Цената на суровата нафта започна брз пад по јуни 2014 година. Овој пад коинцидира со падот на цените на некои други стоки и го означи крајот на т.н. суперциклус – период на рапидно бумирање на овие цени, што започна порано – некаде на почетокот на 2000-тите години. Но, ако погледнеме наназад ќе забележиме дека падот на цената на нафтата што го гледаме сега не е нов, односно во историјата можат да се забележат најмалку три големи падови. Секој од нив се случуваше во време кога се реструктуираше пазарот на нафта, но и глобалната економија. Првиот беше во средината на 80-тите години кога Организацијата на земјите-извознички на нафта ОПЕК го напушти фиксирањето на цената на нафтата; вториот на почетокот на 90-тите години за време на Заливската војна, а третиот на почетокот на Големата финансиска криза од 2008 година. Сличноста меѓу сите три е зголемувањето на понудата и промени во политиката на ОПЕК по периодот на зголемување на цените. Ако се суди според историјата, тогаш цените на нафтата ќе останат релативно ниски и во претстојниот период.
Постојат неколку фактори кои ја придвижија цената на нафтата на сегашните ниски нивоа. Прво, тоа е состојбата со понудата и со побарувачката на пазарот. Всушност, пазарот веќе подолго време се соочува со вишок понуда, која особено доаѓа од новите начини на производство на нафта во САД. Порастот на цените на нафтата по 2009 година го направи вадењето нафта од шкрилци профитабилно и тоа го зголеми американското производство на нафта. На ова може да се додаде и напредокот во добивањето нафта од нафтен песок и биогоривата, особено во Канада. Но, производството на нафта од нафтени шкрилци, се чини, беше пресудно бидејќи се проценува дека бара пониски капитални трошоци и пократок период од почетокот на инвестицијата од извлекување нафта во полн капацитет – споредено со вообичаениот начин за вадење нафта. Од друга страна, во истиот период, глобаниот раст беше ревидиран надолно, што ја намали побарувачката. Зголемената понуда и намалената побарувачка ја доведоа цената ниско.
СО НАМАЛУВАЊЕТО НА ТРОШОКОТ НА ВАДЕЊЕТО НАФТА ОД ШКРИЛЦИ, ИЗВЕСНО Е ДЕКА ПОНУДАТА НА НАФТА ОД ОВОЈ ИЗВОР ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМУВА, А НЕЈЗИНИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ ЌЕ ИМААТ СÈ ПОСИЛЕН ГЛАС НА СВЕТСКИОТ ПАЗАР. ОД ДРУГА СТРАНА, НАПРЕДОКОТ НА ТЕХНОЛОГИЈАТА Сѐ ПОВЕЌЕ ЌЕ ЈА НАМАЛУВА ЗАВИСНОСТА ОД КОРИСТЕЊЕ НАФТА, ШТО ДОПОЛНИТЕЛНО ЌЕ ЈА ПРИТИСКА ПОБАРУВАЧКАТА НАДОЛУ И ТАКА ЌЕ ГИ ДРЖИ И ЦЕНИТЕ НИСКИ
Втор фактор е однесувањето на ОПЕК. ОПЕК дава околу 40% од светската понуда на нафта, што сѐ уште го прави значаен (а можеби и сѐ уште доминантен) играч на светскиот пазар на нафта. Во најмала рака, ОПЕК има капацитет кој не е целосно искористен и затоа може лесно да ја зголемува или да ја намалува понудата на нафта, и со тоа да влијае врз цените. Но, целта што ОПЕК ја постави за цената на нафтата на светскиот пазар од 100 до 110 долари за барел се чинеше превисока, особено во поглед на развојот на производството на нафта од шкрилци во САД.
Трет фактор е апрецијацијата на доларот. Од средината на 2014 година, доларот апрецираше за околу 15% во однос на големите светски валути. Познат факт е дека апрецијацијата на доларот ги зголемува локалните трошоци за набавка на нафта во земји чии валути не се фиксирани за доларот (како Македонија, на пример), што ја ослабнува побарувачката за нафта во овие земји, а ја зголемува понудата од земји надвор од доларското подрачје, како Русија. Оттука апрецијацијата на доларот е пресликана во пад на цената на нафта.
Конечно, земјите-извознички на нафта се соочуваат со геополитички тензии. Но, се испостави дека тие и немаа големи ефекти врз производството и извозот на нафта, како што првично се очекуваше: Либија сѐ уште произведува 500 илјади барели дневно, извозот од Ирак не е особено нарушен и покрај напредокот на Исламската Држава, ниту пак санкциите што Западот ги наметна врз Русија имаа поголемо влијание врз пазарот во Европа.
Оттука овие трендови не се случајни и влијаат врз пазарот на нафта на начин според кој, веројатно, ќе потраат уште некое време. Со намалувањето на трошокот на вадењето нафта од шкрилци, извесно е дека понудата на нафта од овој извор ќе се зголемува, а нејзините производители ќе имаат сѐ посилен глас на светскиот пазар. Од друга страна, напредокот на технологијата сѐ повеќе ќе ја намалува зависноста од користење нафта, што дополнително ќе ја притиска побарувачката надолу и така ќе ги држи и цените ниски. На спротивната страна, заздравувањето на глобалната екононија ќе влијае врз пораст на побарувачката на нафта и постепено зголемување на нејзината цена. Цената може да биде и под нагорен притисок ако производителите на нафта од шкрилци решат да го намалат или да го запрат производството, што е малку веројатно. Не се исклучени дополнителни глобални тензии на политички план и на развојот на ситуацијата со борбата против Исламската Држава – вклучително и односите меѓу Русија и Турција – да се одразат врз зголемување на цената на нафтата. Но, она што е сигурно во моментов е дека цената на нафтата забележува рекордни движења кои, веројатно, ќе потраат и кои ќе имаат подалекусежни ефекти врз пазарот на нафта.
март 2016










