Финансиите на скопски Бетон во “слободен пад”
Анализа на сработеното во првата половина од 2022 година

Градежната компанија Бетон која е формирана со спој на неколку помали компании и која прерасна во големо акционерско друштво кое имаше голем удел во формирањето на патната инфракструктура на државата, една од најголемите компании кон која беше доверена довербата за изградба на најрепрезентативните државни објекти, како и мноштвото интернационални ангажмани, денес се соочува со сериозен проблем во одржувањето на бизнис моделот.

Основ за оваа анализа ќе бидат објавените неревиридирани консолидирани финансиски извештаи за првите 6 месеци од 2022 година, објавени преку платформата сеинет.

Од билансот на состојба може да се изведат следните заклучоци:

Вкупните постојани средства се намалени за 7%, во споредба со 2021 година, така што нивната вредност изнесува 1.4 милиони мкд. Оваа состојба пред се се должи на намалената вредност на материјалните средства од 6%, но и надолната корекција од 25% на долгорочните финансиски вложувања. Иако процентуалниот пад кај втората категорија е значително поголем, сепак апсолутната вредност на материјалните средства е многу позначаен, имајќи го предвид фактот дека истите учествуваат со 92% во вкупните постојани средства.

– Ако кај постојаните средства може да објаснуваме дека тоа се должи на одредено влијание на амортизација и тековни одлуки за инвестирање, сепак намалениот бизнис со поголема сила се осеќа преку падот на вкупните тековни средства. Имено, истите бележат намалување од над 450 милиони мкд во апсолутен износ или пад од 31%, во споредба со 2021 година.

Во првите 6 месеци од годината компанијата успеала да акумулира загуба од 619 милиони мкд.

– На страната на обврските компанијата успеала да ги намали вкупните обврски за 17% со тоа што акцентот бил ставен кон краткорочните категории. Односно, Бетон во првите 6 месеци ги намалил обврските по кредити за 10% или се раздолжил за 70 милиони мкд, а значително работел и кон “расчистување на добавувачите” каде нивото е сведено на 521 милиони мкд(што е значително поместување од скоро 30% во споредба со ситуацијата од 2021 година). За разлики од нив, кај долгорочните кредити на компанијата, кои се во износ од 167 милиони мкд и претставуваат 12.5% од вкупните обврски нема никакво поместување.

Билансот на успех на површина ги исфрла следните показатели:

Вкупните оперативни приходи на компанијата во првите 6 месеци изнесуваат 266 милиони мкд, што претставува пад од 36% споредбено со 2021 година. Падот на бизнисот е уште поголем доколку се анализираат приходите од продажба. Тогаш зборуваме за преполовување на бизнисот или поточно, пад од 52%. Во првите 6 месеци Бетон фактурирал 193 милиони мкд и тоа комплетно на домашен пазар. Единствената светла точка е ставката останати оперативни приходи која од ниво 5 милиони мкд во 2021 година се издигнала на 70 милиони мкд.

– Иако горната состојба може да сугерира дека слична ситуација ќе биде и кај расходите од работењето, сепак тоа е не случај кај Бетон. Имено, вкупните расходи се за само 20% пониски од минатогодишното ниво. Компанијата следствено на обемот на работа ги намалила трошоците за суровини за 44% и материјаллни трошоци за 57%, додека пак во исто време парадоксално се зголемиле трошоците за вработените за 8% и ставката останати трошоци за 87%.

– Сублимирано, во првите 6 месеци Бетон генерирал оперативна загуба од 238 милиони мкд, на која доколку се додаде и финансиската загуба од скоро 21 милион мкд доаѓаме до вкупна загуба од 259 милиони мкд.

Во однос на пазарната цена на акциите на Бетон може да се каже дека истата е инертна на случувањата со работењето на компанијата и не се евидентирани поголеми промени во ценовното ниво. Согласно берзанските податоци цената на акцијата се одржува на просечно ниво од 3.700 мкд, а во првите 6 месеци евидентиран е промет во количина од само 299 акции.


(Редакција Е&Б)

Повеќе од истиот автор

Најчитано