Петер: Мојата желба е 2022 година да биде почетокот на крајот на социо-економската нестабилност

Пред година дена сите ние се збогувавме со 2020 година, полни со надеж и ослободување − очекувавме многу од почетокот на вакцинацијата и заминувањето на вирусот, а тоа е враќање на економската одржливост и стабилност. Вакцинацијата и враќањето во ’новото нормално‘ и тоа како имаше позитивен ефект на социо-економските движења.
За жал, како што навлегуваме во 2022 година, мислам дека ова ќе биде година обележана со нестабилност, и тоа не само еден вид нестабилност. Тука мислам на големата несигурност во целиот синџир на снабдување: производство, транспорт, работна сила итн. На светско ниво се соочуваме со енергетска криза која е особено изразена во нашиов регион. Токму решавањето на оваа криза треба да биде највисок приоритет за сите нас бидејќи директно влијае врз работењето на компаниите.
Залудно и губење време е да се жалиме на минатото. Наместо тоа треба да се фокусираме на иднината. Во 2022 година очекувам ние како компании да ја задржиме флексибилоста при работењето и да ја зголемиме продуктивноста на работењето, да прогласиме конечна победа над вирусот – иако мора да бидеме свесни дека нема да замине, како и да се надеваме на зајакнување на политичката и економската стабилност на земјава.
Мојата желба е 2022 година да биде почетокот на крајот на социо-економската нестабилност!
Среќна Нова година!

Повеќе од истиот автор

Најчитано