Свечено беше отворена целосно реконструираната сала „Работнички“ во Градски парк, еден од најстарите спортски објекти во државата.
Како што информираат од прес-службата на Општина Центар, салата е реконструирана според стандардите на ФИБА, со целосно обновен паркет, нова фасада, современо ЛЕД-осветлување, енергетски ефикасен систем за греење, ладење и вентилација, нови соблекувални, санитарни јазли и нови столчиња на трибините. Со обновата на објектот во Градски парк, најтрофејниот клуб КК „Работнички“ доби дом достоен за своето име и традиција, место каде што ќе се редат нови победи и ќе се гради иднината на спортот во Центар.
Во рамки на свеченоста се одиграл ревијален натпревар меѓу младинскиот состав на КК „Работнички“ и шампионите од Лига Центар од ООУ „Кочо Рацин“, проследен со настапи на хип-хоп групи и богата спортска програма.
На отворањето, покрај бројните гости и советниците на Општина Центар, присуствувале и ветераните на КК „Работнички“, Огнен Герасимовски, Драган Радосављевиќ, Рики Ѓорчевски, Стерули Андоновски, Томе Димишковски, Миро Крстевски, Тихо Матевски, и Перо Антиќ, на кои им беше доделено признанието „Феникс“ симболот на Општина Центар, птицата што се раѓа од пепел, како знак на обнова, истрајност и нов почеток.
-Се што правам како градоначалник, го работам со најдобра верба и мисла за нашите центарци. Со упорност, со скромност, со многу енергија и љубов, создадовме уште една победа, која им припаѓа на сите во Центар, без исклучок и поделби. И оваа сала е резултат на нашиот пристап, дека заедно можеме да направиме се. Без политика, без делби, напротив, обединети и сложни во успесите и резултатите и потенцираше градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Обраќајќи им се на младите центарци кои ги исполнија трибините, Герасимовски порачал дека салата е наменета токму за нив, за генерациите што допрва ќе создаваат нови спортски успеси и ќе го носат духот на „Работнички“.
-Драги ученици, новата сала е секогаш отворена за вас. За спорт, за натпревар, за другарување, за споделување на вистински вредности во животот. Од срце ве поканувам да ја користите, да бидете присутни, да бидете здрави и конкурентни, да создавате резултати, да се радувате на своите и заедничките успеси! Во оваа сала ќе ги гледаме нашите нови шампиони, ќе ја пишуваме новата историја – порачал Герасимовски.
Фото: Општина Центар






