НОЌНИ ЖИВОТНИ

Вториот режисерски потфат на модниот дизајнер Том Форд е визуелно атрактивна адаптација на романот Тони и Сузан – дело на американскиот писател Остин Рајт објавено во 1993 година.

Екстремно дебели и разголени жени танцуваат како мажоретки во слоу моушн. Завршува најавната шпица и сфаќаме дека оваа гротескна секвенца е дел од арт инсталација која ја доживува својата премиера. Влегуваме во светот на Сузан Мороу (Ејми Адамс), сопственичка на уметничка галерија во Лос Анџелес. Нејзината беспрекорна гардероба и шминката со строги линии дополнително ја нагласуваат емотивната испразнетост со која зрачи нејзиниот поглед. Уште од првиот кадар музиката на полскиот композитор Абел Кожењовски, во манирот на ненадминливиот Бернард Херман и неговите соработки со Алфред Хичкок, создава атмосфера на загадочна и на спорогоречка неизвесност.
Панорамските кадри од градот изгледаат како да излегле од некој филм на дистописка научна фантастика. Со кинематографијата на Симус Мекгарви луксузната и пространа стаклена куќа на нашата хероина е насликана поклаустрофобично од темна затворска самица. „Имам сѐ, какво право имам да бидам несреќна? Се чувствувам неблагодарна што сум несреќна“ – вели Сузан на почетокот на филмот во една изнудена исповест.


Во нејзиниот прв утрински разговор со сопругот (подеднакво убав и безживотен како и нивниот заеднички дом) има помалку интима отколку во оној со нејзиниот личен асистент кој ѝ доставува манускрипт од романот на нејзиниот прв сопруг и младешка љубов (Џејк Гиленхал). Насловен е Ноќни животни и посветен токму на неа. Отворајќи го хартиениот пакет, таа се задобива со исеченица, едвај пролеана капка крв, овде во функција на мала и на претенциозна наративна индикација за она што следува. Таа му се препушта на романот и преку нејзиното доживување добиваме филм во филм, паралелни дејствија кои ќе се испреплетуваат до самиот крај. Оваа приказна е во тотален контраст со онаа од реалноста: насилен и мрачен јужњачки трилер сместен во правливата тексашка пустина, кој се развива околу човек (повторно Гиленхал), кој не успева да го заштити своето семејство од насилна смрт, неговата грижа на совест и нагонот за одмазда. Овој алтернативен универзум е милји далеку од светот на уметноста, луксузот и високото општество во кое дејствува главната протагонистка. Таа го напушта екс сопругот од лукративни причини, како и поради неговиот идеализам, во случајов доживеан како слабост. Така нејзинато субјективно инволвирање во романот се претвора во своевиден автоегзорцизам, задоцнето емотивно прочистување. Од поттекстот на оваа прилично гломазна и амбивалентна нарација на површина избива едно стереотипно третирање на машкоста во повеќе свои варијациии, видено низ женска призма. Сепак и стереотипите содржат извесен степен на вистина.


Том Форд е светски реномиран моден дизајнер, честопати со префинето чувство за провокација. Дека неговиот излет во филмската индустрија не е само обичен „ми се може“ хир покажа неговото деби остварување Самец (A Single Man (2009)), контемплативен филм со интимен здив. Седум години подоцна амбициите и апетитите се очигледно зголемени, посебно ако се земе предвид комплексната структура која математички прецизно балансира меѓу различни наративни линии и потребата да се достигне аудиовизуелно совршенство во секој кадар од филмот. Кастингот и актерските интерпретации се точни и во функција на зацртаните амбиции. Од целиот ансамбл отскокнува Мајкл Шенон поради леснотијата и скромноста со која ја игра улогата на тексашки шериф. Во генералната економија на филмот кој свесно му робува на сопствениот претенциозен формализам, тоа е добродојдена издишка.
Слично како и Неонскиот демон на Николас Виндинг Рефн, и Ноќни животни е обид да се улови духот на времето, да се прикаже светот во кој зад опсесијата со убавината и со материјалните добра се крие непријатната вистина. Филмот не остава долготраен впечаток: многу форма, помалку суштина. Слично како и светот на уметноста кој саркастично го портретира. Сепак, за инстант задолство работа може да заврши и совршено стилизираната празнотија.

Најчитано