Штајнмаер против германска кандидатура за ЛОИ во 2036, ги претпочита 2040/2044

олимписки кругови

 Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер би го поздравил тоа Германија да биде домаќин на Летните олимписки и параолимписки игри во 2040 или 2044 година, но не е за кандидатура за 2036 година, со оглед на тоа што таа би се паднала точно 100 години по Олимписките игри во Берлин организирани од нацистите.

Берлин, Хамбург, Минхен и регионот Келн Рајна-Рур се надеваат дека ќе бидат германски кандидати за сè уште неодредена Олимпијада. Германската олимписка спортска конфедерација (DOSB) ќе донесе одлука во септември, пренесе ДПА.

Штајнмаер ја смета 2036 година за „историски проблематична“ за германска олимписка кандидатура, изјави денеска портпаролот на претседателот.

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер не се согласи со ова, наведувајќи на социјалната мрежа LinkedIn дека иако ги разбира грижите на Штајнмаер, тој „не ги споделува“.

– Домаќинството на Игрите во Германија на овој конкретен датум би пружило можност да му се покаже на светот, но и на помладата генерација во Германија, што ние како демократска земја научивме од нашата историја – рече Шредер.

Последните Олимписки игри во Германија се одржаа во Минхен во 1972 година.

Летните игри во 2028 година му се доделени на Лос Анџелес, а Бризбејн ќе биде домаќин на игрите во 2032 година. Азија се смета за можна дестинација за изданието во 2036 година, при што Индија и Катар веќе изразија интерес.


Извор МИА

фото: Википедиа

Повеќе од истиот автор

Најчитано