Петровска: Ингеренциите на локалната власт треба да се зголемат

Погледнато во еден подолг временски период, кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои Општина Битола остварува континуиран напредок во своето работење?

Н. Петровска: Од општина која ја затекнав исклучително оптоварена со обврски, кредити, несредена инфраструктура, особено на градежни парцели за кои граѓаните платиле комуналии, а општината имала обврска да создаде инфраструктурни услови за градба, деловен и станбен развој на градот, како и ненаменски потрошени средства од комуналии за што општината беше тужена од низа субјекти за уредување на градежно земјиште, блокирани локални и образовни институции, можам да кажам дека карактеристиката на оваа локална власт е финансиска стабилност и наменско трошење на буџетските средства кои се основен предуслов за враќање на тековите во правилен колосек, што е основа за едно нормално функционирање на една општина во функција на овозможување реално подобри предуслови за понатамошен развој и живот на граѓаните.
Оттаму сериозно се работеше на средување на инфраструктурата во општината.
На самиот почеток се пристапи на изработка на проектна документација бидејќи тоа е основа за изградба на инфраструктурни објекти.
Се изработија многу проектни документации со кои општината изведе низа инфраструктурни зафати во минатите три години, дел се во тек, а уште голем дел ќе се изведуваат во годинава што ни претстои. Подобрени се условите на 50 улици, од кои 15 се комплетно нови улици. Вложени во улиците до сега се 315 872 025 денари. Притоа посветеноста и работата подеднакво го опфаќаат и урбаниот и руралниот дел. Како резултат на тоа, денес веќе е видлива нова и многу поубава слика, што значи и подобро секојдневие за живот на сите наши сограѓани.
Купиштата од кал во касарната кои ги опколуваа новите згради при што граѓаните не можеа да пристапат до своите станови, сега се минато. Поплочени се 7 077 метри квадратни површина во вкупна вредност од 6 647 441 денар, кои даваат повеќекратен бенефит како од визуелен аспект така и од гледна точка на соодветен пристап на граѓаните и зголемена безбедност на сите учесници во сообраќајот.
Начинот на планирање и реализација на буџетот, третиран на здрави основи, овозможи континуирано подобрување на условите во образовните институции и градинките каде што не само што беа финансиски стабилизирани и одблокирани сметките на училиштата кои беа заглавени на над 4,3 милиони евра туку се влезе со сериозни подобрувања на инфраструктурните состојби, подобрување на просторните услови, на нагледните средства.
Така, само во училиштата, покрај нивните сопствени инвестиции, средствата од Владата, инвестиции од донатори и проекти, само од страна на општината во соработка со јавните претпријатија вложени се околу 400 000 евра, а во детските градинки се вложија 25 996 726 денари или 422 711 евра за чие осовременување резултатот се должи на заедничка соработка.
Оваа година општината со сопствени средства и со поддршка од Кронберг и Шуберт гради нова градинка во новата населба кај поранешната касарна, чија проектирана вредност е над 1,4 милиони евра. Во почетниот период, за пет месеци, очекуваме да биде завршена првата фаза, карабина, а потоа во втората фаза да се заокружи архитектонскиот и механичкиот дел. Изработена е проектна документација за уште една градинка со обезбедени средства од Светска банка, а се работи на адаптација на дел од поранешниот Мајчин дом. Со сето ова сериозно се подобруваат капацитетите и условите за сместување за нашите најмлади генерации.
Општина Битола е единствената која гради национален капитален објект, северна трибина на Стадион „Под тумбе кафе“ во висина од 5,5 милиони евра. Товарот на изведба и исплата падна токму на оваа локална власт. Исто така, покрај инвестиции во спортската инфраструктура, локалната самоуправа само во 2020 година го поддржа спортот со 20 740 406 денари, за поддршка на ракометниот, фудбалскиот, кошаркарскиот и другите спортски клубови.
Значењето на подобрување на привлечноста на Битола за туристи е огромна имајќи ја предвид местоположбата и историјата на градот, што е сериозен потенцијал за развојот на градот. Од предвидените 64 милиони денари за Потпелистерието, реализирани се над 60 % во колекторски систем, пречистителна станица и инфраструктурниот дел кој е завршен. Во 2021 година ќе се продолжи со средување на патот Трново − Магарево за што во буџетот се предвидени 25 милиони денари, а деновиве треба да заврши изборот на изведувач на работите. Изготвен е и проект за реконструкција на патот од Црвени петли за село Дихово во вредност од 5 милиони денари. Ова покажува дека од подножјето на планината одиме нагоре кон подобрување на условите за користење на благодетите на нашата планина, со која сите можат да се гордеат. Одиме нагоре, а до каде ќе завршиме ќе покаже времето, но остануваме на тоа дека планината е на граѓаните, не е ничија приватна своина.
Исто така веќе во напредна фаза е реализацијата на проектот SMART CUL TOUR со Албанија во соработка со Завод и Музеј од Битола со кој се изврши подобрување на пристапноста и услугата за туристите во локалитетот Хераклеја. Самиот проект кој е во висина од 704 590 евра, од кои за Општина Битола се 288 699,10 евра, е еден од 4-те проекти за прекугранична соработка кои општината ги имплементира и на кои најголемиот дел на завршница е токму сега во 2021 година.
Се успеа да се овозможи ревитализација на Офицерскиот дом кој е едно од најкултните места за градот со огромно значење за битолчани. Речиси целосно е завршена фазата на реконструкција на самиот објект, Oфицерски дом, по што следува фазата на партерното уредување. Се надевам дека скоро ќе блесне со цел свој сјај, визуелно, а наскоро и функционално.
Како град на културата, со цел подобрување на условите за низата манифестации во градот, се даде душа на зградата на Киното „Манаки“ во кое се обезбеди целосна опрема по најсовремени стандарди, преку Интеррег ИПА-програмата за прекугранична соработка со Грција, во чии рамки во завршна фаза е проектот КИНОКУЛТУРА кој, исто така, до месец јуни ќе овозможи комплетно опремување и ставање во функција на туристички информативен центар.
По целокупните активности за проектната документација за гасификација, нејзината реализација треба да започне во 2021 година, што е усогласено со централните политики на ниво на држава.
Во насока на грижа за животната средина се проширија уредените зелени површини од кои многу се оплеменија и со забавни паркови за децата каде што ќе се подобрува нивната социјализација. Склучен е договорот за набавка на два минибуси на метан, а во тек е набавка на дополнителни два кои треба да бидат во функција на граѓаните. Исто така, со проектот „Интеграција на зелен транспорт во градовите“, следува набавка на минибус за спортисти.
Се изработи сообраќајна студија на градот во централното градско јадро со која треба да се растовари сообраќајот и да се даде повеќе простор за пешаците и велосипедистите. Општината субвенционираше велосипеди. Се субвенционираше и греење на поеколошки системи. За заштита на животната средина и на енергијата, а пред сè да се осветли градот, се спроведува промена на уличното осветлување во ЛЕД за што се вложени 22 764 000 денари изминатава година, а годинава треба да се заврши со планирани и обезбедени за градот и руралните средини 34 000 000 денари средства директно од буџетот на општината. Заштедите по овој основ се огромни. Само досегашните се проценуваат на 11 340 000 денари или над 184 000 евра, средства за нови инвестиции.

Од друга страна, кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува Општина Битола? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите на општината?

Н. Петровска: Еден од најгорливите проблеми на општината е поврзувањето со другите центри, поточно патната инфраструктура кон Скопје и кон Грција. Со предвидените проекти на централната власт се надевам дека тоа ќе се реши бидејќи и ова е исклучително важно за развојот на градот. Во самиот град еден од најгорливите проблеми е Законот за старо градско јадро кој ги успорува низа од постапките и процесите за средување на инфраструктурата, пред сè поради тоа што се обременува бројот на субјекти од кои зависите, што е спротивно на идејата за децентрализација и поради тоа што оние кои одлучуваат од канцеларии, а не се во градот, немаат увид на реалната слика. Често пати тоа нè доведувало до апсурдни ситуации и успорувања за кои нема оправданост.
Од друга страна, пак, легализацијата која со години се случувала извршила сериозен упад во плановите на градот. Тоа сериозно го отежнува понатамошното планирање и развој. Оттаму, по санирањето на низа состојби за кои говорев, планирано е започнување со изработка на нов ГУП во кој олеснително би се одвивале и донесувањата на ДУП-ови.

Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пример, на регулативата што го регулира работењето на општините?

Н. Петровска: Дефинитивно децентрализацијата треба да се случи. Јас ја знам оправданоста на централната власт во стравот колку општините се спремни за нејзина имплементација. Но, апсурдно е да имате општини од големина како Битола, каде што да речеме имате 18 училишта од кои дел ги покриваат потребите на околни 6 општини, а да чекате од МОН и да молите за реконструктивни капитални зафати. Средствата треба по овие основи, на пример, да се слеани со законска регулатива во самата општина бидејќи таа по закон е одговорна за реализација на воспитно-образовниот процес. Исто е и со капиталните проекти за инфраструктурата. Не разбирам зошто треба тие процеси да течат преку МТВ, а да нема соодветно полнење на касата на буџетите на општините кои сами би одлучувале за своите потреби во инфраструктурата. Тоа се храбри, но значајни чекори кои би ја подигнале и одговорноста на општините за подобар живот и би направиле простор за поквалитетно и навремено овозможување на реалните потреби на граѓаните. Тоа подразбира зголемување на процентот кој се враќа на општините по основ на ДДВ и на персонален данок. Секако, донесувањето на одлуки кои сега се на ниво на министерства, како на пример на Министерството за економија во делот на концесионерство за експлоатација на минерални суровини, треба да се сведат на локално ниво. И бенефитот од тоа, но и афирмативниот пристап од населението, кој во некои случаи не може да се постигне со сегашната регулатива, би се подобриле. Ем поголема грижа ем подобен влез на средства во општините.

Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општините?

Н. Петровска: Мислам дека целосно го дадов одговорот на ова прашање. Дефинитивно не треба да се сомневаме дека децентрализацијата треба да се случи. Ингеренциите на локалната власт треба да се зголемат. И можеби е добро тоа да оди во различни опфати според големината на општините. Помалите или посиромашните општини треба да бидат поддржани повеќе во управувањето и водењето од централната власт или соседните поголеми општини за одредени сегменти од животот, а поголемите сериозно ослободени од врската со централната власт.
Дали има нешто што самата Општина Битола може да го промени во своето функционирање во поглед на своите приходи, расходи и воопшто своето работење во иднина?

Н. Петровска: Мислам дека вложувањето во спортот треба да се сведе на подобрување на инфраструктурата во спортот, а не во финансирање на професионални спортски клубови. Бидејќи како ја поставиле претходно работата, не е во ред. Треба да се создадат услови од страна на државата приватниот бизнис да биде повеќе заинтересиран за вложување во професионалниот спорт и да се намалат обврските на општината кон професионалните клубови. Ослободувањето од таа обврска ќе овозможи насочување на финансиите токму во инфраструктура, што оваа локална самоуправа го прави со реконструкција на спортските терени во училиштата, во различни делови на градот и на селата. Дефинитивно треба да се продолжи во уште повеќе подобрување на состојбата во таа насока. Тоа ќе овозможи масовно вклучување на младите во спортот уште од најрана возраст, а тоа е предуслов за создавање на здрави генерации и врвни спортисти.

Каква е комуникацијата на Општина Битола со другите чинители како што се: граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, академската заедница, невладиниот сектор итн.?

Н. Петровска: Од искучително значење е да се има контакт со сите субјекти и чинители на општественото живеење зашто само така се има реален увид за потребите на граѓаните, а со тоа и нивно задоволување. Оттаму во општината е формиран и работи Локален економски совет, Совет на волонтери, Општински совет за превенција на детско престапништво, Совет за превенција, Совет за безбедност во сообраќајот, Совет за социјална заштита, а во постапка за обнова е и Советот за млади. Во сите овие совети дејствуваат претставници на институции, правни субјекти и членови од НВО-заедницата и даваат свој придонес во целокупното општествено функционирање.
Се одржуваат средби со урбаните заедници, но и низ посебни формулари се собираат нивните барања кои се систематизираат и согласно можностите се имплементираат во програмите на општината. Воедно, при носење на буџетот, тој е прегледно достапен на веб-страницата на општината пред усвојување на седница на Советот.
Битола е градот на конзулите, па во градот имаме актуелни конзуларни претставништва кои даваат можности за одржување на подлабоки врски со други држави. Градот има многу живи релации со збратимени градови од: Бугарија, Франција, Шведска, Црна Гора, Словенија, Србија, Хрватска, Грција, Турција. Годинава успеавме и во овие специфични околности да станеме побогати за уште едно збратимување, а тоа е со Цетиње од Црна Гора. Постојат иницијативи за нови збратимувања на кои се работи.
Битола, каде што е седиштето на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, е универзитетски центар. Соработката со универзитетот оваа локална самоуправа го разви на високо ниво. Тоа се потврдува со низа заемни активности и заемна поддршка. Еден пример за тоа претставува и проектот Битола Старт-ап Центар – прво такво партнерство за локално вработување.

Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работење на Општина Битола?

Н. Петровска: Долгорочната стабилност и одржливост на финансиите на општината се условени од повеќе фактори. Еден од главните, ако не и одлучувачки, е човечкиот фактор, односно политиката која ја води првиот човек на општината. Домаќинскиот однос, рационалноста во трошењето, наменската искористеност на прибраните пари кои по разни основи се прибираат од граѓаните треба да се на прво место ако сакате една општина долгорочно да се развива. Народски кажано „нозете да ги пуштите колку што ви е долга чергата“. Недомаќинскиот однос, разузданоста во трошењето во која било општина доведува до создавање долгови, оневозможува да функционираат општинските институции и ја парализира самата општина. Таква состојба затекнав и низ макотрпна работа покажавме дека денес Битола е финансиски стабилна и долгорочно одржлива. Мојата определба парите да се вложуваат само во издржани и оправдани проекти веќе ги дава резултатите. Ако не беше таквиот однос, ниту трибината на стадионот ќе беше во завршна фаза, ниту училиштата ќе ги реконструиравме, ниту улиците како „Партизанска“, „Илинденска“ кои се едни од главните артерии на градот ќе се реконструираа. Ако домаќински и плански не се однесувавме, инфраструктурата во старата касарна немаше да се заврши, ќе немавме средства за сега да имаме јавни набавки целосно финансиски покриени. Еден од условите е и да изнајдете начин максимално да се вклучите во искористување на бројни фондови, средства од меѓународни институции кои преку Владата нудат големи можности. За сето тоа треба добро организирана општина на што работевме во изминативе три години. Не е лесно да добиете средства од меѓународните фондови. Таму се бара проектите да се целосно издржани, се претресува до најмала ситница, но во финансиски услови на долгови, како што беше на почетокот на мандатот, спрегнавме сили и успеавме да обезбедиме дополнителни извори на финансирање на општината.
Парите на граѓаните треба да се управуваат со една транспарентна политика усогласена на реалните потреби и можности кои ќе значат и запазување на карактеристиките на наменско трошење и на економичност, што како резултат ќе дава можност за сериозни капитални проекти. Сето ова би овозможувало секој добро осмислен чекор да отвора нови перспективи и можности.
Сепак, тоа што го говорев и во врска со децентрализацијата мора да има усогласеност на надлежностите и на изворите на финансирање на општините. Не може да се делегираат надлежности, а тоа да не биде соодветно следено со извори на финансирање. Распределбата на приходите на државно ниво треба да биде соодветна на обврските кои ги имаат општините.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)

Најчитано