Фестивал на византиско црковно пеење викендов во Битола

Викендов во Битола ќе се одржи фестивалот на византиско црковно пеење, насловен „Раѓањето на Пресвета Богородица“, на кој ќе настапат хорови од Битола, Струмица и Белград.

Според програмата, вечер во храмот „Пресвета Богородица“ во Битола, ќе настапи детскиот црковен хор „Св. Стилијан“ и машкиот византиски хор „Св. Нектариј Битолски“ од Битола, женскиот црковен хор „Св. Теофил Струмички“ од Струмица и српскиот византиски хор „Мојсие Петровиќ“ од Белград.

– Фестивалот е основан во чест на Пресвета Богородица, во чиј храм и се реализира. Досега, на фестивалот настапиле повеќе хорови од Македонија, како што се: „Калистрат Зографски“ од Струга, „Херувими“ од Скопје, „Св. Ахил Преспански“ од Ресен, „Пелагонитица“ од Прилеп, како и нашите битолски хорови „Св. Нектариј Битолски“, „Св. Макрина“ и детскиот хор „Св. Стилијан“. Во нашиот храм се негува исклучиво византиско црковно пеење, кое е наша вековна традиција во Битола, како и на поширокиот Балкански Полуостров. На фестивалот досега биле изведени бројни композиции од различни автори, меѓу кои и македонски композитори како: „Св. Јован Кукузел“, „Манасиј Поп Тодоров“, „Калистрат Зографски“ и други. Првпат оваа година, во Битола ќе ни гостува византискиот хор „Мојсеј Петровиќ“ од Србија, кој исто така ја негува оваа музичка дејност. Битола, како вековен духовен и културен центар, заслужува еден ваков фестивал на духовна музика, со чие афирмирање се збогатува и негува ова црковно пеење, а со тоа и се зголемува интересот кај нови љубители на овој вид музика, информираа организаторите на фестивалот.

Фестивалот се одржува со благослов на митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар и завршува утре во 8 часот кога во храмот „Пресвета Богородица“ ќе се одржи архијерејска литургија, а хоровите учесници ќе приредат посебна утринска програма на византиско црковно пеење.

Повеќе од истиот автор

Најчитано