ПОФАЛБА НА ЛУДОСТА

Кога македонските економисти зборуваат за јавната потрошувачка најчесто тие настапуваат како макроекономисти, т. е. неа ја набљудуваат како важен дел од вкупната потрошувачка. Токму во тој контекст треба да ги разбереме нивните ставови од типот на „јавната потрошувачка изразена како процент од БДП не е голема“, „споредено со другите земји Македонија има мала јавна потрошувачка“, „јавната администрација во Македонија не е голема“ итн. И навистина, сите овие тврдења се точни. Но, прашањето е: Какво е нивното значење, т. е. колку тие имаат смисла? Според мене, земени сами по себе, бројките од овој тип не значат речиси ништо зашто занемаруваат една многу поважна работа за која ќе стане збор во продолжението на оваа статија. Токму поради таа работа, горенаведениве тврдења на македонските макроекономисти се многу еднострани.

Три случајни примери

За почеток предлагам да разгледаме (и сериозно да се замислиме) три случајно одбрани примери кои не мора да бидат најстрашните нешта во земјава, туку служат само како илустрација на темата на оваа статија.

  1. Веројатно многумина ја подзаборавиле далечната 1994 година кога започна изградбата на железничката пруга кон Бугарија. Не знам зошто, ама сè уште ми се врти пред очите сликата во која тогашниот претседател Глигоров ја фрла првата лопата проследена со патетичните говори за историското значење на пругата, за нејзиното огромно значење во продлабочувањето (еден од омилените зборови на политичарите) на економската соработка со нашата соседна држава итн. Ако добро се сеќавам, тогаш беше споменато дека изградбата на пругата ќе чини 120 милиони марки или некоја слична бројка. И што се случи? Оттогаш поминаа две децении, од пругата нема ништо, а јасно е дека трошокот ќе биде барем десетпати поголем од тие 120 милиони марки. Наравоучение: оваа кутра, сиромашна државичка потроши 23 години и милиони евра за да не направи железничка пруга.
  2. Пред некое време Владата излезе со соопштение дека во 2015 година дури 600 луѓе во Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор земале плата, а воопшто не доаѓале на работа. И уште ни кажа дека Буџетот на државава бил оштетен за 824 000 евра и дека против 60 лица биле поднесени дисциплински постапки. Мала дигресија: вкупниот број вработени во Секретаријатот бил неверојатни 1 600! Што ли му прават на Охридскиот договор толку многу луѓе? Сега, драги читатели, прашајте се дали некогаш сте слушнале за поидиотска работа од тоа некој да зема плата без воопшто да се појави на работа, ама сето тоа да падне на ваш грб. Исто така прашајте се: Зошто воопшто плаќате даноци? За државата да плаќа луѓе кои не работат ништо? Па, тоа се вика социјална помош или милосрдие. Во тој случај, истото тоа би можеле да го направите и вие самите: наместо да плаќате даноци кои ќе одат во државниот буџет за оттаму да им бидат префрлени на неработниците, вие самите можете да им ги дадете вашите пари на оние кутри, сиромашни луѓе кои питаат по улиците. Најпосле, замислете се над ова: ако украдите две штеки цигари од некоја трафика ќе заработите кривична пријава, а ако го оштетите Буџетот за 824 000 евра ќе бидете казнети дури со дисциплинска мерка. На ова Тошо Малерот би рекол: Пијана работа, батка!
  3. Во 2002 година беше основана посебна државна агенција позната како Антикорупциска комисија. Се разбира, тоа државно тело си има раководство, вработени, буџет итн. и сето тоа е сосема во ред. Исто така некој ќе рече дека и другите земји имаат вакви органи со што целосно се согласувам. Меѓутоа, кога размислувам за оваа комисија, никако не можам да се сетам колку политичари и јавни службеници во минативе 15 години се затворени поради корупција која ја открила Антикорупциската комисија. Одговорот е многу лесен: никој или речиси никој. Ако е така, тоа значи само едно нешто: или во Македонија нема корупција или од Антикорупциската комисија нема никакво фајде (затоа што ниеден политичар не е затворен поради корупција). Оттука двете овие работи се цврст аргумент против постоењето на ваков државен орган кој очигледно постои само за украс. Замислете Владата да формира Агенција за Марсовци која за 15 години нема да открие ниеден Марсовец. Во тој случај или не постојат Марсовци или агенцијата не била способна да ги открие, а во двата случаја заклучокот е само еден: нема потреба од таква агенција!

Како што може да се види наведениве три примери не ги вклучуваат сега веќе легендарните проекти од „Скопје 2014“ бидејќи за нив е пишувано и зборувано толку многу што мојата дискусија би била само непотребно и здодевно повторување.

НА ЦЕНТРАЛНО И НА ЛОКАЛНО НИВО, ВО СИТЕ ДРЖАВНИ АГЕНЦИИ И МИНИСТЕРСТВА ЗАЕДНО СО НИВНИТЕ ПОДРАЧНИ ЕДИНИЦИ, СЕКТОРИ, ОДДЕЛЕНИЈА, ВО СИТЕ УЧИЛИШТА, БОЛНИЦИ, СУДОВИ ИТН. ДА СЕ ВОСПОСТАВИ СЕОПФАТЕН СИСТЕМ НА МЕРЕЊЕ НА ЕКОНОМИЧНОСТА, НА ЕФИКАСНОСТА И НА ЕФЕКТИВНОСТА ВО РАБОТЕЊЕТО (ТРИТЕ Е)

Уште три милиони прости примери

Се разбира, постојат милиони слични помали и поголеми примери што секојдневно се случуваат во македонскиот јавен сектор. Повторно, само како илустрација, ќе наведам само неколку од нив. На времето градоначалникот на Карпош изгради пешачки мост во населбата Влае, а инвестицијата изнесуваше милион евра. Притоа единствената намена на мостот е тоа што им прави сенка на автомобилите додека чекаат на семафорот. Нека се прашаат читателите дали би платиле милион евра за настрешница за нивниот автомобил. Во поново време градоначалникот на Скопје нè убедуваше дека на брегот на (загадениот) Вардар ќе никне плажа и за таа цел потроши 200 000 евра. Се разбира, денес нема ниту трага од легендарната плажа, а ако познавате некого што се капел (или барем лежел) на таа плажа, следува вредна награда… На патот што води кон охридските плажи, кај населбата Рача, градоначалникот на Охрид постави семафори кои никогаш не проработеа; претходниот градоначалник на Охрид успеа во своите два мандата да го зголеми бројот на вработените од 70 на 240! Веројатно најголемото достигнување на претходниот ректор на мојот универзитет е тоа што си купи нов мерцедес надевајќи се дека со тоа, конечно, ќе успееме да влеземе во првите 500 универзитети на шангајскиот список. Во ходникот на мојот факултет можете да забележите како виси голем телевизор кој само си виси, а не се користи за ништо. Познавате ли некој човек што би купил телевизор за да не гледа телевизија? Уште еден пример од мојот факултет: во својата канцеларија деканот си ставил голем модерен телевизор оставајќи ме да се прашувам: Дали оваа држава го плаќа да работи или да гледа турски серии? Пред еден месец, во канцеларијата на деканот на друг факултет, исто така видов телевизор кој во последниве пет години никогаш не бил вклучен(!) итн.

Мала лекција за макроекономистите и за политичарите

Од наброените примери и примерчиња можат да извлечат важна поука како економистите така и политичарите. Да почнеме со првите. Како што споменав на почетокот од статијава, проблемот кај економистите е во тоа што јавната потрошувачка ја третираат еднострано, т. е. на јавните расходи гледаат само како на агрегатни апстрактни бројки. Имено, за нив изградбата на пругата кон Бугарија е продуктивна инвестиција која го зголемува растот, оние 1 600 вработени кои му „баат“ на Охридскиот договор се вработени кои земаат плата и така ја зголемуваат агрегатната потрошувачка итн. Притоа, никогаш и никаде, македонските економисти не поставуваат неколку важни прашања како што се следниве: Што е со ефикасноста на инвестициите во јавниот сектор?; Што е со продуктивноста на вработените во јавниот сектор?; Најпосле, што правиме со случаите кога буџетските пари се трошат за сосема непотребни нешта или уште пострашно кога јавната потрошувачка се граничи со лудило? Оттука анализата на јавната потрошувачка никако не треба да се ограничи само на механичкиот третман на макроекономскиот агрегат кој по некој автоматизам ги зголемува агрегатната потрошувачка или стопанскиот растеж. Наместо тоа, секогаш кога зборуваме за јавните расходи мора сериозно да се замислиме и за политичко-економските аспекти.

Сепак, најголема поука од горенаведениве примери треба да изведат политичарите и гласачите. Иако јавниот сектор не е приватна фирма која се грижи само за максимизација на профитот, сепак тоа воопшто не значи дека основните економски принципи не важат за јавниот сектор. Напротив, секогаш кога политичарите носат одлуки мора да се потсетат на првата лекција што ја учат студентите по економија – секоја земја располага со ограничени производни ресурси кои имаат различна употреба. Првото (ограничените ресурси) значи дека парите во буџетот не паѓаат од небо, а второто (различната употреба) значи дека истиот износ буџетски пари секогаш може да се употреби за нешто попаметно и покорисно. Токму горните примери претставуваат брутална негација на основните економски принципи од страна на политичарите и на јавните службеници. Во македонскиот јавен сектор лесно ќе сретнеме примери на вработени кои не работат ништо, на агенции без никакви резултати, на инвестиции кои траат со децении без да бидат завршени, на јавни набавки за сосема непотребни работи…

За да не испадне дека статијава е само список на злото во македонскиот јавен сектор, сега преминуваме на можните решенија на горните проблеми: првото, најдобро решение би било проблемот да се пресече во коренот, а тоа значи јавниот сектор да се сведе на најмала можна мера. Конкретно, тоа би значело неколку работи: да се укинат државни агенции за кои ниту има потреба ниту пак даваат некакви мерливи резултати; драстично да се намали јавната администрација така што ќе бидат отпуштени сите паразити кои не само што не работат ништо туку и не знаат што да прават со себеси; да се приватизираат сите јавни услуги што може да ги извршува приватниот сектор. Се разбира, ова решение е само утопија зашто македонските партии не ни помислуваат да го намалат јавниот сектор зашто тоа би имало две силни последици: прво, помала можност за користење на јавниот сектор за водење популистички политики со кои се купуваат гласови на изборите и второ, помал простор за корупција во политиката и за злоупотреба на јавните пари.

Оттука преминуваме на второто, реалистично решение: воспоставување систем на мерење на успешноста во јавниот сектор. Тоа значи дека на централно и на локално ниво, во сите државни агенции и министерства заедно со нивните подрачни единици, сектори, одделенија, во сите училишта, болници, судови итн. да се воспостави сеопфатен систем на мерење на економичноста, на ефикасноста и на ефективноста во работењето (трите Е). Повеќе на оваа тема ќе стане збор во идната колумна.

Најчитано