ШТО Е ОЕЦД И ЗОШТО Е ВАЖЕН

Во одмаздничка постапка Унгарија и Словенија ставија вето за Хрватска и Романија за влез во клубот на најбогатите

Во политиката секогаш има моменти кога одмаздата доминира над соработката и добрите односи меѓу соседите. Изминативе десетина дена тоа на свој начин го почувствуваа Хрватска и Романија, бидејќи нивните соседи, Унгарија и Романија, најавија вето на нивната апликација за членство во клубот на најбогатите земји, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Причините се чисто политички: Словенија ја најави блокадата затоа што Хрватска не сака да ја почитува одлуката на Арбитражниот суд за Пиранскиот Залив (која во голема мерка е во корист на Љубљана); Унгарија официјално соопшти дека ќе стави вето на хрватскиот обид поради третманот на унгарската нафтена компанија МОЛ, нејзините инвестиции во Хрватска и на нејзиниот шеф Жолт Хернади, против кого хрватското судство покрена постапка, обвинувајќи го дека го подмитил поранешниот премиер Иво Санадер со 10 милиони евра при продажбата на уделот на ИНА. Унгарија се спротивстави на членството на Романија во ОЕЦД поради тоа што романските власти затвориле католичко училиште на унгарски јазик во Тргу Муреш, Трансилванија. Будимпешта најави дека ќе го блокира членството на Романија и во други меѓународни организации поради спорот за положбата на унгарското малцинство во Романија.

Што е ОЕЦД и зошто членството во таа организација е многу важно за секоја држава. ОЕЦД е формиран во 1961 година како организација која вклучува држави кои не се членови на советскиот блок. Тој се разви од Организацијата за европска економска соработка (ОЕЕЦ) која беше формирана во 1948 година за да учествува во операционализацијата на Маршаловиот план, американската програма за помош на поствоената Европа. Идејата беше да се развие економска меѓузависност на земјите членки. Во овие 56 години ОЕЦД се трансформира во меѓувладина организација во која членуваат 35 најразвиени земји во светот. ОЕЦД најчесто се опишува како „клуб на богатите земји“. Каков е тој клуб и што прави во стварноста?

Романија и Хрватска пред да аплицираат за членство во ОЕЦД мораа да задоволат минимум од барањата, меѓу кои има законски и други стандарди. Меѓу тие стандарди се борбата против корупцијата, заштитата на потрошувачите и одговорно користење на минералите. Последна од земјите што ги исполни тие услови е Летонија, која во 2016 година стана 35-та члена на ОЕЦД.

Економската јавност кај нас знае дека овој клуб на богатите е познат по неколку работи. Извештаите за економијата во светот и во поединечни земји се една од најважните работи на ОЕЦД. Секој извештај на ОЕЦД за економските показатели и предвидувања обично се обично на насловните страници на весниците, затоа што тие можат да го дадат правецот на развојот на светската економија. Критиките на ОЕЦД за одредени економии во светот се сигнал за загриженост на тамошните влади.

Втората работа по која што е познат ОЕЦД е неговата посветена работа за сузбивање на даночното затајување. ОЕЦД им дозволува на земјите членки да ја координираат нивната активност во борбата против даночното затајување. Третата работа можеби е најпозната кај нас – тоа е анализата на стандардите во образованието, позната како ПИСА програма. Во неа е вклучена и Македонија, но за жал резултатите на овдешните ученици во светски рамки се на самото дно, секогаш се меѓу најлошите. Кога некоја земја ќе добие толку лоши оценки во ПИСА програмата тоа е знак за тревога, но кај нас тоа не е случај. Ние мирно го следиме пропаѓањето на образовните стандарди и со тоа го уриваме напредокот во иднината.

Членки на ОЕЦД се Австрија, Белгија, Канада, Чиле, Чешка Република, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Израел, Италија, Јапонија, Летонија, Луксембург, Мексико, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Полска, Португалија, Словачка, Словенија, Шпанија, Швајцарија, Турција, Велика Британија, САД, Австралија, Чиле и Јужна Кореја. Русија долги години преговара да стане членка на ОЕЦД, но се уште е далеку од влез во клубот на најбогатите. Но Русија, заедно со Бразил, Кина, Индија, Индонезија и Јужна Африка низ програмата за „зголемен ангажман“ се во некаква координација со ОЕЦД. Заедно со нив на листата на ОЕЦД има 41 земја кои сочинуваат 80 отсто од светската трговија и инвестиции со што овој клуб има клучна уога во соочување со предизвиците на светската економија.

Најчитано