Пред сè – заедницата мора да ги дефинира сопствените приоритети! Секоја општина е своја приказна, но заедничко за сите е што не може и не смее да функционира по партиски шаблон направен во Скопје, по програма иста за сите општини направена од партијата која е на власт.
Најважно е општината да обезбедува услуги кои не се условени од корумпирани избирачки гласови. Да ги вработува најдобрите и најспособните, а не партиски „најзаслужните“. Локалната самоуправа да не се занимава со „висока политика”, туку со локалните проблеми. Основните потреби на граѓаните на Битола треба да бидат приоритет: каде ќе го фрлаат ѓубрето, каде и како ќе се движат низ градот, дали Општината го обезбедува основното, загарантирано со Устав, право на здрава и безбедна животна средина…
Општина Битола има специфични ресурси за економско јакнење, па мора да ги помогне малите и средни бизниси, особено од областа на угостителството и туризмот. На Битола ѝ требаат реални, секојдневни, остварливи проекти со кои за брзо време граѓаните ќе добијат поквалитетен начин на живот.







