Пандемијата, воената ситуација што ги погоди Европа и светот, актуелната инфлација, придонесоа економиите и сите нејзини чинители да се соочат со турбуленции и низа предизвици. Ситуацијата и начинот на справување со предизвиците варира од држава до држава, но сепак заедничко е тоа што секаде овие состојби го оневозможуваат стабилното економско закрепнување. Сè повеќе држави чувствуваат економски притисоци за изнаоѓање на брзоприменливи и докажани методи и решенија, особено кај оние од кои се очекува да го поддржат економското закрепнување, а тоа се банките. Меѓутоа, банките исто така се соочуваат со предизвици. Како последица на општата состојба, обемот на нефункционалните кредити континуирано продолжува да расте. Зголемениот обем на нефункционалните пласмани носи последици за банките, односно ги зголемува трошоците за финансирање и „наштетува“ на нивните капитални позиции.
Европската централна банка во изминативе неколку години издава предлози како да се намали стапката на нефункционални пласмани. Во тој контекст отворено се залага за развиен и стабилен секундарен пазар за продажба на нефункционални пласмани.
Европската комисија, во соработка со Форумот за нефункционални пласмани кој беше формиран за таа цел, во октомври 2022 година издаде документ „Упатство за најдобро извршување на процесот за продажба на нефункционалните пласмани на секундарните пазари во ЕУ“. Во документот се дадени низа необврзувачки насоки за најдобрите практики кои можат да ги имплементираат банките при продажбата на своите побарувања. Упатството ги истакнува конкретните чекори и фази на процесот за продажба на нефункционални пласмани кои ќе донесат успешни резултати и во крајна линија ќе им овозможат на банките ефикасно справување со зголемениот обем на нефункционални кредити. Во него се наведени одредени практики и услови кои се сметаат за неопходни за да се постигне успешен исход од процесот на продажба. Банките (како продавачи на нефункционални кредити) се главната целна публика, а особено помалите институции кои имаат помало искуство со голем број нефункционални кредити на секундарните пазари. Сепак, овој документ може да стане стандард за пазарна практика за сите продавачи на нефункционални кредити. Целта на Упатството е да ја охрабри примената на добрите купопродажни процеси за нефункционални пласмани, трансакции во рамките на европскиот секундарен пазар и да им помогне на продавачите и на купувачите кои можеби имаат помалку искуство со тргувањето на секундарниот пазар.
Кога проблемот на нефункционалните кредити ќе се искачи на системско ниво потребно е усогласување на потенцијалните алатки за решавање со основните карактеристики, обележја на системот во кој функционираат банките. Тоа директно придонесува кон избор на најдобриот одговор, односно примена на најсоодветната политика. Подготвеноста и превентивните мерки често се клучната точка за успешно надминување на кризните состојби и шоковите кои го погодуваат пазарот. Од друга страна, макроекономските политики не можат да дадат решение на основните двигатели на проблемот со нефункционалните кредити и не можат да обезбедат образложение за доцнењето во справувањето со проблемот. Слабите макроекономски услови и високите нефункционални кредити се хранат еден од друг. Кога банките го носат товарот на високи стапки на нефункционални кредити, тие се воздржани од кредитирање и оттука потребно е повеќе време за опоравување на економијата и на постигнување позиција на економски раст. Но, и комплементарни макроекономски политики можат да помогнат да започне тој процес. Зголемениот обем на нефункционалните кредити носи грижи и за носителите на макроекономските политики. Во циклични макроекономски услови потребна е имплементација на соодветни макроекономски политики кои се насочени кон раст и кои можат да помогнат кон разрешување на состојбата. Во такви услови, ослободување на просторот во билансите на банките може да го поддржи економското закрепнување. Токму длабокиот и ликвиден секундарен пазар за нефункционални пласмани ќе им овозможи на банките да ослободат простор во нивните биланси за ново кредитирање, а со тоа и да овозможат финансирање на економското закрепнување.
Упатството донесено од страна на Европската комисија може да биде одлична водилка за банките. Ќе им овозможи рамка за решавање на проблемот на нефункционалните пласмани кои ги оптоваруваат нивните биланси. Докажаните резултати од примената на овој процес ги стимулира банките сè почесто да ја одберат како решение продажбата на нивните нефункционални кредитни пласмани.
Примената на овие практики кај нас и доближувањето на домашниот пазар поблиску до оној на Европа директно ќе придонесе кон понатамошен развој и идна успешна хармонизација со пазарите на ЕУ.
Врз основа на официјално објавените бројки, ние сè уште не сме во состојба на системски проблем. Во оваа поволна позиција се наоѓаме благодарение на донесените и применетите мерки и превентивната политика на Народната банка и на самите банки. На нашиот пазар состојбата бележи стабилност, банките реагираат превентивно, внимателно и со овој начин на предвидување на состојбите тие успеваат успешно да одговорат на предизвиците. И покрај тоа што моментално се наоѓаме во поволна позиција, тоа не ја исклучува можноста од настапување на криза на нефункционалните пласмани предизвикана од цикличните макроекономски состојби. Тогаш продажбата на нефункционалните кредити е неминовна, иако веќе задоцнета активност, затоа што продажбата треба да служи како алатка за превенција, не како реакција на дадена состојба. Дополнително, особено важно е да се обидеме да ги предвидиме ситуациите со кои би се соочиле во иднина.
Додека ние се соочуваме со неконзистентност на нашиот Закон за банки од 2007 година, со ЕУ регулативи од 2013 или 2014 година, Европскиот парламент и Советот на ЕУ минатата година донесоа нова Директива (ЕУ) 2167 за кредитори и купувачи на кредити, која ќе мора да се примени во ЕУ-земјите од 2023 година. Со ова јасно е дека во рамките на Европската Унија еден стабилен и праведен финансиски пазар со силно развиен секундарен пазар за тргување со нефункционални пласмани е главниот императив за кој се креираат сите политики и активности за негово етаблирање и зачувување.
Искуството на ЕОС (ЕОЅ) како финансиски инвеститор кој дејствува на пазарот веќе 20 години покажува дека продажбата на нефункционалните пласмани е добро решение и за нашиот систем и како решение е прифатено од страна на банките бидејќи им овозможува да се ослободат од товарот на ненаплатените побарувања и да се посветат целосно на основната дејност. Останува на државата и на Народната банка да го потпомогнат развојот на секундарниот пазар за тргување со нефункционални пласмани со јасна и недвосмислена законска рамка и на тој начин да придонесат кон негово развивање.









