Агенцијата за катастар на недвижности, преку Твининг (Тwining) програмите на Европската Унија ја реализираше ТАИЕКС (TAIEX) – експертска мисија за воспоставување и одржување тридимензионален катастар во Република Македонија. Имплементатор на оваа експертска мисија е господинот Клас Вандер Хоек (Klaas van der Hoek) од холандскиот катастар. Воспоставувањето 3Д-катастар претставува тренд на истражување во современите и во развиените земји од Европа и генерално во светот. Стремежот за воспоставување функционален 3Д-катастар е последица, пред сѐ, на високоразвиените пазари на недвижности кои ги менуваат правилата на живеење, а следствено на тоа и потребите од воведување нови пристапи во начинот на регистрација на недвижностите и правата врз тие недвижности. Воведувањето трета димензија во приказот на недвижностите ќе овозможи поедноставно разбирање на границите на правата врз самите недвижности, што ќе создаде една поедноставна слика на тоа кој и што има, на кој начин го употребува и до каде се простираат неговите права врз соодветната недвижност како во длабочина на земјата, така и во висина.







