Оценката за актуелната состојба во стопанството во Македонија како и прогнозата за идниот период покажуваат натамошен негативен тренд.
Според резултатите оданкетата спрoведена помеѓу компаниите членови на Македонско-Германското стопанско здружение за оценка на деловната клима во Македонија за 2016, презентирани денес од страна на заменик амбасадоротна СР Германија во Република Македонија, г-дин Хегле Сандер и директорот на стопанската комора на Германија во Република Македонија, г-дин Мартин Кнап, општата состојба во стопанството во Македонија за 2016 во споредба со измината година има мало влошување. Од 59 компании учесници на анкетата, дури 50% очекуваат полоша економска состојба за тековната година. Само 10% од испитаниците очекуваат подобрување на економската состојба во 2016 во споредба со 2015.


Во однос пак на оценувањето на сопствената деловна состојба скоро половина од испитаните компании ја оценуваат како добра, 47% како задоволителна, а само 8% ја оценуваат како лоша.
Од факторите што влијаат врз состојбите на стопанството како позитивни биле оценети продуктивноста и работниот капацитет на вработените, нивните квалификации, нивното академско образование и трошоците за придонеси.
Компаниите како и минатите години незадоволство искажале во однос на правната сигурност, дисциплината при наплата на побарувања, политичка и социјална стабилност. Исто така, компаниите покажале незадоволство во поглед на преземените мерки за сузбивање на корупцијата, за разлика од 2015 година, кога овие критериуми биле оценети со повисоки оценки.
Интересно е да се истакне тоа дека доколку во Македонија ги прашате компаниите што инвестирале тука, дали повторно би ја одбрале Македонија како земја за нивната инвестиција, 75% од нив дале позитивен одговор. Ова значи дека компаниите кои веќе имаат инвестирано во Македонија имаат подобро мислење за земјата од оние компании кои немаат искуство, односно директна соработка или инвестиција во Македонија.
На прашање од новинарите дали се очекува влез на нови германски компании, г-дин Мартин Кнап, директор на германската стопанска комора во Македонија истакна дека нема најави за влез на нови германски компании како на македонскиот пазар, така и на пазарите во државите од регионот, притоа мислејќи на големи компании што би можеле да вработат на пример 500 или 1000 вработени. Исто така тој истакна дека по позитивниот тренд од минатата година, кога 21% од испитаниците ја опишаа деловната состојба како добра, бројот на истите оваа година се преполови и само 10% ја дадоа истата оцена. Од овие причини е потребно брзо решение на актуелната политичка криза, која силно се пресликува на стопанството.







