Факт е дека Општина Струмица и регионот имаат огромен економски потенцијал. Тука, пред сè, мислам на релативно развиениот земјоделски сектор, исто така развиената прехранбена и преработувачка индустрија, градежништвото итн. Во последниве десетина години и туризмот бележи значителен раст. Општинската администрација со своите можности секогаш е добредојдена да помогне во развојот на бизнисот, иако има ограничени ресурси. Според мене, основно е да се направи стратегија за локален економски развој за период од минимум 10 години, која ја прави градоначалникот во соработка со бизнис-секторот, и тој документ треба да биде обврзувачки за тековниот и идните градоначалници до целосна негова реализација. Мислам дека прв проект на општината треба да биде драстично подобрување на патната инфраструктура. Сè поголемиот недостаток на работници нè тера да бараме работници од сите делови на градот и околината и затоа ни треба добра инфраструктура за да го скратиме времето за доаѓање и одење од работа. Исто така, иако не е во доменот на општината, сметам дека градоначалникот треба да изврши силно влијание на централната власт за модернизација на патот Струмица − Радовиш за да имаме подобра поврзаност на Струмица со останатиот дел од земјава. Друг важен приоритет за развојот на туризмот е изградба на велосипедска патека од манастирот во Вељуса преку Бања Банско, Колешински Водопади до Смоларски Водопади.







