Јаоски: Сакаме да обезбедиме подобро секојдневие за животот на сите наши сограѓани

Погледнато во еден подолг временски период, кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои Општина Пласница остварува континуиран напредок во своето работење?

А. Јаоски: Пласница е мала, но функционална општина. Тука многу се вложува, се гради, за што признание добиваме директно од граѓаните. Се изработија проекти со кои општината изведе низа инфраструктурни зафати во минатите години, дел се во тек, а уште голем дел ќе се изведуваат следната година. Посветено работиме на подобар лик на сите објекти, образовни, здравствени, инфраструктурни. Сакаме да обезбедиме подобро секојдневие за животот на сите наши сограѓани. Начинот на планирање, третиран на здрави основи, овозможи континуирано подобрување на условите во образовните институции и градинките. Вложуваме и во спортска инфраструктура бидејќи тука имаме млади луѓе со спортски дух, кои сакаат да тренираат и да спортуваат секој ден. Летово започнавме со реализацијатa на проектот за поплочување на улица во с. Лисичани. Со овој проект речиси 90 % од инфраструктурата е реализирана за ова населено место во Општина Пласница. Тука нема да запреме и во иднина ќе реализираме уште многу други проекти од различен карактер. Во истото населено место беше пуштена во употреба и нова водоводна линија од неколку извори до резервоарот што ќе ја надополнат потребата на граѓаните. Овој проект го започна ЈП Комуналец – Пласница. Учествував и како градоначалник, но и како граѓанин, сè што требаше лично финансирав за комплетирање на финансиската конструкција, за да се заврши овој проект.

Од друга страна, кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува Општина Пласница? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите на општината?

А. Јаоски: Долгогодишен проблем имавме со водоснабдувањето, но проблемот е надминат благодарение на природните извори кои се над селото. За да избегнеме излевање на реката Треска, започнавме проект кој е од големо значење за жителите на Долна Пласница. Поставен е потпорен ѕид со должина од 200 метри кој ќе ги заштити жителите од големи штети. Општината располага со природни локалитети кои треба концесионерите да ги искористат.
Во делот на урбанизмот треба да се направат проекти со кои ќе се овозможи развој на малото стопанство, да се испланираат парцели кои ќе бидат соодветни за правење бизнис според потребите на стопанствениците. Исто така потребно е да се работи на подобрување на образовниот процес со што ќе се овозможи бизнис-заедницата да добива работна сила според потребите.

Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пример, на регулативата што го регулира работењето на општините?

А. Јаоски: Реформи мора да има во повеќе области, особено во социјалните услуги, здравствената заштита, локалната економија. Неопходно е општините да добијат доволно финансиски средства за успешно да ги извршуваат надлежностите со што ќе се обезбеди поголема автономност. Но, не е доволна само промена на законската регулатива. Во моментов огромни се долговите на општините, десетина општини се со блокирани жиро-сметки, дел од јавните комунални претпријатија се соочуваат со финансиски загуби и мал процент на наплата. Општините и ние како градоначалници мора да бидеме проактивни, да ги следиме европските трендови, но и конкурсите дома. Тука ќе го споменам новиот проект врз основа на Конкурсот за распределување на средства за финансирање и реализирање на програми од областа на животната средина. Склучивме договор со ресорното миистерство за пречистителна станица за отпадни води, што на долг рок ќе биде голем бенефит за сите жители.

Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општините?

А. Јаоски: Со новиот закон кој го најави Владата деновиве се очекуваат повеќе пари во општинските каси на сметка на државниот буџет. Планот на Владата е во наредните три години да се зголеми прагот на финансирање на општините од данокот на додадена вредност и персоналниот данок од 3 проценти на 6 проценти. Тоа значи дека до крајот на 2024 година за општините на годишно ниво ќе се издвојува речиси 28 милиони евра повеќе од државниот буџет. Оваа најава е за поздравување. Инаку досега се вложуваа напори за повисок степен на децентрализација на општините, но секако сè уште постои простор за зајакнување на општините преку обезбедување на повисок степен на независност.

Дали има нешто што самата Општина Пласница може да го промени во своето функционирање во поглед на своите приходи, на расходи и воопшто на своето работење во иднина?

А. Јаоски: Досега Општина Пласница функционира одлично, но тоа не значи дека не треба ништо да менуваме. Напротив, сметам дека има простор за подобрување. Со оглед на тоа што главните финансиски приливи на една општина се од наплата на даноци за имотите на граѓаните, преку наплата на локални даноци, сепак, ако ги земеме предвид случувањата со ковид пандемијата која се рефлектира во платежната и економска моќ на граѓаните, се трудиме максимално да ги реализираме некои од позначајните капитални проекти на општината преку самофинансирање, како и аплицирање во програми и грантови од Владата на РСМ. Потребно е поголемо искористување на фондовите кои ни се нудат од европските земји за кои, навистина, треба голем труд, но и сериозен пристап до ваквите извори на приходи. Општината треба постојано да биде во функција на граѓаните. Сите знаеме дека обезбедувањето квалитетна инфраструктура е секогаш основен приоритет, па затоа јас како градоначалник и оваа локална власт особено сме посветени на инвестициите за подобрување на нејзиниот лик и постојано инвестираме во модернизизација на инфраструктурата.

Каква е комуникацијата на Општина Пласница со другите чинители како што се граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, академската заедница, невладиниот сектор итн.?

А. Јаоски: Отвореноста, транспарентноста и достапноста се моите главни алатки во работењето. Комуникацијата со граѓаните се одвива лично и непосредно. Учеството на граѓаните во процесот на донесување одлуки е многу важно не само за нив туку и за нас како градоначалници. Само на тој начин можеме да ги реализираме вистинските потреби на заедницата. Сметам дека транспарентноста ја зголемува довербата на граѓаните во институциите, а тоа придонесува тие навремено да ги исполнуваат своите обврски кон општината. Горд сум што Општина Пласница, иако е мала, во последниве децении има значителен раст и развој. Кај нас во Пласница важи едно правило „договорот е договор, дадениот збор мора да се почитува“ и нема отстапки од тоа. Главна цел на општината е задоволни граѓани и квалитетни услуги на локално ниво, подобрување на инфраструктурата, како и на целокупниот животен стандард на граѓаните.

Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работење на Општина Пласница?

А. Јаоски: Главен е човечкиот фактор, односно личноста и посветеноста на првиот човек на општината. Домаќинскиот однос и рационалноста во трошењето се на прво место ако сакате една општина долгорочно да се развива. Парите на граѓаните треба да се управуваат со една транспарентна политика усогласена на реалните потреби и можности кои ќе значат и запазување на карактеристиките на наменско трошење и на економичност, што како резултат ќе дава можност за сериозни капитални проекти. Сето ова би овозможувало секој добро осмислен чекор да отвора нови перспективи и можности.
Општините мора да имаат доволно финансиски средства за успешно да ги извршуваат законски доверените надлежности и за да обезбедат квалитетни услуги. Локалните власти мора да добијат повеќе финансиски средства, односно мора значително да се подобри учеството на локалната јавна потрошувачка во вкупната јавна потрошувачка и во БДП.
Во следниот период и, здравје, нов градоначалнички мандат, сакам да ја видам Пласница уште поуспешна, со насмеани лица. Младите да ги задржиме дома, да има работа за сите вредни луѓе. Нема застој ниту замор, со секој вложен труд секогаш се добива и се остварува целта.


(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)

Повеќе од истиот автор

Најчитано