Mојата прва порака е: наместо со декрет, универзитетите можат да се подобрат на поинаков начин − со поттици, а тука мислам на најмоќниот поттик на светот: парите. Она што секоја досегашна реформа на високото образование го забораваше е финансирањето кое треба од корен да се промени во следнава смисла: наместо универзитетите да добиваат пари „на купче“, тие треба да се делат според критериуми.
Фрустрирана поради тоа што Македонија ја нема на списокот на најдобрите илјада универзитети, власта ја започна офанзивата со цел да го зголеми квалитетот на универзитетите. Пред две недели го добивме нацртот на новиот закон за високото образование кој амбициозно ја најавува новата, кој знае која по ред, реформа во оваа област. Веројатно е добро тоа што власта е загрижена за универзитетите (прашањето дали високото образование претставува јавен или приватен интерес ќе ја оставиме за некоја идна прилика), но вистинското прашање не е дали таа сака да имаме подобри универзитети, туку дали може да ги подобри. Имено, ако нешто нѐ учи економската историја, тоа е дека државната регулација најчесто го кочи развојот. Со други зборови, основната поука од економската историја е дека стихијната сила на конкуренцијата на слободниот пазар е основната и најголемата движечка сила на напредокот. Впрочем, размислете за миг и самите ќе заклучите дека ниедна придобивка во економијата не се случила како резултат на државен декрет.
Тоа подеднакво се однесува и на високото образование кое не е ништо друго освен пазар на образовни услуги: од една страна има купувачи (млади луѓе кои бараат знаење), а од друга страна има продавачи на знаењето (универзитетите). Се разбира, и купувачите и продавачите не се и не можат да бидат исти: некои сакаат да добијат поголемо, а други се задоволни со помало знаење; некои сакаат да учат техника, други филозофија, а трети уметност (секој според своите желби, склоности, интереси и потреби). Задачата на пазарот е да ги спои купувачите и продавачите и да овозможи секој да го добие она што му треба. Се разбира, една од основните одлики на пазарот е различноста: ниту студентите имаат еднакви желби, интереси и способности ниту пак универзитетите имаат ист капацитет. Затоа ако некој мисли дека може да направи универзитетите да личат како јајце на јајце, тогаш тој е во заблуда. На пример, Германија има дури 300 државни и 100 приватни универзитети, а само 50 се наоѓаат на списокот на илјада најдобри универзитети; од 10 државни и четири приватни хрватски универзитети, само еден е меѓу најдобрите илјада; Грција има само четири универзитети меѓу најдобрите илјада, а ниеден во првите 500. Овие примери покажуваат дека никаде универзитетите не се еднакви.
Потполно го разбирам нејзиното незадоволство од нашите универзитети, меѓутоа проблемите не се решаваат со декрет, туку само со воспоставување механизми кои ќе ги поттикнат (натераат) универзитетите да бидат подобри. Впрочем, и тоа е една голема поука која ни ја нуди економијата: луѓето и фирмите реагираат на поттици, што значи дека секој се труди да биде подобар само ако некоја сила (најчесто тоа е конкуренцијата) ќе го принуди на тоа. Со други зборови, ако власта сака да направи подобри универзитети, таа треба да измисли алатки со кои оние кои работат повеќе ќе бидат наградени, а оние кои не можат или не сакаат да работат ќе останат со празни раце. Токму тоа е стариот, добро проверен рецепт според кој функционира светот веќе неколку илјади години.
Значи, мојата прва порака е: наместо со декрет, универзитетите можат да се подобрат на поинаков начин − со поттици, а тука мислам на најмоќниот поттик на светот: парите. Она што секоја досегашна реформа на високото образование го забораваше е финансирањето кое треба од корен да се промени во следнава смисла: наместо универзитетите да добиваат пари „на купче“, тие треба да се делат според критериуми. На пример, државата може да формира просечна цена на студирање (слично на цената на болничкиот ден или на цената на специјалистичкиот преглед) и така да им плаќа на универзитетите кои ќе ги покриваат со тие пари основните плати и материјалните трошоци (сметките за греење, струја итн.), а остатокот од парите треба да се дели според заслугите, односно според остварените резултати. Притоа ако целта на власта е да ја зајакне научната работа, тоа значи дека универзитетите ќе добиваат пари по тој критериум: оние што ќе објават повеќе трудови во угледните меѓународни списанија ќе добијат повеќе пари од оние што не се занимаваат со наука. Слична формула може да се примени и за поттикнување (не присилување) на професорите. Како што споменав претходно, државата може да ги определи основните плати на професорите кои ќе се исплаќаат за наставата (да речеме, 50 000 денари), а остатокот од платата ќе го сочинува делот за научната работа. На пример, слично на сегашниот конкурс за објавени трудови, Министерството може да дава одреден износ пари за секој објавен труд во угледните списанија. На тој начин, и универзитетите и професорите ќе бидат поттикнати да се занимаваат со научна работа. Слично на тоа државата може да дели пари и така што ќе финансира научни проекти (само што тука се поставува прашањето како ќе се постигне објективно оценување на пријавените проекти).
Се разбира, кога зборуваме за финансирањето, никако не треба да ги заборавиме и приватните универзитети. Имено, ако државата смета дека високото образование е јавен интерес (а така е наведено во законот), тогаш е сосема сеедно кој го врши образованието, т. е. дали државните или приватните универзитети. Наместо тоа, многу е поважно прашањето кој обезбедува поквалитетно образование. Со други зборови, ако на оваа земја ѝ е многу важно да има развиена наука или високорангирани универзитети, тогаш не е важно кој ќе го обезбеди тоа. Единствено е важно нашите деца да учат на добри универзитети, а дали тие се државни или приватни е сосема сеедно. Тоа значи дека е време државата сериозно да размисли и за вклучување на приватните универзитети во прогласениот јавен интерес. На пример, едно примамливо решение би било на студентите да им се поделат ваучери кои тие би ги искористиле за запишување на подоброрангираните универзитети, независно дали тие се приватни или државни. Исто така парите за објавени трудови можат и треба да се делат на сите професори, независно од тоа дали се вработени на државните или на приватните универзитети. Впрочем, на тој начин државните универзитети ќе бидат изложени на конкуренцијата од приватните, а тоа ќе ги натера да бидат уште подобри.
Мојата втора важна порака до власта е: почитувајте ја автономијата на универзитетите која е загарантирана како со Уставот така и со овој закон. Впрочем, универзитетската автономија е стара речиси десет векови: дури и во мрачниот феудализам тогашните моќници (кралеви, цареви, деспоти, лордови, барони итн.) не се мешале во работата на универзитетите. За жал, во сите наши закони за високото образование, вклучувајќи го и овој, универзитетската автономија е само празна фраза зашто универзитетите немаат никаква слобода, освен слободата на професорите да се облечат во зелено или во црвено, да ги фарбаат косите, да носат бради и слично. На пример, членот 2 од законот вели дека автономијата е „право на независно и самостојно одлучување и управување за организациски, финансиски и кадровски прашања“, а потоа истиот тој закон во најситни подробности пропишува кои се внатрешни организациски единици, кои се надлежности на деканите и на разните тела, како да бидат организирани библиотеките, се споменуваат катедри и институти, како се избираат членовите на студентските собранија, кои услови се потребни за избор на професори итн.
На пример, погледнете го членот 38 кој вели: „мандатот на членовите и на претседателот на факултетското студентско собрание трае две години, со право на уште еден избор“ или „изборот на членовите и на претседателот на факултетското студентско собрание се одржува 30 дена пред истекот на мандатот на членовите и претседателот“. Понатаму законот пропишува колку време треба да трае практиката на студентите, колкав треба да биде односот меѓу задолжителните и изборните предмети, дека мора да има модули итн. Ако власта пропишува такви детали (дали мандатот трае две или три години, дали изборот се врши 20 или 30 дена пред истекот на мандатот и дали изборните предмети ќе бидат 10 % или 20 % од предметите, дали онлајн предавањата ќе бидат 10 % итн.), тогаш во што се состои кутрата универзитетска автономија? Испаѓа дека универзитетите имаат автономија самостојно да одлучат дали гласачките ливчиња ќе бидат бели или розеви, дали изборните предмети ќе се слушаат во втората или во петтата училница и ништо друго. А каде е автономијата на универзитетите ако власта определува со колкав просек се избираат асистенти и професори, ако кажува кој може да биде демонстратор и ако го определува бројот на студентите што можат да се запишат на факултетите? Од каде знае Владата колку студенти треба да се запишат на византиска историја, колку на маркетинг, а колку на хортикултура? А што да кажеме на тоа дека законот забранува да има правни, ветеринарни и архитектонски факултети на приватните универзитети? Зарем тоа не е драстично кршење на Уставот, да не речам − тиранија? Зошто само државните универзитети да предаваат право? Во која нормална и слободна земја го има тоа? Да скратам: драга Владо, тргни ги рацете од универзитетите и остави ги да дишат слободно како што правеле дури и Карло Велики, Хенри VIII и Фридрих Барабароса!
Најпосле, мојата трета порака до власта (која се надоврзува на претходната) гласи: аман веќе еднаш, отфрлете ја одвратната бирократска логика која сака да пропише сѐ живо на светов! Во тој поглед, предложениот закон содржи еден куп комични одредби како што се следниве: членот 18 пропишува каква форма има печатот на универзитетот (нешто што е сосема неважно зашто печатот може да биде триаголен или шестоаголен, а тоа нема никакво влијание врз квалитетот на образованието); членот 22 наложува дека секој универзитет мора да има интернет-страница (божем без овој член универзитетите нема самите да направат свои интернет-страници!) и плус детално кажува што треба да има на неа − систематизацијата на работните места, правилникот за плати итн. Чувај господе! Кому му е грижа за систематизацијата на работните места? На студентите, сигурно не. Кој универзитет во светот го објавува правилникот за плати и зошто би го објавил? Како тоа ќе ги придвижи нашите универзитети погоре на списокот на најдобрите универзитети? Како тоа ќе ја подобри наставата и ќе ги направи студентите позадоволни? Понатаму во членот 27 сѐ уште се споменува индекс, а во членот 154 дури се вели дека министерот пропишува каков ќе биде индексот! Еј, луѓе мои, во 21 век ние уште имаме индекси, нешто што е остаток од средниот век! Во членот 31 законот ги наведува дисциплинските мерки (опомена итн.). Пак, чувај господе! Зарем со закон се определуваат вакви ситници, зарем тоа не можат да си го определат самите универзитети? Членот 67 вели дека универзитетите мора да имаат центар за кариера, па уште кажува дека тој мора да одржува месечни средби и бла, бла, бла! Аман, луѓе, што ви е? Зошто не ставите уште еден член во кој ќе стои дали на месечните средби ќе се служи кафе или само минерална вода?
Понатаму членот 142 кажува како треба да изгледа конкурсот за запишување на студентите, како божем универзитетите не можат сами да си распишат конкурс. А да не зборуваме за тоа дека на многу универзитети нема никакви конкурси, туку заинтересираните можат да поднесат документи за запишување во текот на целата година. Слично на тоа, членот 145 кажува дека учебната година почнува меѓу 20 септември и 1 октомври, иако никому не му е јасно што ќе се случи ако, не дај боже, еден универзитет започне на 1 септември, а друг на 1 октомври. Во членот 147 имаме уште една глупост − законот кажува дека оцените треба да се движат од 5 до 10 наместо секој универзитет самиот да си пропише како ќе ги бележи оцените. На пример, моите две ќерки студираат во Германија при што кај едната оцените се движат од 4 (најслабо) до 1 (најдобро), додека кај другата оценувањето е од 5 (најслабо) до 14 (најдобро). Ете, гледате дека образованието може да функционира сосема нормално и со различно оценување. Но, кај нас не може зашто веројатно би било крај на светот ако скопскиот универзитет пишува петки, а тетовскиот двојки. Врв на хуморот е тоа што во истиот член 147, законот (замислете: законот!) кажува како се пресметува просечниот успех во студирањето! Аман, луѓе, зарем универзитетите (кои се полни со доктори на науки) не знаат самите да пресметаат просек?
Ако сакате да ги слушнете врвните смешки, слушнете го ова: членот 151 вели дека деканот, само деканот и никој друг освен деканот им ги дели дипломите на студентите за време на свечените промоции. А круна на сѐ е членот од законот во кој се определуваат коефициентите на платите на вработените, и тоа: 1,2 за градинар, сервирка и готвач, 1,3 за чувар и возач итн. Прво прашање: Во која земја има ваква работа? Второ прашање: Сакате да кажете дека во другите закони се наведени платите на вработените, т. е. во Законот за шумите се наведени платите на дрвосечачите, во Законот за Народната банка стои платата на возачот на гувернерот, во Законот за здравствена заштита стои платата на чистачките, а во Законот за енергетика е наведена платата на чуварот во РЕК Битола? Трето прашање: Зарем не е срамота во закон за високо образование да се зборува за градинари и сервирки?
Затоа, драга министерке, како универзитетски професор, а тоа значи учена и паметна жена, оставете ги вашите бирократски настроени советници, земете длабоко воздух и за миг размислете за следниве прашања: Зошто е толку важно тоа кој ќе ги дели дипломите на студентите? Што ќе се случи ако деканот се разболи и дипломите ги подели продеканот за настава? Конечно, што ќе се случи во сите овие случаи − ќе пропадне државава, ќе настрадаат студентите, ќе се навредат нивните родители, ќе се намали квалитетот на образованието, фирмите нема да ги признаваат таквите дипломи, студентите ќе останат без работа? Понатаму, како може сервирките да се опфатени во законот за високото образование, каде се зборува за научни трудови, за меѓународни списанија, за дипломи, за предавања, за докторати и слично? Зошто се срамите со вакви работи? Со други зборови, дозволете да ви укажам на една многу проста, но важна работа: прво, смислата на законите е да ги постават само општите правила на играта, а не да пропишуваат илјадници ситни и неважни нешта; второ, целта на законите е да го заштитат општиот (јавниот) интерес (на пример, безбедноста на граѓаните, слободата, здравјето итн.), а не да се заплеткуваат во сосема неважни и бесмислени работи кои немаат никакво влијание врз доброто на луѓето. Оттука статијава ќе ја завршам со прашањето: Ќе се најде ли конечно јунак кој за доброто на сите нам ќе ни понуди закон за високо образование со вкупно десет страници?
Економија и бизнис | печатено издание | 15 февруари 2026г.











