа некогаш штипјани.
Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пример, на регулативата што го регулира работењето на општините?
С. Николов: Штип стана една од најтранспарентните општини во државава. Транспарентноста значително помогна во подобрување на работењето на општинската администрација, вклучувајќи ги тука и јавните претпријатија и сите други установи кои се под капа на општината и на државата.
Решивме да работиме под будното око на граѓаните, отчетно, делејќи и навидум не толку големи по важност информации со јавноста. Граѓаните се најдобриот и најрелевантниот коректив на работата на општините. Кога тие точно знаат за што се трошат нивните пари, каде се вложуваат и што ќе добијат природно следуваат нивните реакции и токму тие реакции ни кажуваат дали сме го направиле вистинскиот чекор. Со сигурност можам да кажам дека транспарентноста и редовниот контакт со граѓаните многу ја подобрува работата. Исклучително важна е и соработката со централната власт со цел реализација на капитални проекти кои, секако, една општина не може финансиски да ги поднесе сама. Штип може да се пофали со низа такви проекти, и тоа во повеќе области, меѓу кои се и реконструкции и опремување на училишта, на градинки и, секако, браната Отиња чија изградба започна неодамна.

Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општините?
С. Николов: Какао што напоменав, општината како главен мотор што ги движи работите мора да оставари одлична комуникација и соработка со сите јавни претпријатија, установи, подрачни единици на државните институции и, секако, сорабока со централната власт. Тука би го напоменал и последниот пример со пренамена на средствата на турската компанија ТАВ со што ќе се реализираат 99 проекти во 75 општини во вредност од 35 милиони евра. Значи, зборуваме за домаќинско и планско работење и гледаме како средства кои беа наменети за изградба на карго аеродром, замислете, тука во Штип каде што речиси 365 дена имаме ветер, сега ќе се искористат за реални проекти, за проекти кои навистина може да се изградат, да се реализираат и да им бидат од корист на граѓаните. Овој пример само покажува дека не се проблем ингеренциите, туку проблем е злоупотребата на ингеренциите од поединци кои работеа за личен и партиски интерес и се обидуваа да направат граѓаните да се сомневаат во законските решенија зашто токму ограничувањата ги користеа како изговор дека не можат да направат ништо повеќе.
Ние покажавме дека не е така. Општина Штип покажа дека може да се гради по план, може да се работи домаќински и мудро во интерес на граѓаните и на градот.
Дали има нешто што самата Општина Штип може да го промени во своето функционирање во поглед на своите приходи, на расходи и воопшто на своето работење во иднина?
С. Николов: Општина Штип интензивно работи на подобрување на услугите и на олеснување на комуникацијата на заинтересираните граѓани со општинските служби. Наскоро ќе имаме нова интерактивна веб-страница на која граѓаните ќе можат да го следат процесот на постапувањето по барањата кои ги упатуваат до општината. На тој начин ќе се подобрат услугите кон приватниот сектор и физичките лица, а исто така дополнително ќе се зголеми и транспарентноста во работењето. Несомнено е дека предвидената динамика на работењето според која општината во рок од 48 часа ќе ги решава побараните услуги од граѓаните ќе придонесе и за бројни заштеди.
Каква е комуникацијата на Општина Штип со другите чинители како што се граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, академската заедница, невладиниот сектор итн.?
С. Николов: Мојата работна недела почнува и завршува со состаноци со првите луѓе кои се задолжени за чистотата во градот, за безбедноста на граѓаните, за водоснабдувањето… Помеѓу се состаноците со бизнис-заедницата и моите директни посети на определени места во градот со цел да го слушнам мислењето на сите штипјани. За да водиш еден град и искрено да се грижиш за сите граѓани, човек навистина мора да ги познава. Можеби мојата докторска професија уште повеќе придонесува да тежнеам на лични средби и детално детектирање на состојбите. Комуникацијата е суштинска за соработка и за напредок. И чест ми што може да се пофалам со добра соработка и со меѓународната заедница и со невладиниот сектор, како и со академската заедница. Токму овие соработки се компас на нашата работа и значително ни помагаат во развојот на општината.
Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работење на Општина Штип?
С. Николов: Еден од начините е да се донесе закон од државата со кој општината ќе има право да располага со поголем дел од фискалните приходи кои се добиваат од даноците, од концесиите и од таксите. Општината ќе има долгорочна финансиска одржливост кога ќе има поголем процент на учество во финансиските приходи.
Со изградбата на браната Отиња која веќе е започната ќе се создаде амбиент и инфраструктура која ќе ја направи Општина Штип атрактивна туристичка дестинација и ќе овозможи нови приходи. Јас како градоначалник исто така неодамна имав можност пред бројни потенцијални инвеститори и претставници на општини од: Италија, Шпанија, Бугарија, Полска, Франција и Германија да ги презентирам значајните културно-историски знаменитости на Штип, како и големиот потенцијал кој е привлечен за инвеститорите од текстилната индустрија. Дополнително општината се залага и за презентација на компаниите кои комбинираат современи технологии за производство на вино со креативни и иновативни методи со цел да произведат вина со светски квалитет пред меѓународната заедница. Новите инвестиции ќе создадат амбиент кој дополнително ќе ги мотивира младите претприемачи да размислуваат за креативни и иновативни решенија за развој на бизнисите, а со тоа ќе се намали и сивата економија.
(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)





