Разговор со адвокат Мери Косаркоска
Што според македонското законодавство се смета за заеднички имот стекнат во брак, а што останува лична сопственост на сопружниците?
– Разводот на брак сметам дека е една од најзастапените теми во судската и адвокатската пракса, особено последниве години. Прашањето за развод на брак секогаш буди одредени полемики и дилеми, со оглед на фактот дека не е само правна постапка, туку и длабока животна промена на двајцата сопружници, а се разбира и на нивните деца ако ги имаат.
Кога еден брак завршува, најчесто брачните другари од правен аспект размислуваат за старателството врз заедничките деца, висината на алиментацијата, но интересно е од пракса и често поставувано пршање на клентите е што ако спротивната страна не сака да се разведе?! Нашиот суд познава развод без вина, а тоа значи дека без обзир на причините секој може да побара развод и судот нема да бара вина кај сопружниците, а бракот ќе биде разведен. Потоа, се јавува едно друго критично прашање, кое самите клиенти го поставуваат, а тоа е: “Што е наше, а што е само мое“, односно како би се делел заедничкиот имот, недвижен или подвижен.
Во Законот за семејство јасно е дефинирано што претставува заеднички, а што посебен имот на брачните другари, како може да се подели и врз основа на кои критериуми се проценува уделот. Заеднички имот опфаќа се што е стекнато со работа на едниот или двајцата брачни другари во текот на траењето на брачната заедница, додека пак посебен имот е се што е добиено во наследство, односно се што поседувал брачниот другар пред склучување на бракот, како и подароци, лични предмети и легат. Иако, многу често во пракса овие граници може да бидат замаглени.
Како се утврдува уделот на секој од сопружниците при поделба на имотот – дали важи принципот 50 – 50 или постојат исклучоци?
-Во македонскиот правен систем поделбата на имот по развод на брак уреден е прецизно низ неколку закони и не станува збор за поделба како што многу од клиентите мислат: „Пола мене, пола тебе“. Законот прави јасна разлика помеѓу заеднички и посебен имот, како што и предходно кажав, но во пракса работите не се така црно – бели. Претпоставка при делба на заедничкиот имот е дека уделите на сопружниците при стекнување на имотот во брачната заедница е еднаков. Одговорот е, во принцип да, но постојат и исклучоци. Реално треба да се земат предвид одредени критериуми како што се: висината на остварените приходи на двата брачни другари, степенот на меѓусебна помош, грижата за деца, грижа околу домаќинството, како и секој друг облик на зголемување или одржување на заедничкиот имот. Законот гледа на бракот како партнерство, каде и двајцата брачни другари придонесуваат, без разлика дали е тоа со работа, со грижа за домот и децата или на друг начин.
Ако ме прашате како сето тоа се докажува, односно кој колку од брачните другари придонел и на каков начин кон стекнување на заедничкиот имот, би потенцирала дека таа постапка делува многу мачно и комплицирано и во пракса трае со години, па многу клиенти кога ќе им елаборирам кои се докази ни требаат – во смисла писмени документи, сведоци, вештачења и слично, па должината на траење на самата судска постапка до трошоците кои настануваат во текот на постапката, а најчесто се прилично големи, се откажуваат и пристапуваат кон спогодбено решавање при подлебата на заедничкиот имот, што да кажеме дека е многу поедноставна и поекономична процедура. Во секој случај, законот е јасен и сите на крај ги остваруваат своите права.
Како се постапува во случаи кога имотот е стекнат со кредит, кога едниот сопружник има поголем финансиски придонес или кога едниот не бил формално вработен?
-Во пракса често се јавуваат ситуации каде што едниот брачен другар, може да докаже дека неговиот придонес во заедничкиот имот е очигледно и значително поголем од уделот и придонесот на другиот брачен другар. На пример, ако едниот сопружник имал големи приходи од својот бизнис и со тие остварени парични средства купувал недвижности, додека пак другиот брачен другар не работел и не придонесувал кон стекнување на тој имот, реално првиот брачен другар може да докаже поголем придонес. Но, ако едниот работел и заработувал, додека пак другиот се грижел за децата и домот, тое не е основа за различни удели, туку се смета дека двајцата еднакво придонесувале. При стекнување на заедничкиот имот се зема предвид секој облик на работа која создава вредност, а не само заработувачката, туку и помошта што едниот од нив ја пружи на другиот, да речиме грижата за одружување на домаќинството и имотот, грижа за децата и слично.
Исто така, и имотот кој е стекнат во текот на траењето на брачната заедница со парични средства кои едниот брачен другар ги обезбедил преку договор за кредит од банка преставува заеднички имот. Треба да се знае дека, брачните другари одговараат солидарно за обврските што едниот брачен другар ги направил за намирување на тековните потреби на брачната заедница, како на пример подигнувањето кредит за купување на стан за семејството, за купување на автомобил, реновирање на заедничка недвижност, па и за трошоци тековни во домаќинството. Тоа што многу често долгот е само на едно име, односно на име на еден брачен другар не го прави автоматски личен, туку ако парите се искористени за потребите на семејството, долгот е заеднички.
Кога се случува спојување или трансмутација на имотот на брачните другари?
Сметам дека, една од позначајните правни предизвици при делба на имотот помеѓу брачните другари е коцептот на спојување на имотот. Трансмутација е поим во правото што ја означува промената на правниот режим на имотот, од личен – посебен имот во заеднички и обратно. Многу често, во пракса сум имала ситуација каде што едниот сопружник вложил наследени пари во реновирање на заеднички стан, и во тој случај тој посебен имот може делумно да премине во заедничкиот имот. Во ваква ситуација посебниот имот може да го изгуби својот заштитен статус и да стане брачен имот. Тука се појавува проблем и се создава простор за инцирање на судска постапка и правно докажување, при што Судот е тој што испитува колку точно е доприносот врз основа на доказите што се предложени и изведени во текот на судската постапка. Во многу држави, па и кај нас брачниот другар кој бара дел од заедничкиот имот, како посебен го има товарот на докажување.
Добро е да се знае, дека само обично одржување или мали вложувања не доведуваат автоматски до трансмутација, потребно е значително вложување што суштински ја менува вредноста или природата на имотот.
За крај, во последниов период многу често македонските граѓани се одлучуваат за купување на имот во странство, најчесто во Грција. Како се постапува во ваков случај при поделба на заедничкиот имот стекнат во брак, а купен во друга држава?
-Да, точно е дека се повеќе граѓани не само од Македонија, туку и од регионов инвестираат во недвижности во Грција, било за одмор, престој или како долгорочна инвестиција, односно бизнис. Постапката на купување секако е возможна, но бара особено внимание на законските и административните процедури, а со оглед на специфичната грчка администрација, која знае да биде многу спора. По однос на Вашето прашање, македонските правосудни органи при постапка за делба на заеднички имот ќе го третираат имотот купен во друга држава како дел од имотот стекнат во брак, со оглед на фактот дека е стекнат за време на траење на брачната заедница, иако е купен во друга држава. Да, во земјата како што е купена недвижноста важат локалните закони за сопственост, но при постапката за делба на заедничкиот имот во Македонија би бил опфатен и имотот во странство, еве да речиме во Грција, со тоа што би се водела дополнителна постапка пред судските органи во Грција за признавање на одлука за поделба на заеднички имот донесена од судски орган во Македонија. Да поентираме, имот купен во странство за време на траење на бракот се смета за заеднички имот.







