„Свети Никола“ e празник на градот Прилеп, куќна слава на половината прилепчани на кои другите им одат на гости.
Пред точно 20 години, Свети Никола стана градска слава, а светецот – заштитник на градот. Прославата e од памтивека, a последните две децении е со намера да ги зајакне традициите, да го врати заедништвото меѓу луѓето.
Прилеп влезе во Гинисовата книга на рекорди на 19 декември 2008 година со приготвени 80 191 мала посна сарма. За секој прилепчанец по една. Рекорд како симбол за заедништво.
Се слави празникот на градот по 20 пат. Со посна трпеза, благослови и песни.
Два дена, повеќе од 40 прилепчанки од четири здруженија вредно ги виткаа малите посни сарми, симболот на прославата, но и на традицијата.
– Колку помали, толку повкусни. Ама и потерсене за приготвување. Секоја посна сармичка, како оревче, едно залаче. Тајната е во деталите, зачините и тивкото варење на сармичките во тенџерето како бисери нанижани, со гордост објаснува Љубица Петреска, претседателка на Здружението на жени „Мајка традиција“ кое заедно со здруженијата „Преродба“, „Китка“ и „Орхидеја“ со радост ги виткаа сармите.
Прилепчанки се радосни што продолжи традицијата на виткање сарми која од пандемијата беше прекината.
– Оваа традиција не смее повеќе да се прекинува. Посебна гордост е што ги гледаме младите. Ни се придружија, сакаат да ја научат и да ја продолжат. Може да бидеме спокојни. Традицијата е во сигурни раце, објаснува Петреска.
Годинашни домаќини на јубилејната прослава на градската слава се две прилепски компании. За нив честа е голема, радоста уште понеизмерна зашто ќе ги угостат ем прилепчани, ем сите гости што ќе бидат во Прилеп за „Свети Никола“.
– Прилепчанките кои ги виткаа малите посни сарми, а од кои ние помладите учиме многу, се столбот на нашата традиција. Чест е да се сподели заедништвото, да се продолжат вековните обележја на нашиот живот. Посено задоволство што се за првпат вклучени и најмладите од градинка. Ја учат традицијата. А како компании домаќини сме подготвени да ги пречекаме гостите во центарот на Прилеп на посна трпеза со сарми, гравче, риба, топол напиток. Свети Никола не е само светец заштитник на градот. Тој е симбол, на заедништвото, на љубовта, на верата, на помагањето едни на други, симбол е на соживотот, милозливоста, добрината, човечноста. Затоа сета прослава е многу позначајна, вели Рената Јанческа Ацеска, претставник од компаниите- домаќини.
Прославата вклучува утринска литургија, пресекувањето на славскиот колач пред параклисот во центарот на Прилеп и многу благослови.
Извор/фото МИА







