Кога светот е во потрага по нови поефикасни и поекономични процеси на производство, со цел поголема профитабилност на компаниите, неизбежно е да се потсетиме на познатиот јапонски инжињер и статистичар Геничи Тагучи. Неговиот придонес во најразлични индустрии е нашироко признат, а неговите постулати сеуште се предмет на истражување. Примената на Тагучи методот овозможува ефикасна оптимизација на перформансите, квалитетот и цената, како и брзо и точно добивање на технички информации. Дизајнот и производство на високо квалитетни производи и процеси по ниски цени, и развојот на флексибилни технологии за дизајнирање на висококвалитетни сродни производи се основата на целукупната замисла. Тагучи методот најчесто се користи за подобрување на постоечките производи и производствени процеси и за намалување на потребата од експерименти. Во неговата основа, сегметот истражување и развој треба да функционира со највисоко ниво на прецизност и ефикасност.
Методите на Тагучи претставуваат одреден квалитетен инженерски систем кој се стреми да ги намали трошоците за производство и ја фаворизира ефективната примена на инженерските стратегии во однос на придобивките од напредните статистички методи.
Интересот на корисниците на инженерските услуги е професионалната и рационална комбинација на знаења, вештини со цел да се добие квалитетен и исплатлив производ. Оваа карактеристика бара инженерскиот кадар да има високо ниво на експертиза, знаење и способност да го води бизнисот. Способноста за навремено вклучување соодветни специјалисти и формирање на тимови задолжени за следење на квалитетот и трошоците се исто така клучна алка во синџирот.
Инженерството го наоѓа своето место во решавањето на проблемите кои можат да настанат поради различни интереси , различни сфаќања или ставови. Вистинскиот начин за решавање на проблемите (особено техничките) е професионален пристап кон квалитетот, примена на пропишаните норми и правилата на професијата.
Со давање интелектуални услуги, инженерството ја пласира најскапата стока на пазарот – умот.
За да ги направи производствените системи што е можно поефикасни, но и поквалитетни, секој производител треба да се стреми да најде соодветен пристап кој ќе му обезбеди опстанок и заработка. Многу брзиот развој на техниките и технологиите и забрзаниот проток на информации влијаеја на примената на новите знаења и нови техники и технологии во развојот и примената на системите „точно на време“.
Примената на методот Тагучи помага за остврарување на два вида цели:
– општи цели / Тоа се оние цели кои се поврзани со оптимизацијата на производните процеси, тестирање и проучување на неколку различни проблематични фактори, односно нивниот ефект врз крајниот резултат и скратување на потребниот период за експериментирање и тестирање
– специфични цели / Тоа се оние цели кои помагаат да се најдат специфичните фактори. Фактори кои имаат поголемо или помало влијание, фактори кои се потолерантни, т.е. поотпорни на промени.
Со помош на објективно добиени резултати, можно е да се обезбедат информации за тоа каде треба да се распределат ресурсите за да се подобри квалитетот, а исто така на овој начин може да се управува со квалитетот на добавувачот. Методите на Тагучи се познати и како инженерски квалитет, а ги содржат следните детерминанти: параметри на дизајнот, одредување на варијации, идеален квалитет, офлајн контрола на квалитетот, функција за губење на квалитетот, однос сигнал-шум и филозофија на робустен дизајн.
Тагучи методот е применлив за поединечни проекти и креира делови од производот без да се направат грешки. Затоа, квалитетното инженерство со Тагучи методот е поефикасно, побрзо и со повисоко ниво на интелигенција, во споредба со неговите опоненти. Може да се заклучи дека основната карактеристика на делата на Геничи Тагучи е тоа што неговата научна и практичната работа е извонреден пример за поврзување на врвните теоретски достигнувања со практиката во областа на обезбедувањето квалитет. Геничи Тагучи во инженерскиот систем за квалитет гледа процес кој се состои од три фази: дизајн на систем, дизајн на параметри и дизајн на толеранција. Геничи Тагучи даде плодни и вредни методолошки иновации во статистиката и инженерството. Неговата севкупна системска стратегија и параметри на дизајнот во голема мера влијаеја на подобрувањето на квалитетот на производството ширум светот. Многу технички детали за методот на Тагучи и нивната корисност во експериментирањето и истражувањето дури сега се проучуваат од страна на големите индустриски капацитети, а гигантите како Тојота, Боинг, Форд и Ксерокс, веќе долго време функционираат врз методот на Тагучи.






