Швајцарија останува посветена за зголемување на отпорноста кон катастрофи и поддршка на родовата еднаквост во Северна Македонија

Н.Е. Вероник Улман, амбасадор на Швајцарија во РСМ


Амбасадорке Улман, зошто е значајно одржувањето на конференција за родова еднаквост и за намалување на ризиците од катастрофи? Зарем катастрофите не ги засегаат подеднакво сите граѓани, независно од родот?

Н.Е. В. Улман: Регионалната конференција за родова еднаквост во намалувањето на ризиците од катастрофи претставува уникатна платформа за размена и за споделување искуства за тоа на кој начин родовата рамноправност може да биде успешно „мејнстримирана“ во политиките и во програмите за намалување на ризиците од катастрофи. Природните катастрофи не се родово неутрални и различните заедници не ги чувствуваат последиците на ист начин. Токму затоа примената на родово сензитивен пристап во намалувањето на ризиците од катастрофи е од клучно значење за да бидеме ефикасни и да одговориме на потребите на најранливите групи. Ова значи дека ранливите групи треба да бидат систематски вклучени во дизајнирањето и во спроведувањето на мерките за митигација (намалување на последиците) и за адаптација.

Швајцарија со 12 милиони франци го финансира проектот „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот Регион“ што го спроведува УНДП. Зошто се одлучивте да поддржите ваков проект и кои се неговите основни цели?

Н.Е. В. Улман: Северна Македонија, како и Швајцарија, се соочува со значајна ранливост на природните катастрофи, особено ризиците од поплавите и овие ризици се зголемуваат со климатските промени.
Полошкиот Регион е еден од најизложените региони во земјава на природни катастрофи, кој во минатото бил зафатен од повеќе катастрофални епизоди на поројни поплави. Трагичните настани од август 2015 година кои однесоа човечки животи, уништија домови и инфраструктура и земјоделски полиња, сè уште се врежани во нашите сеќавања.
Како одговор на овие трагични настани, Швајцарија во партнерство со националните и со локалните власти, со меѓународните експерти и со УНДП преку проектот „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот Регион“ воспостави сеопфатен систем за засилување на отпорноста и ефективен систем за управување со последиците од природните катастрофи во Полог. Проектот, исто така, може да стане модел кој би ѝ помогнал на земјава да развие стабилен национален систем за управување со катастрофите врз основа на практичните искуства.

Какви активности беа спроведени во рамките на проектот во однос на родовата еднаквост и на политиките за намалување на ризиците од катастрофи? Дали жените во Северна Македонија се соочуваат со поголем ризик од катастрофи?

Н.Е. В. Улман: Анализите спроведени во текот на проектот јасно покажаа дека жените се соочуваат со повеќе предизвици и поголеми ризици во регионите подложни на катастрофи поради нивниот намален пристап до ресурсите и моќта за носење одлуки и затоа што во повеќе од 50 % од домаќинствата мажите и натаму самите ги носат одлуките.
Студиите, исто така, покажаа дека ранливите категории – повозрасните лица, самохраните домаќинства, семејствата со ниски приходи и малцинствата, живеат во области или во куќи кои се позагрозени од природни катастрофи, тие се помалку отпорни и се соочуваат со поголеми проблеми да заздрават социјално и економски. Исто така ранливите групи имаат помалку пристап до сигурни информации и често не се дел од процесите за носење на одлуките.
Во рамките на проектот, земајќи ги предвид овие разлики, се вложи посебен напор за засилување на свеста и на знаењето кај сите одговорни страни, општинските власти, граѓанското општество, приватниот сектор, за различните димензии на социјалната ранливост во управувањето со последиците од катастрофи. Се изготвија и родово одговорни упатства кои препорачуваат систематско вклучување на жените и на ранливите групи во креирањето политики, во дизајнирањето и во имплементацијата на управувањето со ризиците од катастрофи и во плановите за одговор.
На пример, проектот препорачува да се вклучат и „координатори за подеднакви можности“ во текот на политичките разговори за намалување на ризиците од катастрофи и во телата кои ги носат одлуките кои се дел од активностите за заштита и за спасување.

На конференцијата учествуваа повеќе од 80 претставници на 7 држави од Западниот Балкан и од Турција. Каков е нејзиниот ефект во поглед на намалување на родовите разлики во политиките за намалување на ризиците од катастрофи?

Н.Е. В. Улман: Искрено се надевам дека со помош на конференцијата ќе бидат идентификувани клучните елементи кои се неопходни за намалување на родовите разлики во полето на намалување на ризиците од катастрофи и дека овие елементи ќе бидат интегрирани во националните и во регионалните стратегии и во плановите за одговор.
Швајцарија останува посветена да го поддржува одржливиот развој, да ја зголеми отпорноста на Северна Македонија против природните катастрофи и да ја промовира родовата еднаквост во сите наши проекти за доброто на сите граѓани, вклучувајќи ги жените и ранливите групи.
Благодарност до сите кои дојдоа на конференцијата и особено до УНДП за организирање на овој значаен настан и на нивната посветеност на родовата еднаквост.


Промовирање на активностите на УНДП за подобрување на економскиот амбиент во земјава, за остварување побрз економски развој, за заштита на животната средина, итн.

Најчитано