Очекувам во 2022 година да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ. Верувам дека новата влада во Бугарија ќе ни подаде рака за заедно да изградиме мост на доверба и партнерство. На крајот, дури и да не се согласиме во сè, верувам дека сме доволно зрели да ги прифатиме разликите и да живееме со нив. Немаме време за губење. Глобалните движења се крајно неповолни, а ниту ЕУ е имуна на геополитичките триења. Регионалната нестабилност гласно предупредува. Затоа мојата најголема желба е следната година, пред сè, да бидат зачувани стабилноста и мирот. Тие се непроценливо драгоцени. Дома очекувам пристапните преговори со консензус да добијат тежина на државен проект, со фокус кон расчистување со корупцијата, професионализација на администрацијата и креирање простор за ослободување на позитивна бизнис-енергија. Очекувам да инвестираме во младите, да им дадеме шанса да научат да ја сакаат својата земја и да се чувствуваат убаво во неа.







