Доколку работниците од Албанија и Македонија пристигнат во поголем број во Србија, во рамките на единствениот пазар на трудот, што почна да функционира од први март преку иницијативата Отворен Балкан, тоа ќе ја намали цената на домашната работна сила, смета Зоран Михајловиќ, секретарот на Советот на самостојни синдикати на Србија.
– Одлуката за единствен пазар на трудот е неповолна за работната сила во Србија, бидејќи тоа ќе влијае на цената на трудот на работниците. Оваа одлука е добредојдена за работодавачите и странските инвеститори, затоа што ќе имаат помалку трошоци за вработените, изјави Михајловиќ за Бета.
Сепак, како што напоменува тој, најверојатно нема да дојде до поголем прилив на работници од Албанија и Македонија, затоа што минималните цени на трудот во сите три држави се слични. Евентуалната „преселба“ на работниците од другите земји ќе ги чини дополнителен трошок за сместување, кои се повисоки од платата што би ја заработиле во Србија.
Минималната плата на цената на трудот во Србија е 400 евра, во Македонија околу 380 евра и во Албанија околу 350 евра.
– За да дојде некој работник од другите две земји треба платата да биде повисока за 60 до 70 отсто од таа во матичната земја, за да може странскиот работник да ги покрие трошоците за сместување и за храна. Не очекувам голема флуктуација на работната сила во земјите од Отворен Балкан. Сето тоа е маркетиншки потег, изјави Михајловиќ.






