Погледнато во еден подолг временски период, кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои Општина Кавадарци остварува континуиран напредок во своето работење?
М. Јанчев: Економијата е главен двигател на локалниот економски развој, голема предност е што состојбите во локалниот економски развој можев да ги видам од две страни, прво, како бизнисмен и стопанственик, а сега и од другата страна како градоначалник.
Постапките и процедурите за урбанизирање, како предуслов за привлекување на нови инвестиции, се многу инертни и најголема енергија посветуваме на нивно забрзување, ова е битно како за инвеститорите, така и за општината при реализација на планираните развојни проекти.
Потребите на граѓаните низ годините постојано се менуваат, но секогаш се фокусирани кон крупните проблеми, а ние коко градоначалници треба да ги следиме и да ги решаваме на најефикасен, економичен и транспарентен начин. Низ годините еден од најголемите проблеми беше недостатокот од колекторски систем. Овој децениски проблем конечно се надмина со изградбата на колекторскиот систем со што се обезбеди повисок степен на заштита на животната средина, а посебно на селата Глишиќ, Марена и Сопот.
Со воведување на Јавното претпријатие за паркирање, со инвестирање во нови паркинзи, модернизирање на сообраќајната сигнализација, со инсталацијата на систем за мониторинг и инвестиции во новата сообраќајна инфраструктура, значително се намали градскиот метеж и се подобри безбедноста на учесниците во сообраќајот.
Јавното осветлување е дефинитивно област во која инвестиравме. Ги заменивме постоечките нееколошки светилки со нови енергетски ефикасни светилки и направивме големи заштеди во потрошувачката, а паралелно се подобри уличното оветлување.
Вложивме крупни инвестиции во изградбата на спортско-рекреативни содржини, изградивме велосипедско-пешачка патека во должина од 4 километри од с. Ваташа до локалитетот Моклиште, направивме реконструкција на терените и на трибините на градскиот стадион Тиквеш, изградба на скејт парк, модернизација на спортските терени во Спортскиот рекреативен центар Јасмин, реконструирана е спортската сала Партизан, реконструиран е градскиот парк Љупчо Шкартов, во изградба е новиот парк Киро Крстев и многу маалски паркчиња со урбана опрема и реквизити за забава.
Во соработка со Владата на РСМ, со УСАИД и со УНИДО направивме значително подобрување на условите во основните и средните општински училишта, од реконструкција на училишта до опремување на кабинети, замена на постоечките системи за греење со нови еколошки грејни и разладни уреди. Во претшколското образование инвестиравме во изградба на неколку градинки и нивно опремување, како на објекти во селски средини така и во градски средини, а во завршна фаза е и новата градинка со капацитет од 120 дечиња.
Градскиот пазар како една од најголемите инвестиции е во тек на реализација и се очекува кавадарчани да го добијат до крај на оваа година. Исто така се гради и петта хидроцентрала на водоводниот систем Лукар, претходните четири значително придонесуваат за подобрување на квалитетот на јавните комунални услуги кон граѓаните.
Во соработка со Европската Унија, со Светска банка и со Министерството за транспорт и врски ја подобривме патната инфраструктура во Општина Кавадарци речиси во сите урбани и месни заедници. Во очекување сме на почетокот на реализацијата на проектите финансирани од ТАФ со кои ќе изградиме нов водоснабдителен систем во населба Брушани и комплетна реконструкција и проширување на пат за с. Дреново.
Од друга страна, кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува Општина Кавадарци? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите на општината?
М. Јанчев: Еден од главните проблеми со кој се соочуваме секоја година е откупот на грозјето, откупната цена и решавање на суфицитот на грозје. Ова е проблем кој не можат сами да го решат општините без помош од државата. Државата мора да овозможи преработка на вишокот на грозје во дестилат, а како државна резерва ова може да се направи со веќе постоечките капацитети на винариите. Паралелно потребни се значајни измени во законската регулатива, односно потребно е да се донесат законски решенија со кои откупната цена на грозјето не може да биде пониска од производствената цена, што значи лозарите да не претрпуваат загуби како што е до сега. Потребно е да се зајакнат релациите меѓу производителите и откупувачите, а исто така да се размислува и за промена на начинот на субвенционирање кој, според мене, не дава долгорочни решенија. Ова значи дека е потребно државава да изработи квалитетна долгорочна стратегија за развој на земјоделието која ќе биде водилка за идните инвестиции во земјоделието. Исто така потребно е да се работи и да се гради партнерство меѓу откупувачите на грозје и производителите на вино. По примерот на некои европски држави треба да се воведе законско ограничување на процентот со кој винариите не би можеле да окрупнуваат сопствени лозови насади не повеќе од 10 до 20 % од нивните потреби, на тој начин винариите ќе откупуваат грозје од лозаропроизводителите.
Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пример, на регулативата што го регулира работењето на општините?
М. Јанчев: Дефинитивно треба посеризно да размислуваме за измена на Законот за урбанистичко планирање, иако новиот закон беше донесен пред краток период, или недостатоците да се елиминираат со допрецизирање преку правилници и уредби со што ќе им се олеснат процесите на општините при изготвување, донесување и реализација на урбанистичките планови.
Долгите постапки за спроведување на урбанистичките планови се едни од најголемите причини за застој на локалниот економски развој. Тоа значи дека општините со ваква сложена процедура не можат да ги следат брзите и динамични потреби на бизнис-секторот и на граѓаните, па оттука произлегуваат и проблемите со дивоградбите. Мора да се направи поедноставување на процедурите и да се забрзаат постапките за добивање на одобрение за градење.
Постојат деловни објекти во централното градско подрачје кои не се користат од сопствениците со години и претставуваат лоша слика за градот. Мора да се изнајде законско решение кое ќе им дозволи на општините да воведат локални даноци или глоби кои ќе ги стимулираат сопствениците да инвестираат во нивните објекти или да ги продадат.
Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општините?
М. Јанчев: Иако се вложуваа напори за повисок степен на децентрализација на општините, сепак сметам дека сè уште треба да се работи на зајакнување на општините преку обезбедување на повисок степен на независност.
Треба да се изнајде законско решение со кое на општините би им се овозможило да воведат локални даноци (еден вид еколошки данок) со кои локалните компании зависно од произведеното, како општествено одговорни компании, ќе придонесат за локалната заедница. Кога ова би било законски регулирано нема да зависи од војата на компаниите да ја поддржуваат локалната заедница, туку ќе функционира како редовен приход на општината.
Тоа значи дека покрај децентрализираните надлежности треба паралелно да се обезбедат и финансиски средства, а тоа води кон промена на законската регулатива.

Дали има нешто што самата Општина Кавадарци може да го промени во своето функционирање во поглед на своите приходи, на расходи и воопшто на своето работење во иднина?
М. Јанчев: Досега Општина Кавадарци функционира одлично, но тоа не значи дека не треба ништо да менуваме. Напротив, сметам дека има простор за подобрување. Она што досега го правиме е редукција на непродуктивните трошоци за сметка на капиталните инвестиции. Овие непродуктивни трошоци и во иднина треба да се задржат на можен минимум.
Нефункционалните објекти кои се во сопственост на општината да се стават во функција, а доколку тоа не е можно треба да се отуѓат. Овде зборувам за неколку објекти кои не биле во функција во последниве 30 години, а средствата да се наменат за капитални инвестиции.
Каква е комуникацијата на Општина Кавадарци со другите чинители како што се граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, академската заедница, невладиниот сектор итн.?
М. Јанчев: Партиципативноста, транспарентноста и отчетноста се најважни начела кои наоѓаат примена во моето работење.
Комуникацијата со бизнис-секторот, со граѓанските организации и со граѓаните се одвива преку повеќе алатки, но сепак преферирам колку што дозволуваат условите тоа да биде лично и непосредно. Учеството на граѓаните во процесот на донесување одлуки е многу важно не само за граѓаните туку и за нас како градоначалници. Само на тој начин можеме да ги реализираме вистинските потреби на заедницата. Општинскиот буџет и општинските програми се носат со висок степен на партиципативност преку практикување на форуми со заедницата. Секоја година објавуваме отчет за работата на градоначалникот и советот, односно како општината ги троши граѓанските пари. Сметам дека транспарентноста и отчетноста ја зголемуваат довербата на граѓаните во институциите, а тоа придонесува тие навремено да ги исполнуваат своите обврски кон општината. Горд сум што Општина Кавадарци во последниве три години успеа од 48. место да се рангира во самиот врв на најтранспарентни општини, а тоа го покажуваат сите направени истражувања.
Зајакнатата доверба кај бизнис-секторот придонесува да се чувствуваат покомотно со нивните инвестиции, а и општината да добие висок процент на донации од локалните компании за реализација на проекти од интерес на пошироката заедница.
Со невладиниот сектор градиме партнерства, заеднички имплементираме низа проекти во повеќе области, а голем дел од финансиските средства ги обезбедивме преку програмата РЕЛОАД. Паралелно функционира и Регионалниот центар за поддршка на граѓанските организации, а деновиве во соработка со Агенцијата за спорт и млади го отворивме Младинско-информативниот центар.
Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работење на Општина Кавадарци?
М. Јанчев: Ажурирањето на датабазата за даночните обврзници е една од клучните точки за обезбедување и наплата на реалните даночни приходи. Со новите измени на Законот за данок од имот предвидено е ажурирање на датабазата на секои четири години. Општина Кавадарци административно ги ажурира податоците за секоја година пред издавање на решенијата за задолжување, а физички на терен на секои 4 години.
Клучен момент за финансиската одржливост е промена на методологијата за распределба на ДДВ. Сметам дека процентот на распределба на ДДВ по општини треба да биде врз основа на процентот на наплатен ДДВ од компаниите кои дејствуваат на територијата на соодветната општина.
Надоместокот за концесии и комуналната такса за регистрирање на моторни возила потребно е да се контролираат на локално ниво преку општинските инспектори или овластени лица што би придонело кон остварување на поголеми приходи. Во моментов општините немаат контрола на овие приходи ниту можност за интервенција во зголемување на процентот на наплата.
Исто така сметам државните агенции, овде пред сè алудирам на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој, потребно е навремено да ги следат исплатите по реализираните проекти од општините за да можеме навремено да ги исплатиме изведувачите, а не како досега да се соочуваме со тужби.
(Економија и бизнис, печатено издание, јули/август 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)










