Неодамна Собранието ја започна формалната постапка за дополнување на Уставот на Македонија со седум амандмани, што покриваат различни подрачја, почнувајќи од судството до бракот. Во продолжение накратко ќе се осврнеме само на амандманите од областа на ревизијата, финансиите и економијата. Сепак најпрвин ќе го искажеме општиот став дека зачудува брзината со која се носат уставните промени бидејќи, во овој миг, во Македонија не постојат горливи проблеми што бараат промена на Уставот. Освен тоа, уставните амандмани зачудуваат и поради фактот што сите предложени промени веќе се или можат да бидат регулирани со законите. Со други зборови, во Уставот треба да се постават само некои фундаментални вредности и принципи врз кои почива државата, т.е. тој не треба да се оптоварува со технички детали.
Најпосле, кога се зборува за правните акти треба да се има предвид една многу проста, но суштинска работа: воопшто не е важно што пишува во Уставот и во законите, туку дали тие се спроведуваат. Впрочем, основната разлика меѓу успешните држави и оние другите се состои во тоа што во првите владее правото, додека во другите правото постои само на хартија. Значи, основната поента на овој вовед е дека промената на Уставот, сама по себе, не значи ништо доколку правото не се спроведе во практиката. На пример, во Уставот пишува дека судството е независно, меѓутоа во таа приказна не веруваат ниту малите деца; според Уставот универзитетот има автономија, ама Владата им одредува на професорите од кои книги треба да предаваат, колку предмети треба да бидат задолжителни или изборни итн.; според Уставот кирилицата е официјално писмо во Македонија, но табличките на автомобилите, имињата на продавниците итн. се напишани на латиница… Оттука голема е опасноста во држава во која не владее правото, каква што е Македонија, новите уставни амандмани да си останат само мртва буква на хартијата.
Добро, сега да преминеме на одделните уставни амандмани и ќе започнеме со најчудниот – оној за слободната финансиска зона. Никако не можам да се сетам на ниедна причина зошто Владата влегува во оваа егзотична импровизација, освен дека станува збор за непотребен политички маркетинг (демек Владата нон-стоп нешто работи). Дека навистина се работи само за маркетинг зборува фактот што во сите јавни настапи на министерот за финансии, кога се зборува за финансиската зона, веднаш се прави споредба со Луксембург. Токму тоа е најчудното. Зарем некој може да има илузија дека Македонија била, е или ќе биде нешто налик на Луксембург? Навистина е несериозно да се очекува дека Македонија ќе се наметне како водечки финансиски центар што ќе им биде конкуренција на Луксембург или на Лондон. Патем, Луксембург се наметнал како финансиски центар спонтано, благодарение на политичката стабилност, отвореноста кон светот и географската положба. Во таа смисла, зошто досега реномираните меѓународни финансиски институции не дошле во Македонија или на Балканот? Во нашата сегашна регулатива не постојат никакви рестрикции за влез на странските банки. Всушност, една голема светска банка веќе е присутна кај нас (Сосиете женерал), дури и без никаква слободна финансиска зона. Македонската финансиска зона (ако воопшто профункционира) само ќе се претвори во собиралиште на сомнителни инвеститори од Балканот, Русија или од арапскиот свет, што ќе се обидат да ја искористат зоната за перење пари. Да заклучиме: Слободна финансиска зона? Не, благодарам.
Што се однесува до амандманот за независност на Државниот завод за ревизија, во основа тоа е добра работа, но повторно се наметнува прашањето дали е тоа неопходно и ефективно. Имено, независниот статус на Државната ревизија веќе е утврден со постојниот закон, но сепак, практиката покажува дека од тоа нема никаква полза. Којзнае во колку наврати државниот ревизор укажувал на сериозни дубиози во употребата на буџетските средства, но надлежните министри не само што не презеле ништо во врска со тоа туку и најотворено се потсмевале со наодите на државниот ревизор. Дали сте слушнале за еден случај во кој некој министер поднесол оставка или одговарал кривично поради забелешките од државната ревизија? Оттука ништо нема да се смени ако во Уставот напишете дека државниот ревизор е независен, а во практиката се правите како тој воопшто да не постои.
А сега малку за централната банка. И овој амандман е сличен на претходниот во смисла дека неговиот текст е веќе дел од Законот за централната банка каде што пишува дека централната банка е независна и дека се грижи за ценовната стабилност. Економската наука кажува дека правниот статус на централната банка, сам по себе, нема големо значење во контролата на инфлацијата, туку многу поважно е однесувањето на централната банка во практиката. Впрочем, искуството на Македонија покажува дека, без никаква уставна поткрепа, „Народната банка“ успешно ја одржува ценовната стабилност веќе две децении. Што се однесува до промената на името во Банка на Република Македонија, повторно не знам зошто е сето тоа. Името е формална работа и централните банки во светот носат различни имиња. На пример, централната банка на Британија се вика Банка на Англија (поради историски причини), но тоа не му пречи никому. Освен тоа, називот „Народна банка“ воопшто не е социјалистички, туку упатува на тоа дека се работи за банка која му припаѓа на народот и се грижи за интересите на народот, наспроти приватните банки што работат за профит. Во таа смисла, централните банки на Србија и на Бугарија се викаат „народни“, а во Бугарија централната банка се викала „Б’лгарска народна банка“ дури и пред 100 години, кога Бугарија била монархија. Најпосле, ако веќе се сака да се прифати називот кој почнува со „Банка на“, тогаш треба да се оди до крај, т.е. името да биде „Банка на Македонија“ како што е случајот со „Банка на Словенија“, „Банка на Франција“, „Банка на Италија“ итн. Имено, сите овие држави се републики како Македонија, во нивните официјални имиња стои зборот „република“, но во имињата на нивите централни банки го нема она „република“.
Најслаткото секогаш доаѓа на крај, а во овој случај, тоа се фискалните правила, што во поново време се популарни и, истовремено, озлогласени. Да се разбереме, во принцип фискалните правила се сосема убава работа, како и сите правила воопшто. Во економската наука се води долга дебата за тоа дали економската политика треба да се води со помош на правила, како и за добрите и за лошите страни на правилата. Имено, правилата за буџетски дефицит од 3% и јавен долг од 60% отвораат многу интересни прашања за кои нема одговор во предлог-амандманот.

Да почнеме со ред: Не е ли малку чудно Владата да предлага правило за дефицит од 3% истовремено кога прави ребаланс на Буџетот во кој предвидува дефицит од 4%? Што значи тоа – сакаме буџетска дисциплина, ама не денес. Вака на самиот почеток се раѓа сомневање дали навистина Владата сака и може да се движи во рамките на 3%. Понатаму, што ако некоја идна влада направи дефицит од 3,2%? Мислите ли дека тоа ќе биде крај на светот? Ако, пак, се држиме до Уставот, дали во тој случај ќе падне владата или премиерот ќе оди в затвор? Не, тоа не го пишува во амандманот, всушност, во него не е пропишана никаква санкција за владата во случај на прекршување на фискалните правила. Впрочем, која е таа сила што може да ја казни владата (освен таа самата)? Каков ќе биде кредибилитетот на правилото ако нема казна за неговото кршење и ако нема таков јунак кој ќе го казни прекршителот, најдобро покажува примерот на Европската унија. Во Спогодбата од Мастрихт (што е исто што и нашиот Устав) ги има фамозните правила за 3% и 60%, ама во безброј случаи членките на ЕУ ги прекршиле овие две правила и никому не му фали ниту влакно од главата (иако во Пактот за стабилност и раст се пропишани казни).
Повторно доаѓаме до главниот проблем со фискалните правила – тие немаат кредибилитет зашто не постои некој што може да ја казни владата, зашто токму таа е извршен орган што е надлежен за казнување. Освен тоа, правилото од 3% создава поттик за Владата да лаже и со разни сметководствени и други манипулации да прикаже дефицит под 3% како што правеше Грција. Друг голем проблем со фискалните правила е тоа што тие го попречуваат водењето на стабилизациска политика во кризни времиња. Замислете состојба во која во Парламентот никој не може да обезбеди двотретинско мнозинство, а економијата е во рецесија и треба да се дејствува брзо. Во тој случај, владата не смее да го пробие прагот од 3%, иако тоа би било корисно за економијата. Најпосле, замислете ваков случај: ако претходните влади биле неодговорни и поради нив јавниот долг достигнал 59,5%, тоа значи дека новата влада не смее да дозволи ниту буџетски дефицит од 1%, т.е. таа е осудена на фискална строгост. Оттука на понудата за овој уставен амандман најпрвин би одговорил со: „да, благодарам“, но потоа би почнал да се премислувам и на крајот би завршил со одговорот: „не, не сум сигурен“.









