Природата била многу дарежлива кога станува збор за бериќетите што му ги подарила на подрачјето што го зафаќа Општина Кочани. Плодните почви, геотермалните води, Осоговските Планини и ред други ресурси нудат широк спектар на можности за полнење на општинската каса. Многу е важно менаџирањето со сите тие средства да биде професионално и транспарентно. И што е најважно, во раководењето со општината треба да се има слух за приоритетните потреби на самите граѓани.
Токму отсуството на транспарентност, т. е. индолентност кон мислењето и потребите на граѓаните во минатите години ја доведе општината во незавидна финансиска положба. Сега, откако долговите се анулирани и состојбата е драстично подобрена, може да се каже дека Општина Кочани станува сервис на граѓаните во вистинска смисла на зборот. Тоа се забележува во подобрувањето и на линиската и на институционалната инфраструктура.
Но, не треба само инфраструктурата да биде на агендата на локалната самоуправа. Најголем предизвик за наредниот период е обезбедување на чиста и здрава животна средина. Факт е дека на Кочани му недостасуваат зелени површини, пешачки и велосипедски зони, како и повеќе паркинг-места. Секако дека и инспекциските служби треба да бидат поагилни и да придонесат за подигање на еколошката свест кај граѓаните. Да не заборавиме дека само здрави луѓе можат да бидат и среќни луѓе. А граѓаните на Кочани тоа го заслужуваат.







