Концептот „добро управување“ на локално ниво ги подразбира квалитетот, ефективноста и ефикасноста на општинската администрација и испораката на локалните услуги, квалитетот на локалните јавни политики, процедурите и постапките за донесување одлуки, инклузивноста, транспарентноста и отчетноста, како и начинот на кој се практикува власта на локално ниво.
Општина Тетово има голем застој во однос на транспарентноста и отчетноста како главни принципи на доброто управување, како и застапеноста на граѓаните во донесувањето одлуки. Преку директното вклучување на граѓаните, невладиниот сектор, како и бизнис-заедницата во процесот на креирање на јавните политики, Општина Тетово ќе ги зголеми ефикасноста и транспарентноста во менаџирањето со потребните јавни добра и услуги во интерес на своите граѓани.
Најголемиот предизвик на Општина Тетово останува изнаоѓањето на начин за постепено намалување на големиот број на вработени за кои повеќе од 2/3 од буџетот се одвојува за плати. Поради политички цели и спротивно на интересот на сите граѓани, досегашните градоначалници не се осмелиле на овој зафат досега и никогаш сериозно не работеле на изнаоѓање решение за овој круцијaлен проблем за Општина Тетово. Решавањето на овој проблем во иднина ќе придонесе во издвојувањето на милионски суми од буџетот со кои би се реализирале важни капитални проекти кои ќе бидат од интерес на сите граѓани. Притоа, за подобрување на услугите кон граѓаните, општината мора да воведе систем за контрола, вреднување и мерливост на професионално и отчетно работење на вработените по сектори, како и зајакнување на работата на Општинскиот инспекторат како многу битен фактор за квалитетен живот, квалитетно работење и здрава животна средина.







