Подобрувањето на услугите кои ги нуди Општина Велес за своите граѓани ќе се постигне најнапред со подобрување на транспарентноста, подобро информирање на граѓаните за работата и надлежностите на општината и овозможување активно учество при креирање на годишните програми за работа на општината – со акцент на приоритетите на граѓаните. Ова најдобро ќе се постигне преку јакнење на граѓанскиот сектор, ставање во функција на урбаните и месни заедници, утврдување на нивните приоритети и нивно имплементирање во соодветните програми за работа на општината.
При носењето одлуки од локално значење, заради овозможување на следењето на интересите на граѓаните, задолжително да има организирање на јавни трибини со претходно добро информирање за местото и времето на одржување за да се овозможи масовно учество на граѓаните.
Исто така потребно е испитување на јавното мислење за одредени прашања кои се однесуваат на граѓаните преку спроведени анкети, на кој начин ќе се донесат одлуки кои ги отсликуваат нивните реални потреби што, од друга страна, позитивно ќе влијае на спроведувањето.
Потребно е да се искористи Центарот за развој на Вардарскиот Регион, кој е лоциран во Велес, за реализирање на капитални проекти со искористување на средства од претпристапните фондови, како и развој на индустриските зони и нудење на поволни услови за потенцијалните инвеститори.
Треба да се доекипира Одделението за ЛЕР и да учествува во партнерски проекти со соседните општини за да се зголеми процентот на аплицирани и добиени проекти.
Потребно е подобро функционирање на помошните тела на општината, односно советите формирани од општината заради добивање најсоодветни решенија во секоја од областите за која се формирани (Локален економски социјален совет, Совет на млади, Социјален совет и сл.).







