Живееме во време кога економските параметри излегуваат надвор од секоја воспоставена граница и борбата за предвидување на утрешните цени на стоките и услугите е сизифов предизвик. Борбата со се поголемата инфлација и неекономски создадените фактори кои влијаат на понудата и побарувачката дополнително ја влошуваат ситуацијата со одредувањето на цените. Во еден таков контекст добро е да се осврнеме на терминот “парадоксот на вредност”. Имено, станува збор за теорија преку која на споредбен начин се определува вредноста на две различни добра. Во економската литература оваа теорија е поткрепена со цената на водата и дијамантот. Објаснувањето е следно: зошто водата која е толку неопходна за живот има толку ниска цена, а од друга страна дијамантот кој е малку корисен за луѓето има релативно висока пазарна цена?
Факторите кои влијаат на цените на овие две добра се следни:
- 1. Количество на вложен труд за производство
- 2. Трошоци на производство
- 3. Реткост на доброто
- 4. Корисност од доброто
Првите три фактори недвосмислено ја потенцираат разликата во цената, додека четвртиот има рационално објаснување. Првиот фактор нагласокот го става врз напорот и вложената механизација за пронаоѓање, екстрахирање и рафинирање. Притоа, неизбежно е да се согласиме дека за производство за еден дијамант потребно е многу поголем човечки труд. Исто така, трошоците за комплетирање на производството до финален производ се далеку повисоки кога станува збор за дијамантите. Третиот фактор е реткоста на доброто, а таму (барем според досегашните испитувања) илузорна е да правиме споредба. Што се однесува пак до корисноста тука треба да нагласиме дека цената на доброто не е одредена од нејзината вкупна корисност, туку од нејзината маргинална корисност. Сликовито објаснето преку еден хипотетички пример тоа изгледа вака: Се наоѓаме во пустина и со нас имаме 1.000 евра. Времето е толку топло и ние сме толку изморени па се би дале да дојдеме до една чаша вода. Во тој момент би ги дале и сите 1.000 еур само да ја задоволиме нашата потреба за хидрација. Но што доколку на 100 метри од нас се наоѓа оаза каде може да пиеме вода колку сакаме? Во тој случај цената на водата драстично опаѓа и кога ќе сме веќе сити, вредноста на водата е многу ниска. Маргиналната вредност е всушност вредноста на последната чаша вода.
2022 година се чини дека ќе биде најтешка за промостување, затоа што се соочуваме со сеуште активна здравствена криза надополнета со воена криза. Ваквата комбинација не наведува на голема доза на претпазливост, а во корелација со идната вредност на добрата и услугите треба во предвид да ги имаме последните трендови кои глобално ги афектираат цените:
а) Резервни планирања – соочени со нарушените синџири на достава компаниите бараат алтернативни начини за обезбедување на потребните суровини и производи и притоа да обезбедат непречена дистрибуција. Трошковниот аспект за дуплото планирање и алтернативните рути во голема мера се рефлектира врз крајната цена на производот
б) Климатски промени – глобалните заложби за ниски емисии на јаглерод диоксид во иднина ќе имаат клучно влијание врз побарувачката и компаниите мора брзо да се прилагодат на новите пазарни услови доколку сакаат да опстојат на пазарот. Оттука, досегашните производи кои имаат негативно влијание врз животната средина ќе бидат ставени во втор план и нивната цена драстично ќе се намали
в) Демократизација на финансиските услуги – тука пред се се мисли на слободата во “финансиското изразување” или слободата во користењето на парите. Трошковниот аспект ќе остане ист но ќе се промени начинот и трансмисијата на вредноста. Користењето на криптовалути, картички, пос терминали и банкомати до толку ќе се актуелизира што сегашните начини на функционирање ќе станат “смешни”. Слободата за користење на средствата силно ќе ги афектира цените на голем број производи, а нејзината правилна антиципација може да донесе големи бенефити
г) Рурални урбани жители – изминатите 2 години се поголем број на луѓе бараа мирни и изолирани места, надвор од градскиот метеж. Таквиот тренд продолжи да се пренесува и во градовите. Сега, голем број на луѓе кои живеат во градовите сакаат да го рурализираат нивниот живот. Земјоделство на затворено, зелени градини на покривите и слично ќе стане нова нормалност, а бизнисите кои ќе успеат да го апсорбираат ваквото движење во е-трговијата ќе ја имаат пол позицијата во трката со конкуренцијата
д) Грижата сам за себе – иако можеби на прв поглед ќе звучи себично, но сите случувања во последните 2 години не направија да посветуваме поголема грижа за самите себе, отколку за останатите. Апсорпцијата на производи и услуги кои го прават потрошувачот исполнет и самоуверен ќе придонесе кон подобра перцепција на одредени брендови, а со тоа и врз цената на производите и услугите.
Како и да е, сите овие трендови и движења само уште повеќе ја зајакнуваат тезата за парадоксот на вредноста. Доколку правилно ги согледуваме фактите, во каква форма и облик да се соочиме со парадоксот на вредност, ќе знаеме правилно и навремено да реагираме, а на крајот сепак сакаме да веруваме дека пазарот е тој кој ќе ја формира цената.
(Редакција Е&Б)






