Во овој број, во рамки на проектот „Мојата општина – финансии, развој, долгорочна одржливост“ го анализираме буџетот на општина Битола. При анализата се користени јавно достапни податоци и податоци добиени од општината. Со оглед на тоа што сé уште не е усвоена завршната сметка за 2020 година, ги анализираме податоците за 2019 година.
Анализата на општинскиот буџет се потпира на разновидни индикатори, при што се фокусираме на следните: големината на локалната самоуправа, даночната автономија на општината, структурата на приходите, структурата на расходите, задолженоста и даночната администрација.
Големина на локалната самоуправа
Големината на локалната самоуправа во однос на бројот на жителите на општината е важен индикатор затоа што дава индикација за големината на јавни услуги што се обезбедени од локалната власт, а ги користат жителите на општината. За оценка на големината на локалната самоуправа се зема соодносот на вкупните расходи на општината по жител. Во случајот на општина Битола, вкупните расходи во 2019 година изнесуваа 1.435,5 милиони денари, односно 23,3 милиони евра. Во вкупните расходи се вклучени реализацијата на основниот буџет, самофинансирачките активности, дотациите и донациите. Бројот на жители според промените на територијалната поделба е 90.895 лица. Следствено, во 2019 година вкупните расходи на општина Битола по жител се 15.792,9 денари или 256,8 евра. За споредба, вкупните расходи по жител на општина Прилеп (14 366 денари или 233,6 евра) се нешто пониски, а на општина Тетово (20.098 денари или 327 евра) повисоки од соодветните на општина Битола.
Големината на локалната самоуправа може да се процени и според соодносот на бројот на вработени во администрацијата на општината и бројот на жителите на општината. На крајот од 2019 година општина Битола имала 157 лица вработени во општинската администрација. Оттука, на секој жител на општината отпаѓаат 0,0017 вработени во локалната администрација, односно на секои 1.000 жители на општината има 1,7 вработени во општинската администрација.
Треба да се напомене дека вредностите на индикаторите за големината на локалната самоуправа треба да се земат со резерва заради користењето на податоци за бројот на жители на општината кои не произлегуваат од неодамнешен попис.
Даночна автономија
Степенот на даночна автономија покажува колку е финансиски независна локалната самоуправа. За оценка на даночната автономија се користат неколку индикатори кои се потпираат на податоци за општинскиот буџет.
Прв таков индикатор е процентуалното учество на сопствените приходи во вкупните расходи на општината. Сопствените приходи на општината се оние што остануваат кога од вкупните приходи во буџетот на општината се одземат трансферите од централната власт. Или, поинаку претставено, сопствените приходи ги вклучуваат локалните даноци (данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности и права), локалните такси (комуналните такси за услуги и права што општините им ги даваат на правните и физичките лица, и административните такси за поднесување барања и молби, добивање дозволи, уверенија, итн.) локалните надоместоци (надоместоци за користење на некое добро од општ интерес, надомест за уредување на градежно земјиште, надомест за просторни и урбанистички планови, и сл.), приходите од сопственост (приходите од закупнина, камати, и продажба на имот), приходите од донации, приходите од парични казни, приходите од самопридонес и други приходи утврдени со закон.
Сопствените приходи на општина Битола во 2019 година изнесуваат 644,5 милиони денари или 10,5 милиони евра. Во вкупните расходи на општината тие учествуваат со 44,9 %. Ова покажува дека речиси половина од своите буџетски расходи општина Битола ги финансира од сопствени приходи. Генерално, ова не е висок степен на фискална автономија на општината, но е значително повисок во споредба со некои други општини. Оттаму, т.н. вертикален фискален дебаланс во случајот на општина Битола е поумерен. Релативно повисоката даночна автономија ѝ овозможува на општина Битола полесно долгорочно планирање на своите активности.
Друг индикатор за даночната автономија е процентуалното учество на даночните приходи во вкупните расходи на општината. Даночните приходи на општина Битола, во 2019 година изнесуваа 172,9 милиони денари, или 2,8 милиони евра. Даночните приходи ги опфаќаат приходите по основ на даноци на имот, но ги вклучуваат и приходите по основ на даноци од доход, добивка и капитална добивка затоа што тие по автоматизам им се префрлаат на општините. Учеството на даночните приходи во вкупните расходи на општината е 12 %.
Трет индикатор е процентуалното учество на неданочните приходи во вкупните расходи на општината. Во 2019 година неданочните приходи на општина Битола изнесуваа 399,2 милиони денари, или 6,5 милиони евра и учествуваа во вкупните расходи на општината со 27,8 %. Инаку, неданочните приходи ги вклучуваат сите приходи на општината по основ на локални такси и надоместоци, како што се такси за користење и дозволи за вршење дејност, глоби и административни такси и други надоместоци. Иако зборуваме за неданочни приходи тука се вклучуваат и тн. даноци на специфични услуги кои всушност се однесуваат на наплатениот надомест за уредување на градежното земјиште.
Друг индикатор во оваа група е учеството на фискалните трансфери во вкупните расходи. Во 2019 година општина Битола добила од други нивоа на власт, практично од централната власт, трансфери на финансиски средства во износ од 831,7 милиони денари или 1,4 милиони евра. Фискалните трансфери од други нивоа на власт учествуваат во вкупните расходи со 57,9 %.
Структура на приходите
Во 2019 година вкупните приходи на општина Битола изнесуваа 1.538,8 милиони денари или 25 милиони евра. Графиконот 1 ја покажува структурата на приходите. Може да се види дека најголемо учество во вкупните приходи имаа трансферите од други нивоа на власт со учество од 57,9 % во вкупните приходи на општината.
Втор најголем извор на приходи се неданочните приходи кои кај општина Битола во 2019 година изнесуваа 399,2 милиони денари или 6,5 милиони евра и имаа учество од 25,9 % во вкупните приходи на општината.
Трет најголем извор на приходи се даночните приходи. Во 2019 година даночните приходи на општина Битола изнесуваа 172,9 милиони денари, или 2,8 милиони евра. Нивното учество во вкупните приходи изнесува 11,2 %.
Значаен показател е и учеството на приходите по основ на данокот на имот во вкупните приходи. По основ на данок на имот општина Битола во 2019 година остварила приходи во буџетот во износ од 147,1 милиони денари или 2,4 милиони евра. Со тоа, приходите по основ на данокот на имот учествуваат во вкупните приходи на општината со 9,6 %.
Други извори на приходи на општина Битола се приходите од продажба на земјиште со учество во вкупните приходи од 4,1 %, приходите по основ донации од странство со учество од 2,4 % и приходите од продажба на земјиште со учество од 1,9 %.
Големината и структурата на приходите на секоја општина се важни затоа што таа треба да обезбеди финансиски средства за извршување на бројни разновидни активности што влегуваат во нејзините надлежности, како што се активностите поврзани со образовниот процес, со комуналните дејности, со здравствената заштита, противпожарната заштита, урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и на градежното земјиште, со поддршката на локалниот економски развој, заштитата на животната средина, итн.
Општина Битола има релативно поурамнотежена структура на приходите во споредба со други општини, како што се Прилеп, Куманово и Тетово.
Структура на расходите
Начинот на користење на прибраните финансиски средства од страна на општината е важен во поглед на квалитетот и ефикасноста на услугите што им се испорачуваат на жителите на општината. Анализата на расходната страна дава индикација за тоа и притоа се користат неколку показатели.
Најопшт показател, кој го прикажува учеството на расходите за извршување на основните функции на општината, е учеството на тековните во вкупните расходи на општините. Во 2019 година, за тековно функционирање на општина Тетово биле потрошени 1.176,9 милиони денари, или 19,1 милиони евра. Со тоа, учеството на тековните расходи во вкупните расходи на општината изнесува 82 %.
Од своја страна, тековните расходи опфаќаат разновидни ставки. Една од поголемите ставки се расходите за плати (основни плати, придонеси, надоместоци, патни и дневни расходи и привремени вработувања). Во 2019 година тие изнесуваа 692,9 милиони денари или 11,3 милиони евра и учествуваа во вкупните буџетски расходи на општина Битола со 48,3 %.
Друга ставка во рамки на тековните расходи е набавката на стоки и услуги, како што се комунални услуги, греење, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги и други тековни расходи. Тие во 2019 година изнесуваа 483,9 милиони денари или 7,9 милиони евра и имаа учество од 33,7 % во вкупните расходи на буџетот на општина Битола.
Капиталните расходи се уште една ставка во рамки на вкупните расходи. Тие ги вклучуваат расходите за опрема и машини, за градежни објекти, за мебел, за возила и сл.. Следствено, според својата природа, тие се најважниот дел од буџетот, бидејќи ја претставуваат развојната компонента на буџетот. Во 2019 година капиталните расходи на општина Битола изнесуваа 162,5 милиони денари или 2,6 милиони евра и учествуваа со 11,3 % во вкупните расходи на општината. Како што е тоа случај и во други општини, потребно е да се зголеми учеството на капиталните расходи во вкупните буџетски расходи на општина Битола заради понатамошно забрзување на развојот на општината.
Задолженост и даночна администрација
Согласно информациите добиени од општината, од 2015 година наваму општина Битола нема блокирана сметка. Исто така, училиштата во рамки на општината не должат за заостанати обврски. Осум основни училишта и две средни училишта што порано имале блокирани сметки сега функционираат нормално.
Оценката за даночната администрација се базира на неколку индикатори. Еден е соодносот на сопствените приходи по жител кој комбинирано ги прикажува фискалниот капацитет и даночниот напор на општината. Кај општина Битола вредноста на овој индикатор е 7.090,6 денари. Сличен индикатор кој се фокусира само на даночните приходи е големината на даночни приходи по жител чија вредност е 1.902,2 денари. Друга варијација се неданочните приходи по жител каде што индикаторот има вредност од 4.392,4 денари.
Интересен показател е износот на даночни приходи по вработен во општинската администрација. Овој индикатор го покажува даночниот напор на општината, односно ефикасноста во наплатата на даночните приходи. Во 2019 година, кај општина Битола, на секој вработен во општинската администрација отпаѓаат по 1,1 милиони денари наплатен приход по основ на данок. Ова е подобра ефикасност во наплатата на даночните приходи во споредба со Прилеп и Тетово.
Друг индикатор е соодносот на реализирани и планирани даночни приходи. Според податоците за 2019 година, реализираните даночни приходи на општина Битола се пониски во однос на планираните даночни приходи за 499,9 милиони денари, или за 24,5 %, што се должи на пониската реализација од планираната кај приходите по основ на трансфери од централната власт за 313,9 милиони денари, кај донациите од странство за 66,7 милиони денари, кај домашното задолжување за 61,6 милиони денари и кај таксите и надоместоците за 52,2 милиони денари. Од друга страна, наплатени се повеќе од планираното приходи од данок на имот за 15,9 милиони денари. Бројот на единици за домување на кои се плаќа данок на имот е 42.335 единици.
(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)










