Порше очекува уште една рекордна година за продажба

Производителот на луксузни автомобили ПОРШЕ (Porsche AG), кој е дел од групацијата Фолксваген (Volkswagen Group), очекува уште една рекордна година за продажба и покрај глобалниот недостиг на чипови и полуспроводници, изјави неговиот шеф за продажба на компанијата во интервју за германски магазин. „Кога ги гледам тековните нарачки, уверен сум дека во 2022 година растот на продажбата може да достигне слично високо ниво како претходната 2021 година“, изјави Детлев фон Платен во интервјуто. Продажбите на автомобилите од гамата ПОРШЕ се зголемија за 11 % минатата година достигнувајќи 301 915 продадени возила. Доколку се задржи ова темпо на раст, тоа би значело дека продажбата би можела да достигне и повеќе од 335 000 оваа година. Производителите на автомобили во светот се погодени од недостиг на полуспроводници предизвикан од прекини во синџирот на снабдување поради ширењето на пандемијата ковид-19 која принуди голем број производствени капацитети на глобалниот пазар да го намалат производството. Дополнително пандемијата ја зголеми побарувачката на современи дигитални алатки, што резултираше и со зголемена побарувачка на полуспроводници кај електронските компании за широка потрошувачка.

Повеќе од истиот автор

Најчитано