Максим Димитриевски: Децентрализацијата е клучот за развој на државата

Погледнато во еден подолг временски период, кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои Општина Куманово остварува континуиран напредок во своето работење?

М. Димитриевски: Во рамките на широките надлежности на локалната самоуправа, првенствено приоритетот е подобрување на животните услови на граѓаните од комунален аспект, подобрување на комуналната инфраструктура, хигиената, намалување на загадувањето, подобрување на условите за учење на децата и воспитно-образовниот процес, зајакнување на капацитетите на локалните институции, професионална администрација и секако создавање подобри услови за бизнис и развој на стопанството, инвестирање во спортот и културата на локално и регионално ниво.

Од друга страна, кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува Општина Куманово? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите на општината?

М. Димитриевски: Комуналните и финансиските проблеми се огромни поради неконтинуиран раст и развој на општината од комунален аспект, но секако и во делот на финансиските приходи, т. е. ниско ниво на фискална децентрализација. Куманово има 46 села и населени места, минатата година прослави 5 века од своето постоење, а сепак 43 села сè уште се соочуваат со проблеми во водоснабдувањето. Да не говорам за недостаток на фекална и атмосферска канализација, неасфалтирани улици и патишта и континуиран финансиски проблем од аспект на финансиски блокади, плаќање на стари долгови кои влечат корени од далечните осумдесетти години и големиот број на надлежности кои ги има како локална самоуправа. Доколку сакаме и суштински да се имплементираат и да се реализираат, неминовно е зголемување и на сопствените приходи преку даноци и такси и наплата на комунални давачки за градба и зголемување на финансиите кои се трансферираат како блок дотации и наменски средства од страна на државава за финансирање на децентрализираните надлежности на локалната самоуправа, а тоа се образованието, социјалната заштита, детската заштита и секако изградба на капитални проекти во делот на регионална инфраструктура.
На Куманово му се потребни изградба и пробивање на нови булевари, модерно уредување на раскрсниците со кружни текови, изградба на атмосферска канализација, спуштање на целосната кабловска мрежа под земја, изградба на подземен катастар за кој се неопходни големи средства. Главните ограничувања за побрз локален економски развој се секако финансиите бидејќи без нив немате можност да реализирате сериозни капитални проекти. Услугите кон граѓаните е неопходно да се подобрат првенствено со создавање на професионална администрација која нема да биде резултат на политички одлуки, туку ќе биде избрана и ангажирана по принцип на квалитет и на резултат.

Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пр., на регулативата што го регулира работењето на општините?

М. Димитриевски: Секако дека може со измена на Законот за локална самоуправа и Законот за финансирање на локалните самоуправи и буџетирање, со зголемување на надлежностите и паралелно зголемување и на блок дотациите од државата. Доколку Општина Куманово учествува во државниот буџет, по некои анализи со некаде 6 %, а тоа значи дека граѓаните на општината го полнат државниот буџет во тој процент, очекуваме во тој сооднос и да ни бидат вратени одредени финансиски средства назад во општината по основ на наплатениот ДДВ, персоналниот данок, акцизите и други давачки. Дополнително Куманово како општина во пограничен регион создава дополнителна капитална вредност за државава на самите гранични премини, што нема посериозни импликации по општинскиот буџет.

Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општините?

М. Димитриевски: Клучот е во зголемувањето на нивото на фискалната децентрализација во државава. На општините не им се потребни единствено ингеренции без соодветно ниво на финансиска поддршка. Децентрализацијата е клучот. Се соочуваме со сериозен проблем на субординација меѓу локалните и централните институции, неопходно е полициските станици од општа надлежност, кои се задолжени за сообраќај, јавниот ред и мир, да потпаднат директно под надлежност на локалните самоуправи или час поскоро со закон да се формира комунална полиција која ќе биде под директна надлежност на општината, исто така и културата, управувањето со водите, водостопанствата и секако посериозни сегменти од социјалата бидејќи во моментов имаме поголем број на такви институции и активности на локално и централно ниво без сериозна заемна координација. Децентрализацијата е клучот за развој на државава и давање можност на граѓаните средствата кои ги трошат генерално да бидат реинвестирани во нивните општини.

Дали има нешто што самата Општина Куманово може да го промени во своето функционирање во поглед на своите приходи, расходи и воопшто своето работење во иднина?

М. Димитриевски: Да, дефинитивно. Даночните приходи, кои се основни приходи на единиците на локалната самоуправа, се директна можност за подобрување на финансиската состојба во општините и ние тргнавме по еден план според кој во континуитет во последниве 3 години ги зголемуваме тие сопствени приходи со водење на подобра евиденција, навремено издавање на решенија за данок на имот, реализација на решенија за данок на промет со имот и поажурирана наплата на побарувањата. Сепак, овие средства се недоволни за еден рамномерен и пропорционален и локален развој, нови генерални урбанистички планови кои ќе ги прошират градежните опфати и можност за стопанисување со ново градежно неизградено земјиште. Земјоделското земјиште треба да се менаџира на локално ниво и концесиите за експлоатација на песок и чакал кои, во моментов, се експлоатираат без контрола под изговор за уредување и чистење на речни корита.

Каква е комуникацијата на Општина Куманово со другите чинители како што се граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународна заедница, академската заедница, невладиниот сектор итн.?

М. Димитриевски: Остваруваме редовни комуникации, имаме формирано локален социо-економски совет на кој ги отвораме сите прашања во делот на функционирањето на бизнис-заедницата, стопанството и проблемите што ги имаат. Дополнително, во рамките на локалниот совет за превенција кој функционира на високо ниво, отвораме и други теми. Во однос на образованието и на академската заедница ги поддржуваме сите барања на граѓаните во делот на творење и создавање на кој било план, а со невладиниот сектор имаме добра соработка и работиме на тоа да го продлабочиме со цел да реализираме што поголем број на заеднички проекти и при тоа да прифатиме и да ангажираме што поголем број млади луѓе. Куманово е активно на меѓународен план, член е на повеќе меѓународни здруженија, меѓу кои е и членството во Извршниот одбор на Асоцијацијата на градови носители на пораката за мир, која е директно формирана по иницијатива на Обединетите нации. Воедно сме членка и на Европската асоцијација на градови на спортот и во 2019 година добивме признание Европски град на спортот и секако континуирано работиме и соработуваме со сите амбасади во државава и нивните претставници и со најголем број од меѓународните асоцијации како што се УНДП, ОБСЕ, УСАИД и останатите. Член сме на Мрежата на силни градови со седиште во Лондон со која реализираме проекти за превенција од насилен екстремизам и тероризам. Има значителни резултати во делот на ваквите соработки, особено прекуграничната соработка со соседна Бугарија, Косово и Србија, каде што реализираме проекти за подобрување на инфраструктурата на двете страни во рамките на апликациите кои ги отвора ЕУ и грант средства. Имаме годишен план за развој на култура и спорт кои ги реализираме со буџетски средства и донации преку Фондацијата за култура и спорт и Општинскиот сојуз на спортови чиј основач е општината.

Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работење на Општина Куманово?

М. Димитриевски: Силна економија подразбира сериозни приходи во заедницата, помал број невработени луѓе кои ќе бидат способни да ги платат своите давачки. Во соработка со државава бараме нови инвеститори во општината. Од таа причина развиваме нова економска зона каде што ќе ги лоцираме тие инвестиции во иднина, во моментов имаме две капитални инвестиции, а има можност за над 40. Зголемувањето на минималната плата и просечната плата во државава дополнително ќе влијае на подобрување и подолгорочна финансиска одржливост на општините бидејќи ќе имате постабилен даночен обврзник кој од моментот кога ќе му го издадете даночното решение ќе биде во можност да го плати. Македонија е една од државите со најниска стапка на данок на имот кој е основен приход и откако ќе се зголеми стандардот на граѓаните може да се размислува и за покачување на оваа ставка, но дополнително е потребно да се воведат нови системи за ажурирање и евиденција на податоците на даночните обврзници и секако да се создадат капацитети за уште поуспешно менаџирање со државното градежно неизградено земјиште, создавање на нови подлоги за долгорочни инвестиции во делот на нови градби, капитални објекти, шопинг молови, станбени комплекси, кои во согласност со модерниот начин на урбаното живеење првенствено ќе имаат цел да ја заштитат животната средина и да го намалат загадувањето со изградба на енергетско-ефикасни објекти. Првенствено е градење на еден сериозен систем за вршење контрола, инспекциски надзор и дополнително создавање на подобри услови за работење и функционирање на стопанството и општината во функција на граѓаните.


(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2020г.)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)

Повеќе од истиот автор

Најчитано