Пред неколку броја во Економија и бизнис магловито го најавив новиот План за раст на Западниот Балкан, со до тогаш расположливите јавни информации, а во овој број ќе внесам и малку повеќе детали за да биде појасно за каков инструмент се работи и за каква економска можност зборуваме. Го нагласувам зборот „можност“ бидејќи многупати до сега можностите не ги искористивме или не во целост. Најчесто поради нашето ниско ниво на способност за апсорпција на расположливите средства, дел поради немање готови зрели проекти, дел поради немање капацитет за имплементација на проектите во нашите институции, дел поради лошото планирање и дел поради елементи на коруптивни обиди за злоупотреба на европските пари.
Веднаш да појаснам. Кога го елаборираме Планот за раст за Западен Балкан, всушност говориме за нова буџетска линија во Буџетот на ЕУ (веќе изгласана и од Европскиот совет), со алоцирани свежи 2,0 милијарди евра кои повлекуваат и 4,0 милијарди евра меки заеми или можност за вбризгување на нови вкупно 6,0 милијарди евра во анемичните економии на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Македонија. Според грубите пресметки, врз основа на формулата која ја дефинираше Европската комисија, а која зависи од бројот на населението (тежински фактор 60 %) и БОП (40 %) на секоја земја во однос на просечниот БОП на Западниот Балкан, Македонија има можност за алокација од околу 810 милиони евра за четири буџетски години (2024−2027). За разлика од ИПА-средствата кои не се алоцирани по земја, во Планот за раст за Западен Балкан средствата се алоцирани по конкретна земја, што од една страна е многу поволно, а од друга страна го прави многу повидлив степенот на искористеност од страна на секоја земја и компаративно.
Кога веќе говорам за бројки и за можности, да бидам и попрецизен, со Планот за раст за четири години имаме можност да внесеме во нашиот буџет (директна буџетска поддршка) околу 405 милиони евра во форма на меки заеми, со почеток на отплата од 2034 година и рок за отплата на 40 години, со најповолна каматна стапка, со кредитниот рејтинг на ЕУ (ААА), како и околу 405 милиони евра за инфраструктурни проекти во сооднос неповратни средства (66 %) и меки заеми (33 %) под наведените услови. Уште еднаш ќе нагласам, имаме можност да внесеме во нашиот буџет на годишно ниво околу нови 200 милиони евра, комбинирано неповратни средства и меки заеми. Само ќе напоменам дека до сега од ИПА-програмата на годишно ниво веќе имаме на располагање до 90/100 милиони евра и нејзината имплементација продолжува до 2027 година исто така. Згора на тоа, средствата од ИПА и од Планот за раст може да се дополнат и со поволни заеми од другите меѓународни финансиски институции под услови кои тековно би се договарале низ инструментот Инвестициска рамка за Западен Палкан (WBIF). За нашата економија тоа се многу сериозни пари кои не смеат да останат неискористени.
Оттука основна задача на Владата во овој момент, како и на сите институции, особено на државните јавни претпријатија, но и на бизнис-заедницата, е да ги обезбеди потребните капацитети со целосна мобилизација на сите ресурси. Секако, и домашните банки, вклучително и Банката за развој, треба да ја одиграат својата улога, но не како неми набљудувачи, туку како проактивни чинители во обезбедување на финансиските конструкции со поволни услови, особено за нашата градежна оператива, економските оператори со извозен потенцијал, како и поддршка на малите и на средните претпријатија со иновативни решенија.
Планот за раст за земјите од Западен Балкан се заснова на четири столба: (1) интеграција во Единствениот пазар на ЕУ, (2) економска интеграција во заедничкиот регионален пазар (ЗРП), (3) обврзни реформи во делот на фундаментални вредности и владеење на правото, и (4) условена зголемена финансиска помош.
Со цел да се добие каква било финансиска поддршка во рамките на новиот инструмент за реформи и раст, дефиниран со посебна регулатива на ЕУ (сè уште во процес на преговори), секоја земја корисничка, и Македонија, ќе мора да достави до ЕК реформска агенда за периодот 2024 − 2027 година врз основа на структурните реформи, кои се дел од Програмата за економски реформи, при што мора да се имаат предвид и ревидираната методологија за проширување, најновиот пакет за проширување (2023) и Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан (2021−2027), како и други релевантни национални и ЕУ-секторски документи.
Реформските агенди ќе мора, меѓу другото, да ги вклучат сите структурни реформи, но и инвестициите поврзани со нив. За сите реформи и инвестиции треба да се поднесе индикативен распоред и предвидени услови за плаќање за ослободување средства во форма на квалитативни и квантитативни чекори кои треба да се спроведат најдоцна до крајот на 2027 година, вклучително и детално појаснување за националниот систем за ефикасно спречување, откривање и коригирање на неправилности, на измами, на корупција и на судир на интереси и за спроведување на правилата за контрола на државната помош. Реформските агенди ќе се засноваат на резултати и ќе вклучуваат индикатори за проценка на напредокот кон постигнување на општите и специфичните цели на Инструментот за реформи и раст. Потоа Европската комисија ќе склучи договор за користење на инструментот со секоја земја од Западен Балкан за имплементација на реформската агенда, во кој ќе бидат утврдени обврските и условите за плаќање.
Во случај на позитивна оценка, Европската комисија или Советот (овој дел сè уште е во тек на преговори во рамките на Советот и на Европскиот парламент), со решение за спроведување ќе го одобри реформскиот план. Двапати годишно Македонија ќе мора да поднесе соодветно и издржано барање за ослободување на средства во однос на исполнетите услови за плаќање поврзани со квантитативните и квалитативните чекори. Доколку ЕК даде позитивна оценка за задоволително исполнување на сите важечки услови, ќе донесе одлука со која ќе одобри ослободување на средствата што одговараат на овие услови. Доколку ЕК донесе негативна оценка за исполнувањето на какви било услови според индикативниот распоред, ослободувањето на средствата што одговараат на таквите услови ќе се задржи.
Исто така, во случај на идентификувани случаи на сериозна загриженост во врска со неправилности, со измами, со корупција и со судир на интереси кои влијаат на финансиските интереси на ЕУ, а кои не се коригирани од наша страна, или сериозно прекршување на обврската што произлегува од Договорот, ЕК може да го намали износот на неповратната финансиска поддршка за предметната земја. ЕК може да одлучи да ја прераспредели секоја намалена сума меѓу другите земји од Западен Балкан со измена на одлуките за спроведување.
Спроведувањето на регулативата за формирање на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан се заснова на услови кои земјите кориснички мора да ги почитуваат и да ги исполнат пред исплатата на финансиската помош. Условите се поделени во три групи, и тоа: Предуслови, што секоја од земјите кориснички треба да ги почитува (респект кон фундаменталните вредности на кои се заснова ЕУ), Општи услови за плаќање, што мора да се исполнат за ослободување на средства (макро финансиска стабилност, безбедно и квалитетно управување со јавните финансии, транспарентност и надзор над користењето на буџетот) и Специфичните услови за плаќање дефинирани во реформската агенда (збир на квалитативни и квантитативни чекори и поврзана временска рамка за исплати).
Од сите наведени политички одлуки, административни капацитети, силна динамика, стриктна условеност и ригидно следење на сите ветувања за спроведување на реформите, произлегува дека можноста е тука, но за да ја претвориме можноста во реален импакт на нашата економија и животниот стандард на граѓаните нема друг начин освен сериозен пристап, мобилизација на сите ресурси, општествена свесност за ползата од искористувањето на можноста, но и последиците, економски и политички, доколку и оваа можност се пропушти.










