Неопходно е напорно да се работи на развивање на односот граѓанин-локална самоуправа, пред сè преку точно и навремено информирање, консултирање и активно партиципирање на граѓаните во процесот на одлучување за развој на општината.
Општина Кочани мора јасно да ги дефинира своите приоритети, а потоа да се стреми за нивна целосна реализација во претходно точно утврдени временски рамки. Праксата покажува желби и ветувања само во предизборни програми, а подоцна само мал процент на нивна реализација.
Во Општина Кочани има можности за подобар локален економски развој, но општината мора несебично да го вклучи невладиниот сектор и темелно да работи на родово буџетирана општина. Oд витален интерес е реализација на хидросистемот Оризарска Река и акумулацијата „Речани“, кои повеќе од 10 години тапкаат во место, понатаму инвестирања во инфраструктурни објекти на Пониква, стратегии за искористување на геотермалните води во Кочанско итн.
Предизвик е да се врати довербата на граѓаните во општината и сите нејзини институции и да се надминат сите ограничувања почнувајќи од финансиските можности на општината, нецелосната децентрализација и секако многу недоречености и нефункционалности во законодавството.







