Пред носењето на буџетот, потребно е општината реално да организира јавни расправи за негово креирање.
Идеите, иницијативите кои произлегуваат од граѓанските здруженија, невладини организации, месни и урбани заедници, неформални групи, поединци, претставуваат битен елемент во процесот на донесување одлуки и се од суштинско значење за локалната демократија. Способноста да се убедат граѓаните да имаат доверба во избраните локални функционери претставува главен предуслов за да се воспостават одржливи процеси на демократски реформи. Горливите проблеми на граѓаните на Тетово без разлика на припадноста остануваат исти со децении, а ветувањата нереализирани (проблеми со депонијата, аерозагадувањето, водоснабдувањето, јавниот превоз, проблеми со паркинг-места, лошата урбанизација итн.). Потребно е планирање во кое се нагласува потребата од поголем простор за граѓаните, зеленилото, подобрување на јавниот превоз и на условите за користење на велосипеди, набавка на автобуси и реорганизирање на јавниот превоз, воспоставување на забранети зони за сообраќајот, користење на катни паркиралишта итн. Во таа насока потребни се мерки за зголемување на удобноста на живеењето, воведување нови приоритети во транспортот на граѓаните и намалување на загадувањето.







