При ваков степен на политичка неизвесност, економските прогнози наликуваат на астролошки обид да се исцртаат контурите на иднината. Очекувам нормална и невозбудлива година на економски план и покрај одржувањето на претседателските (можеби и парламентарни) избори во средината на 2019 година. Приватниот сектор е веќе уморен од политички кризи и станува резистентен на турубуленциите кои создаваат нова нормала во водењето бизнис. Макроекономските движења упатуваат на остварлива годишна стапка на економски растеж од 3,5 % и стапка на инфлација околу 2 %. Очекувам стапката на невработеност да се симне под психолошката граница од 20 %, што и не е забележителен успех ако се има предвид континуираната емиграција. Во секој случај, следува економски невпечатлива година која повеќе ќе се памети според големите политички одлуки. Резултатот од политичките преговори со Грција и влијанието на забавувањето на растежот на европската економија многу повеќе ќе се чувствуваат кон крајот на 2019 година и во 2020 година.








