Буџетот на општина Тетово
Движења, трендови, показатели

Клучен елемент што го рефлектира работењето на една општина е нејзиниот буџет. Големината на буџетот, неговата структура и движењата низ годините ги покажуваат можностите на општината, но и ограничувањата за нејзиниот побрз развој. Оценките за општинскиот буџет се градат врз основа на низа индикатори кои даваат индикација за: големината на локалната самоуправа, даночната автономија на општината, структурата на приходите, структурата на расходите, задолженоста и даночната администрација.
Во рамки на проектот „Мојата општина – финансии, развој, долгорочна одржливост“ во овој број го анализираме буџетот на општина Тетово. Се работи за голема и економски динамична општина, со етнички разновидно население, која според одредена проценка на општината во 2013 година имала 90.800 жители. Податоците користени при анализата се податоци кои се јавно достапни или се добиени од општината.

Големина на локалната самоуправа
Колку е поголема локалната самоуправа во однос на одреден број нејзини жители толку се поголеми шансите таа да им даде поголеми или подобри јавни услуги на жителите. Оттаму, како индикатор за големината на локалната самоуправа се пресметува соодносот на вкупните расходи на општината по жител. Вкупните расходи на општина Тетово во 2019 година изнесувале 1.825 милиони денари, или 29,7 милиони евра. Тоа значи дека вкупните расходи на општина Тетово по жител во 2019 година се 20.098 денари или 327 евра. Треба да се напомене дека во вкупните расходи се вклучени реализацијата на основниот буџет, самофинансирачките активности, дотациите и донациите.
Големината на локалната самоуправа може да се перципира и преку соодносот на бројот на вработени во администрацијата на општината и бројот на жителите на општината. На крајот од 2019 година општина Тетово имала 394 лица вработени во општинската администрација. Тоа значи дека на секој жител на општината отпаѓаат 0,004 вработени во локалната администрација, односно на секои 1.000 жители на општината има четири вработени во општинската администрација.

Даночна автономија
Друга група на индикатори за анализа на буџетот на една локална самоуправа се индикаторите за нејзината даночна автономија кои овозможуваат да се стекне претстава за финансиската независност на локалната самоуправа. Колку една општина има поголема даночна автономија толку е посамостојна во своите активности од финансиски аспект, но и од политички аспект во однос на централната власт.
Еден од индикаторите во овој сегмент е процентуалното учество на сопствените приходи во вкупните расходи на општината. Сопствените приходи, опфаќаат неколку категории на приходи, како што се: локалните даноци (данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности и права), локалните такси (комуналните такси за услуги и права што општините им ги даваат на правните и физичките лица, и административните такси за поднесување барања и молби, добивање дозволи, уверенија, итн.) локалните надоместоци (надоместоци за користење на некое добро од општ интерес, надомест за уредување на градежно земјиште, надомест за просторни и урбанистички планови, и сл.), приходите од сопственост (приходите од закупнина, камати, и продажба на имот), приходите од донации, приходите од парични казни, приходите од самопридонес и други приходи утврдени со закон.
Во 2019 година, сопствените приходи на општина Тетово изнесуваат 316,1 милиони денари или 5,1 милион евра. Во вкупните расходи на општината тие учествуваат со 17,3 %. Овој показател покажува мошне низок степен на фискална автономија на општината. По автоматизам, тоа значи дека вториот главен извор на приходи на општината, фискалните трансфери од централната власт играат голема улога во финансирањето на општината. Стручната терминологија ова го опишува како состојба на висок вертикален фискален дебаланс, бидејќи фискалните трансфери од централната власт во вкупните расходи на општината учествуваат со дури 82,7 %. Едноставно кажано, општината е финансиски многу зависна од централната власт. Ваквата состојба оневозможува долгорочно планирање на поголеми активности од страна на општината што е потенцијално ограничување за нејзин побрз развој.
Друг индикатор е процентуалното учество на даночните приходи во вкупните расходи на општината. Даночните приходи на општина Тетово, кои ги опфаќаат приходите по основ на даноци на имот, но ги вклучуваат и приходите по основ на даноци од доход, добивка и капитална добивка затоа што тие по автоматизам им се префрлаат на општините, во 2019 година изнесувале 120,9 милиони денари, или 1,97 милиони евра. Тоа значи дека даночните приходи учествувале во вкупните расходи на општината со 6,6 %.
Во оваа група индикатори е и процентуалното учество на неданочните приходи во вкупните расходи на општината. Неданочните приходи во себе ги вклучуваат сите приходи на општината по основ на локални такси и надоместоци, како што се такси за користење и дозволи за вршење дејност, глоби и административни такси и други надоместоци. Независно од терминологијата, тука се вклучуваат и тн. даноци на специфични услуги кои всушност се однесуваат на наплатениот надомест за уредување на градежното земјиште, а приходите по тој основ се и најголемиот извор на приходи на општина Тетово. Во 2019 година изнесуваа 149,5 милиони денари, или 2,4 милиони евра и учествуваа во вкупните расходи на општината со 8,2 %.

Структура на приходите


Општините мораат да остваруваат значителни финансиски средства за да можат да ги извршуваат бројните разновидни активности што влегуваат во нивните надлежности. Тие активности се поврзани со образовниот процес, со комуналните дејности, со здравствената заштита, противпожарната заштита, урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и на градежното земјиште, со поддршката на локалниот економски развој, заштитата на животната средина итн.
Вкупните приходи на општина Тетово во 2019 година изнесуваа 1.825 милиони денари или 29,7 милиони евра. Важно е да се знае каква е структурата на ваквите остварени приходи за да може да се процени каде е просторот за евентуално подобрување на проиходите. Графиконот 1 покажува дека доминантен дел од приходите на општината доаѓаат од трансферите од други нивоа на власт, кои во 2019 година изнесуваа 1.509 милиони денари, или 24,5 милиони евра и имаат учество од 82,7 % во вкупните приходи на општината.
Во однос на другите извори на приходи, втор најголем извор се даночните приходи. Во 2019 година даночните приходи на општина Тетово изнесуваа 120,9 милиони денари, или 1,97 милиони евра. Нивното учество во вкупните приходи изнесува 6,6 %.
Друг показател е учеството на приходите по основ на данокот на имот во вкупните приходи. Приходот на општина Тетово по основ на данок на имот во 2019 година достигна 108,4 милиони денари или 1,76 милиони евра. Со тоа, приходите по основ на данокот на имот учествуваат во вкупните приходи на општината со 5,9%.
Трет показател за структурата на приходите на локалната самоуправа е учеството на неданочните приходи во вкупните приходи. Неданочните приходи кај општина Тетово во 2019 година изнесуваа 149,5 милиони денари или 2,4 милиони евра и имаа учество од 8,2 % во вкупните приходи на општината.
Преостанатите извори на приходи на општина Тетово имаат релативно мало учество во структурата на вкупните приходи на општината. Така, учеството на приходите од продажба на земјиште е 1,6 %, а на донациите од странство и другите донации 0,7 %.
Како што беше и претходно потенцирано, за да создаде предуслови за свој позабрзан раст општината Тетово треба да ја подобри структурата на своите приходи преку зголемување на приходите кои не доаѓаат од централната власт.

Структура на расходите


Како што е важно локалната самоуправа да има доволно приходи за финансирање на своите бројни активности исто толку е важно прибраните финансиски средства општината ефикасно да ги користи. За таа цел се анализира расходната страна на општинскиот буџет. Притоа се користат неколку показатели.
Најопшта слика за расходната страна на општинскиот буџет дава соодносот на тековните и вкупните расходи на општините. Во 2019 година, за тековно функционирање на општина Тетово биле потрошени 1.515 милиони денари, или 24,6 милиони евра. Со тоа, тековните расходи учествуваат со 83% во вкупните расходи на општината.
Со оглед на големината на тековните расходи, кои сами по себе се хетерогени по својата содржина, важно е да се знае и учеството на нивните главни делови во вкупните буџетски расходи на општината. Така, расходите за плати на општина Тетово (основни плати, придонеси, надоместоци, патни и дневни расходи и привремени вработувања) во 2019 година достигнаа 923,3 милиони денари или 15 милиони евра и учествуваа во вкупните буџетски расходи на општината со 50,6%.
Елемент на тековните расходи е набавката на стоки и услуги, како што се комунални услуги, греење, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги и други тековни расходи. Тие во 2019 година изнесуваа 586,5 милиони денари или 9,5 милиони евра и имаа учество од 32,1% во вкупните расходи.
Клучна ставка на вкупните расходи, според значењето за долгорочниот развој на локалната самоуправа се капиталните расходи. Тие ги опфаќаат расходите за опрема и машини, за градежни објекти, за мебел, за возила и сл.. Во случајот на општина Тетово во 2019 година тие изнесуваат 272 милиони денари или 4,4 милиони евра и учествуваат со 14,9 % во вкупните расходи. За позабрзан развој на општина Тетово неопходно е да се измени структурата на вкупните расходи и да се зголеми учеството на капиталните расходи.

Задолженост и даночна администрација
Во период кога целата земја се соочуваат со сериозни предизвици предизвикани од тековната пандемија, логично е што и општините работат во посебни околности и дел од вработените во администрацијата отсуствуваат од работа заради болест или изолација. Во такви околности разбирливо е дека дел од потребните податоци не можат да се добијат во стандарден формат за да можат да се анализираат. Таков беше случајот со податоците за задолженоста на општина Тетово.
Во однос на оценката за даночната администрација се користат индикатори за даночниот напор на општината, односно степенот до кој општината успева да ги наплати своите потенцијални приходи. За таа цел се користи податокот за износот на даночни приходи по вработен во општинската администрација. Кај општина Тетово, на секој вработен во општинската администрација отпаѓаат по 307 илјади денари наплатен приход по основ на данок годишно во текот на 2019 година.
Друг индикатор е соодносот на реализирани и планирани даночни приходи. Според податоците за 2019 година, реализираните даночни приходи на општина Тетово се повисоки во однос на планираните даночни приходи за 3 %.
По основ на данок на имот, општина Тетово наплатила 108,5 милиони денари или 1,8 милиони евра во 2019 година. Но, релативното аналитичко значење на тој износ не може да се оцени во отсуство на податок за бројот на станбени единици од кои е реализирана наплатата на тој данок и нивната површина.


(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2020г./јануари 2021г.)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)

Повеќе од истиот автор

Најчитано