Синџирите на снабдување се карактеризираат со комплексност на поставување на пазарот и уште поголема комплексност на нивна циркулација на пазарот. Токму од таа причина, за реализирање на идејата за нивна функционална дигитализација, неопходна беше глобална промена на бизнис-моделите, особено во текстилната, автомобилската и телекомуникациската индустрија.
Идејата за функционална дигитализација на синџирите на снабдување не е нова. Таа датира изминативе петнаесет до дваесет години, всушност со издигнување на м-трговијата, експанзијата на тула-и-клик и чисто-клик компаниите, како што ги именуваат Котлер и Келер, но и развојот на маркетингот преку сите канали.
Темелот за промените во ова поле, во најтесна смисла, се однесува на трендовите во бизнис-логистиката и синџирите на снабдување. Во најопшта смисла се однесува на трендовите во маркетингот, а особено на дигиталниот маркетинг. Денес, благодарение на таквиот приод кој не ја исклучува бизнис-логистиката од маркетингот, и обратно, можеме да зборуваме за т.н. дигитална логистика и дигитални синџири на снабдување.
Детерминирање на дигиталниот синџир на снабдување и неговите есенцијални принципи
Според повеќе истражувачи, дигиталниот синџир на снабдување претставува целосно интегрирано управување со синџирот на снабдување и со компонентите на електронската трговија како: електронски нарачки, електронско плаќање, електронска обработка и размена на податоци, електронски каталози итн.
Овој концепт кој е концизно дефиниран не би можел да се примени во практиката доколку не се почитуваат основните пет принципи на дигиталниот синџир на снабдување, и тоа:
1. Интегрирано планирање и предвидување (сценарио).
2. Вмрежена платформа на синџирот на снабдување.
3. Синџир на снабдување со брз одговор.
4. Интелигентни складишта.
5. Автономна дистрибуција.
За да го разбереме развојот на дигиталните синџири на снабдување мора да ја запазиме генезата. Имено, со самото теоретско определување на дигиталните синџири на снабдување произлегуваат петте основни принципи за негова одржливост. Од принципите произлегуваат и апликативните трендови за кои ќе зборуваме во продолжение.
Актуелни трендови на дигиталните синџири на снабдување
Де факто, традиционалниот синџир на снабдување доживува метаморфоза која се должи на седумте големи бизнис-трансформации (табела 1) чија реалност ја доживеавме изминативе петнаесет години и на актуелните трендови во полето на синџирите на снабдување (табела 2).
Како што може да се види од табела 2, интернационализацијата и дигитализацијата претставуваат трендови кои се држат на релативно цврсти глобални промени. Така, секој тренд за дигитализација мора да биде поддржан од сродна технологија. Таков пример е развојот на блокчејн технологијата која претставува нов начин на размислување на современата економија.


Вештачката интелигенција како примарна инвестиција
На почетокот од овој текст беше апстрахирано дека бизнис-логистиката и маркетингот ги спојува дистрибуцијата и дека не е возможно да се зборува за бизнис-логистика, а да се исклучи маркетингот, и обратно. Токму затоа и трендовите на маркетингот, односно на дигиталниот маркетинг се вкрстуваат со трендовите на дигиталните синџири на снабдување. Во овој случај зборуваме за следниве трендови: видеомаркетингот, гласовното и визуелното пребарување преку интернет, маркетинг преку електронска пошта, пренос во живо и влијание на инфлуенсерите, новите методи на продажба итн. Сепак, основните заеднички трендови на маркетингот и на синџирите на снабдување се: вештачката интелигенција, зелената, односно циркуларната логистика и маркетингот преку сите канали.
Вештачката интелигенција како заеднички тренд на бизнис-логистиката, односно на синџирите на снабдување и на маркетингот е набљудувана од страна на многу научници. Досегашните истражувања откриваат дека ова поле треба да биде примарно при инвестирање од причина што може да доведе до раст на бруто-домашниот производ (БДП), и тоа за 14 %. Добар пример за досегашната употреба на вештачката интелигенција е т.н. четбот кој на почетокот беше премногу генерички, но со времето стана сојузник на секоја веб-страница која оди во чекор со времето. Мастеркард во соработка со Месенџер, како и Нетфликс тоа го направија меѓу првите, но денес пример за четбот имаме и во националното бизнис-окружување. Првиот таков пример беше забележан во телекомуникациската индустрија. односно А1 и четботот Славчо.
Состојбата на навремениот систем на залихи, фокусираните фабрики и централизираната дистрибуција во време на глобални промени
Од претпријатијата (особено од МСП) како деловни ентитети не се бара да постават нови трендови на пазарот, туку тие треба да бидат брз и флексибилен следбеник. Постојат глобални компании кои се креатори на глобални трендови, на пример Тојота со т.н. навремен систем (just-in-time) кој многу научници го набљудуваат како тренд токму поради придобивките од неговата апликација, но и недостатоците кои ги носи со себе како на пример: мал простор за грешки, слаба можност со справување на неочекувани нарачки и производство кое е зависно од доставувачи .
Во времето на глобалните промени малопродажбата се соочи со недостатоците од овој тренд. Имено, некои малопродажни компании во прво време не можеа да се справат со неочекуваните побарувања поради блокирањата за кои сведочевме на почетокот од 2020 година. Токму затоа може да се каже дека концептот на оптималните залихи сè уште е актуелна тема во структурата на економијата и на бизнисот, особено сега во ерата на глобалните промени кога настапија сценаријата за флексибилноста на малите системи наспроти големите системи, односно трендот на фокусираните фабрики и централизираната дистрибуција.
Постојат трендови и практики кои не реагираа како што беше предвидено во време на глобалните промени и неизвесност, иако до пред неколку години беа водечки на глобалните пазари. Таков пример е трендот на централизираната дистрибуција и фокусираните фабрики, односно постигнување на економии од обем и непречен проток низ синџирите на снабдување или т.н. трендот на единствениот пазар. Малите системи, односно децентрализираната дистрибуција и покрај флуктуацијата, односно дефицитот од работна сила, сепак се покажа како многу пофлексибилна од големите системи кои се базираат врз економии од обем. Причината за непречениот проток на малите, но глобални и регионални синџири на снабдување е капиталната дистрибуција. Сепак, факт е дека големите системи имаат поголема можност за автоматизација и роботизација на логистичките подрачја и немаат аверзија од ризиците во ова поле. Тие, наспроти малите системи, можат да се насочат кон одржливата стратегија и новите бизнис-модели без да размислуваат дали инвестицијата ќе се врати или нема да се врати.
Вкрстена функционалност на сите нивоа на менаџмент
Да се дојде до дигитален синџир на снабдување потребно е самата дигитализација да биде поддржана од врвот до дното на едно претпријатие, и тоа во согласност со однесувањето на потрошувачите. Со други зборови, во процесот на дигитализација мора да бидат вклучени сите вработени. Без транспарентноста на сите нивоа, особено за нивното складиште, на секое транспортно и логистичко претпријатие ќе му биде комплексно да ја отслика дигиталната реалност. Често се работи за сосема мали активности за кои знаат само вработените во складиштата и оперативниот менаџмент, но не и топ-менаџментот. Токму затоа неопходна е вкрстената функционалност во работењето.
Заклучоци и одговор на прашањето што научивме од глобалните промени
Високата неизвесност и понатаму ќе постои и покрај ентузијазмот од страна на ММФ од причина што, како што научивме од воведниот дел на текстот, синџирите на снабдување тешко се поставуваат и циркулираат на пазарите, но можеме да кажеме дека дојде крајот на конвенционалните бизнис-модели и синџири на снабдување. Одржливоста на компаниите сè повеќе ќе зависи од брзиот одговор и дигиталната реалност од причина што ефикасниот синџир на снабдување не може да функционира без дигиталната рамка, стабилни ЕРП-системи и останати алатки за планирање, предвидување и обезбедување ефикасност на логистичките операции.
Дистрибуцијата, односно маркетингот преку сите канали и современата, електронска трговија ја наметнуваат потребата компаниите да изнаоѓаат или да креираат цврсти стратегии кои ќе можат да одговорат на современото деловно работење кое носи со себе промени и ризици. Но, практично гледано, не постои модел кој ќе одговори на неочекуваната реалност. Единствен модел претставува подготвеноста на претпријатијата за трансформација и уважување на новите знаења и искуства бидејќи одржливоста е единствена стратегија која нема алтернатива.
Од друга страна, борбата за опстојување и одржливоста на пазарот стана и компаративна предност, па така автомобилската индустрија оваа година презема акции за обезбедување на глобална електронска продажба на автомобили. Клучната област за развој и одржување на телекомуникациската индустрија ќе биде клауд − обработката во облак, како и вештачката интелигенција со примена на четбот. Малопродажбата и понатаму ќе ги консолидира добивките од целосното затворање за време на пандемијата. Финтекот и понатаму ќе јакне. Апликациите за дигиталното здравство сè повеќе ќе се зголемуваат, како и можностите за дигитализација на образованието и на администрацијата.







